Утринско кафе со Сузана Тодорова: Уживам со луѓето кои ми го разубавуваат денот

Денот ми почнува во 6 часот и 30 минути. Се разбира, прво што правам е моето кафе и цеден сок. Ова ми е неопходно за да почнам да функционирам. Додека го пијам кафето во друштво на мојот сопруг, го правиме планот околу обврските со семејството. 

Денот ми почнува динамично, пред компјутер, со преглед на мојот календар на активности за тековниот ден. Пред се, големо задоволство е да се работи со интернационална компанија како што е „Авон“, светски познат бренд. Мојата позиција вклучува многу активности, како канцелариски, така и теренски. Регрутирање на нови претставници и лидери, тренинг и развој на истите. Да се работи со луѓе од различна возраст, карактерни навики, различен степен на образовани, е навистина голем предизвик. Но со добра огранизација, денот ми почнува и завршува динамично.

Ме мотивираат моите 4 внуци: Андреј, Бојан, Ана и Јована. Тие ми даваат енергија, инспирација и мотивација за секој нареден ден. Секое попладне, кога сум во можност, гледам да го поминам со нив, да се прошетаме во парк или игротека.

Исто така добивам мотивација од позитивни луѓе, кои се амбициозни, креативни и ја знаат својата цел. Знам да испијам и некое кафе со моите пријатели или да заглавам во некој маратонски разговор со луѓе кои ми го разубавуваат денот.

Секогаш сум расположена да прочитам добра книга, кога имам време, или пак да изгледам некој добар филм, иако искрено никогаш не успевам да го изгледам до крај.


(Сузана Тодорова - Менаџер во „Авон“)