Валкан образ ни света вода не мие

Добивај вести на Viber

И таман кога помислив дека нештата можеби мааааалку од малку се поместиле, дека сепак има нешто што се нарекува еволуција на умот, се случи смртта на една млада и амбициозна жена која ги извади на виделина сите наши блуеници. Џабе толку зборување за 25 ноември- Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, џабе “16 дена активизам против насилството врз жените”, како симболично поврзување на 25.11 и 10 декември кој е Меѓународен ден на човековите права. Ај што прераната смрт на преубавата млада жена е под чудни околности и во земја во која немаме баш големи ингеренции да бараме детална истрага и правда, туку дополнителен шок и болка за нејзиното семејство беа “креативните” коментари под сите објави на порталите кои осамнаа на социјалните мрежи.

Такви одвратни, понижувачки и изживувачки коментари не сум читала многу одамна. Девојката/жената не беше уште ниту оладена, а експертите за туѓите животи веќе излегоа, секој со својата теорија за тоа каков живот водела жртвата и со свое видување за тоа дали и колку заслужила тоа што и’ се случило. Дали?...и колку?...заслужила една млада личност да почине, сеедно како и под какви околности. И се прашувам колку сме останале нормални за да може со сиот памет да се занимаваме со вакви работи. Колку сме појдени неповратно удолу за да полемизираме, морализираме и критикуваме нечија смрт. Не дали некоја се појавила на забава облечена вака или онака, па како одлични познавачи и на модата (да, сарказам е) да се произнесеме дали била соодветна таквата појава за дадениот настан. Не дали се сликала некоја жена во својот дом, па да се коментира дали вазната во горниот лев агол одговара на парчето тепих во долниот десен агол. Не дали некоја си таму испекла колач, па и’ се коментира глазурата, не нечии чевли, не нечија фризура....иако и сето ова што го наброив не е дека е за коментирање, ама ајде, можам да разберам кога ве чешаат јазиците, па мора да си кажете.

Ама смрт!?

Да се мастурбира на нечија смрт!?

На постирање слики кои се направени со скриншот од нејзин личен профил на инстаграм или ФБ, зачинето со зајадливи и гнасни коментари. Да се вртат слики од нејзини бизнис средби за да се биде што е можно поодвратен, како да се работи за натпревар. Да се мастурбира на смрт, било чија и без оглед под какви околности случена е одраз на нечовечност. И едни исти десетина ликови беа присутни како коментатори на сите портали. Да, едни исти...десетина. Претежно мажи, чија некрофилија вреска од секој збор и неколку жени, од кои се срамам што сум жена.

И по којзнае кој пат, додека ми се собираше горчина и стегање во градите, помислив само колку поган народ сме. Помислив на тоа дека многумина од нас имаат женски деца кои секако ќе заминат некаде надвор оти оваа држава е мајка на 5-6 фамилии, а е маќеа на сите останати. Помислив на тоа дека после нивното заминување никогаш нема да имаме мирен сон и да сме раат, оти чедата ќе ни бидат далеку. Помислив на тоа дека секој телефонски повик во ниедно време, ќе ни носи згрченост додека не слушнеме дека се’ е во ред и дека ни се јавиле оти ете така им дошло, само да не’ слушнат.

И за да бидат нештата поинтересни, една наша ИНФЛУЕНСЕРКА (напишано е вака, оти многумина имаат навика да се спрдачат со називот, па со големи букви да го остават само делот ”серка” проследено со шугави “хехенца”... а оваа жена никогаш, ама баш никогаш не ја злоупотребила својата влијателност, туку напротив, секогаш го имала на дело она што сите го зборуваме, а ретко која го применува во реалноста...ЖЕНА ЗА ЖЕНА), која патем речено ја обожувам затоа што не само што нема влакна на јазикот, туку е храбра и своја и спремна како бумеранг да ви ги сплеска назад сите валканици со кои ќе ги угостите жените, реши да го возврати ударот.

Ах, замислете само каква дрскост од нејзина страна (сарказам, втор дел) да одбере еден женски профил кој се бави со плукање на останатите жени и да го презентира јавно, без грам навреда, без етикетирање. Само со јавно изнесување на се’ што дотичната жена се дрзнала да кажува за другите жени. Еднаш и фактички да се покаже како тоа изгледа од другата страна. Како изгледа кога вашите слики се користени за потсмевање, потпалување омраза, шеретски опаски кои преминуваат во своевидно меѓусебно поттикнување на уште поголемо блуење.

И да, се има случено да ми земат слика од една моја промоција и да си ја стават кај себе на профил (демек да се коментира за тоа кои ми биле пријатели, оти и тоа е дел од туѓата грижа за вас), а притоа да има и коментари за моите гради (и од мажи и од жени), при што креаторот на постот не зуцна ни збор за сексистичките навреди.

Така, погоре споменатата ИНФЛУЕНСЕРКА-ЖЕНА-ЗМЕЈ-ЛАВИЦА и пластично покажа колку и како е сеедно да се најдете од другата страна и како тоа може да влијае на вашиот живот. Она што беше интересно, беше дека особата која првично си сакаше да си коментира за другите жени беше толку погодена, што се спомнуваа и тужби. Ма немој! Боли, м? Неееееее, не боли кога се прави на другите, ама боли кога сте вие целта во која се насочени стрелите од острите јазици.

Боли, нели? Мене ме болеше кога читав за моите гради и ми идеше да пратам скриншотови на жените на оние кои коментираа, ама не го сторив тоа. Сега би играла поинаку, секако со правна поткрепеност. Сега, никому веќе не останувам должна оти во оваа држава да си питом е исто што и глупав, да си коректен значи дека си без’рбетник. Во оваа држава, во која секој може јавно да напише што сака за секого и да нема последици, и најпитомите имаат лимити. И достигнати се.

Во тек се постите кои никогаш не сум ги практикувала и за кои знам само оти мајка ми ми кажа во неврзан муабет. Во текот на постите, многумина си ја испоганија и устата и душата. И не, нема да ве испере постењето, па макар постеле уште 3 месеци. Нема ни причестувањето да ве испере од гревот дека сте биле злобни. И цели да влезете да се избањате во света вода, нема да ви помогне што сте биле нелуѓе кон жената која е мртва, кон жените за кои дробите кај ќе стасате и колку ќе стасате, кон луѓето врз чии души сте стапнале.

Ништо не сте разбрале од верата и од Библијата, ништо! И пред да ставате икони и АМИН во постовите со кои ќе го преплавите ФБ за Божиќ, подзавртете се наназад за да си видите реално колку сте грешеле и кому. А и зошто. Оти да се греши од незнаење и случајност е едно, а да се греши од злоба и од потреба да се повредува е сосем друго.

“САКАЈ ГО БЛИЖНИОТ СВОЈ КАКО ШТО СЕ САКАШ СЕБЕ”... едно време ми беше светлина и надеж дека ќе е поарно, а сега само ме поразува фактот дека дури ни сами себе не се сакаме.

Денес нема да ви кажам “да сте ми живи и здрави”, туку ќе ве замолам да почнете да реагирате на секоја неправда, кон вас и кон оние кои не ги познавате... не со лајк, туку со дело, со глас. Додека не сосечеме во корен, нема никојпат да се сменат работите. Време е...ако веќе не е предоцна!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Велат оти водата измива се’

Освен образ извалкан

И душа во која грев спие

Ете така велат

Оти ниту вода осветена

Та и од три попа пеена

Не може поганштината

Од чоека да ја истај

Ако образот од лаги нечист му е

Или на душа од лошотилак

Думи црни му се напластиле

И џабе сите извори на светов

Џабе свеќа запалена и молитви редени

Пред олтар колена до крв издраскани

Ако чоек од зло подалеку не гледа

И ако злото во него дом си нашло

Има убај и со светлина полни луѓе

Кои чиста мисла имаат

И чија арнина од очите блика

Чија рака е со дланка накај небото

За да дадат без да бараат

И од давањето среќата ја црпат

Ама ете ниту в црква одат

Ниту молитви знаат

Та има и од оние другите

Кои името господово

В уста на секое го пикаат

И кои покорни се само онаму

На чии градби крстој има

Ама пусто огледало им црнеј

Од ликот што темен ко земја им е

И очите ко дупки полни ѓубришта

Устата пелин а јазикот меч остар

Кои со двете раце од водата осветена

Алчно на лице плискаат

Оти така начуле дека треба

Кои не веруваат во вистината

И кои светлината во ноќ ја престоруваат

Та мислат оти сиот грев со водата

Од образот и душата ќе го исперат

Во ова време кое се’ појќе на невреме личи

Има луѓе вакви и онакви

Оние кои веруваат во убост

И оние на кои убоста и да им ја нацрташ

Нема никогаш да ја видат

Тие првите од Бога допрени се

Оти да си арен е дар

И ними не им треба грев да им се прости

Оти гревој немаат

А до нив се оние на кои и домашните

Грбот им го завртеле

Оти ништо арно од нив не виделе

Та бараат прошка која ќе ја плукнат

Оти водата

Па дури и онаа која Бог со милост ја сторил света

Не може да ја измие клетвата

Која со себе од раѓање ја носат

Во кал цел живот да се прпелкаат

Од кал да живеат

Во кал да се сторат...амин