Утринско кафе со Светлана Камџијаш: Најважна е зората

Денот на човек кој сака да живее во согласност со ритамот на универзумот, или на човек кој има некаква друга духовна практика почнува порано, а кафето доаѓа подоцна. 

Утрото, како и сè друго во животот, зависи од она што му претходи, од ноќта. Овој универзум работи како огромен, прецизен  часовник. Го следи својот непогрешлив ритам. Различните делови од денот имаат различен тоналитет, различна енергија која е во директна врска со нашиот внатрешен часовник, кој е неодвоив од ритамот на универзумот.  Што се случува ноќе за ние како од мала смрт да станеме свежи, обновени и бодри да го почнеме денот?

Кога сонцето ќе зајде, во човекот се буди едно друго, внатрешно сонце. Тоа грее само додека човекот спие и ги храни сите делови од телото и умот. Го регенерира. Штом изгрее надворешното сонце, внатрешното згаснува. Медицината веќе ја објасни таа појава. Се работи за пиналната жлезда што го лачи хормонот на возобновувањето, која Декарт ја сметал за седиштето на човечката душа (иако, не е така J). Затоа е многу битно да се заспие порано, околу 10 -11. Не велам дека редовно го правам тоа, но гледам да легнам околу 10.30, за да можам да станам рано.

Од сите делови на денот, најлечебна и најважна е зората. Не само како симбол на победа над темнината, туку како чиста енергија. Според  јогата еден саат пред да изгрее сонцето е најдоброто време од денот. Тие 60 минути се наречени„божествени мигови“. Тогаш, ако човек е буден ги прима најдобрите нешта, го успокојува умот и го прочистува духот.

Мигот на самото будење е како стоење на прагот. Во полусонот, пред будењето, се насетува цел еден богат свет... Тоа е како огромно поле во кое можат да се посеат разни семки од нашите мисли и намери, или, како со антена да се примат некои одговори или плодови од несвесното . Во нас има непресушен извор кој е длабоко закопан. Всушност, ние живееме како сиромавиот човек кој не знаел дека под прагот на неговата куќа е закопано големо богатство. Не се ни обидуваме да го откопаме, залажани и заведени од надворешните играчки, потполно занесени во очекувањата од надворешниот свет, забораваме да бараме внатре. Особено штом ќе ги отвориме очите, нè занесуваат предметите и сето она што е околу нас.

Затоа е потребен мал напор. Да не дозволиш веднаш да те понесе струјата. Низ пловидбата на денот да успееш да го зачуваш својот правец и допирот со внатрешното „центрирање“. За таа цел седнувам исправено, со целата свест дека секој човек е реплика на космосот во мало, како системот на холограми во кој една честичка, макар од кој дел и да е, ги содржи сите информации од целината. Откако ќе го воспоставам контактот со себе и ќе се изнадишам светлина, како на бел лист хартија почувам внимателно да го исцртувам денот, да ги обликувам боите  низ непрегледното шаренило.

Вo пoследнo време почнувам со гoлемa шoлјa тoплa лимoнaдa oд половина лимoн сo мaлку рендан џумбир. Чекaм пoлoвинa сaaт вo кoј мoже јaснo дa се oсети кaкo oргaнизмoт се прoчистувa и oсвежувa дo секoјa клеткa. Пoтоа доаѓа магијата на кафето. Околу седум часот низ домот се шири неговата таинствена миризба како некоја нова полетност низ просторот.  Се спремам за работа, а патот до таму ми претставува вистинско задоволство. Со точак поминувам покрај убаво средени дворови, посипани со кокичиња, расцветан рузмарин или дрги мирисни грмушки.

Добрите филмови ги сакам исто колку и добрите книги, тие се посебна храна за духот и затоа треба внимателно да се одбираат. Овој период гледам француски филмови и читам кратки приказни.

* Светлана Камџијаш, професор по филозофија, етика и сететика, автор на неколку филозофски и две поетски книги