Вакцините од ЕУ пристигнуваат: Еве колку дози добива Македонија
Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, е во посета на Западен Балкан неделава, кога во регионот ќе пристигнат првите вакцини за коронавирус испратени и платени од Европската унија.
Вархеји најпрво ја посети Србија, во понеделник попладне, а во вторник ќе престојува во Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.
Европскиот комесар во среда ќе ги посети Албанија и Косово, соопшти Европската комисија.
За време на посетата на регионот, Вархеи ќе разговара со официјалните лица за одговорот на пандемијата на коронавирусот и поддршката на Европската унија во тој контекст, се наведува во соопштението.
Вархеји рече дека патувал на Западен Балкан за да пренесе „јасна порака дека ЕУ се грижи за партнерите“.
"Патувам на Западен Балкан за да пренесам јасна порака: Ние се грижиме! Ние се грижиме за нашите партнери и се грижиме за нивните здравствени работници и најранливите. Испораката со вакцини ја потврдува нашата континуирана посветеност на поддршката, како што сторивме од избувнувањето. Заедно посилни. “, изјави Вархеји .
Европската комисија и Австрија на 20 април објавија дека 651 000 дози вакцини од компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ ќе бидат доставени во регионот од почетокот на мај до август.
Од овој пакет , за Македонија ќе пристигнат 119 000 вакцини, од вкупно 651.000 дози за цел регион.
Овие дози треба да обезбедат имунизација на сите здравствени работници од првата линија на борбата против коронавирусот и најранливите групи.
Вакцините беа финансирани од фонд од 70 милиони евра, усвоен од Комисијата во декември 2020 година за да се покријат трошоците за набавка и доставување вакцини.
ЕУ дејствуваше одлучно уште од почетокот на пандемијата, мобилизирајќи пакет помош од 3,3 милијарди евра за регионот, наменет веднаш да одговори на здравствената криза, да го ублажи неговото социо-економско влијание и да обезбеди долгорочно закрепнување.
Преку овој пакет, важна опрема како што се маски, респиратори, амбуланти и тестови на коронавирус им беше доставена на партнерите од Западен Балкан на Унијата.
Испораката на вакцини во регионот „е јасен израз на европската солидарност со партнерите од Западен Балкан, чија иднина очигледно лежи во ЕУ“, според Европската комисија.