Утринско кафе со Стела Бардо: Денот ми почнува со многу смеење
Денот ми почнува со многу смеење и позитивни вибрации. Си ги пуштам Бах, Бетовен и Моцарт (моето свето музичко тројство), потоа следат аеробни вежби, 10 минути само, сметам дека е доволно, а првото утринско кафе, цеден портокал и зелен чај (да, да, многу течности наутро) ги пијам со партнерот (кој обично и ги приготвува, многу е грижлив и внимателен).
Ме мотивира секогаш добра музика, класична по можност… Бранденбуршки концерт бр, 4 во Ге-дур од Бах, но и секоја ДОБРА музичка творба од секој жанр, денот и целиот живот ми е исполнет со музика од првиот ми роденден навака. Се разбира и патување, барем еднаш во месецот.
Секој ден ми е различен…но, примарно креативен и продуктивен. Работата максимално си ја сакам и ме исполнува 100%, и целосно се посветувам на работните обврски како програмски уредник во Метрополис Радио и како Ди Џеј со веќе 30-годишна диџејска кариера. Инаку во подготовки сум на организирање гала журка, некаде кон крајот на септември оваа година, но за тоа дополнително ќе ве известам.
Секој ден ми завршува уште подобро од претходниот, и се обидувам да го задржам таквиот тренд: секој ден го завршувам со резиме дека сум станала за еден атом повеќе подобар човек, и дека сум навистина среќна, исполнета и задоволна од себе и од мојот живот, и секако моите најблиски и најсакани, за кои навистина се чувствувам благословена што се присутни во мојот живот.
Секогаш и во секое време, книга на плажа, добар филм (со добра музика) кога врне, а ТВ серија ако може 2-3 сезони да ги изгледам за еден викенд.