Утринско кафе со Жарко Василевски: Денот ми завршува на фарма

Денот ми почнува со гушкање на моите синови Давид и Михаил и сопругата Ирена. По тоа се подготвувам за на работа каде што со моите колеги во „Жан Митрев клиник“ го пиеме првото утринско кафе додека ги договараме работните обврски кои следат. 

Она што секојдневно ме мотивира е љубовта кон блиските и стремежот да се биде подобар од вчера. Тука секако е и природата, универзалните човечки врености кои од ден во ден се се повеќе во криза. Ме мотивира тоа да се покаже преку сопствен пример дека мора да се биде добар човек, тешко е, но мора. Во спротивнпо сите ќе отидеме онаму каде што не треба. Бидете добри без причина и без интерес. Ме мотивира сонцето, месечината, ветарот, дождот, облаците, морето, реката, шумата, планината, животните... Ме мотивира животот комплет, доброто да се ужива а лошото да се победи. 

Како лице кое работи со секторот за маркетинг и односи со јавноста во обврските ми се доста широко распослани. Тие се многубројни, од следење и публикување на социјалните мрежи, профили и страници, поврзани со брендот на клиниката во која работам па се до продуцирање информации, текстови, видео и фото приказни на дел од она што се случува во нашата болница, секако во соработка со моите колеги кои имаат удел во пласирањето успешен производ. Тука секако би ги наброил и контактите со медиумите кои често се интересираат за теми поврзани во медицината но и науката и здравствениот сектор генерално. Новините кои што се воведуваат во клиниката како нови операции, методи, техники и технологија која секојдневно еволуира во светски размери а ние веднаш ја имаме тука во нашата клиника се исто така материјал за мене којшто како информација треба да ја обработам и да ја доближам до обичниот читател, чледач или слушател, пласирана преку официјалната страница на болницата и преку социјалните мрежи и останатите медиуми. Има и други обврски кои што се движат во областа на внатрешна публикација на содржини преку интерниот весник, флаери, каталози посветени на работата на клиниката и нејзиниот прв човек, доктор Жан Митрев.

Денот ми завршува сосема неочекувано за многумина...На фарма. Речиси секој ден батериите ги полнам со природа и тоа на мојата фарма во Ново Село наречена „Наша Фарма“. Тука го правам „заземјувањето“ со цел повторно да воспоставам баланс и да продолжам понатаму. Природата е многу важен сегмент за мене и по семејството би рекол дека се незаменлив дел од мојот живот. Вечерта ја посветувам за семејството. Учење, проверување домашна на Давид, ако има време малку спорт во топлите месеци и на крај повторно гушкање, борење, скокање, брканица и слични „социјални вештини “ со децата. На крај со сопругата со некаков пијалок, во зависност од временскиот период, го затвораме денот. 

Јас обожувам да читам книги а за филмови сум фанатик. До пред неколку години немаше филм кој не сум го гледал, но, и сега кога имам време тоа го правам. Читањето книги ми стана навика уште во основно и средно училиште кога буквално сите препорачани книги ги читав со мерак. Откако станав родител морам да признаам дека имам помалце време и за книги и за филмови, но си велам:  „Наместо да читам и гледам -  пишувам и снимам, сега јас сум во главна улога. “

Пробајте и вие така, незаменливо е. 

* Жарко Василевски – Маркетинг и односи со јавноста во Жан Митрев Клиник