Вампири на модерното време

Добивај вести на Viber

Ви текнува колку имавме уплав од филмовите со Дракула кога бевме деца? Мене отсекогаш ми биле предизвик, ем сакав да се плашам (што ти е ум на дете кога стравот е сладок), ем ми беше траума и подзамижував, ама не скроз оти сакав да го начекам моментот кога ги зариваше забите во вратот на жртвата. Патем речено, ден-денес кога гледам хорор филмови со ќерка ми, страшните сцени ги гледам низ прсти или што би се рекло, уште реагирам како пред 40-тина години. Нејсе, кога бев мала Дракула ми беше број 1 тригер за страшни филмови, крвави сцени и пусти страв да се појде и до тоалет на мочање (сум трпела до сабајлината, со болки во стомак). Па после сонувај глупости, па скокај на сред ноќ со срцебиење и ветување пред сама себе дека “никогаш повеќе” до следниот филм. И не само што ги гледав, туку ги гледав ноќно време оти не е финта да се гледа хорор филм наутро.

После, низ текот на годините филмската индустрија почна да аздисува малку со што стана модерно Дракула да се прикажува на романтичен начин. Тогаш отпочна ерата во која “лошите момци” беа уствари несфатени бунтовници со нежно срце и стана тренд ние жените да воздивнуваме по грубијани наместо по фини момчиња кои за разлика од овие првите, никогаш не би ни го скршиле срцето. Што паломи имам истрошено заради таа заблуда дека “не е тој лош, само надворешноста му е таква....инаку има срце-планина”, што може една едиција од марамчињата да се нарече по мене “Ана-од наивна до глупава, малку има”. Колку сме муабетеле со другарките за некој таков фуј дечко кој навистина бил фуј, ама ние сме го идеализирале и сме му придавале особини кои ги нема оти нели, несфатен бил.

И за разлика од филмовите, во кои секогаш го препознавате вампирот по неколку значајни карактеристики (обврзниот ковчег за спиење, шилестите песјаци и лилјаците), во секојдневниот живот среќавате луѓе кои се за одбегнување, ама ви се закачуваат како крлежи. Емоционалните цицачи, или вампирите на модерното време немаат ковчег во кој спијат, немаат шилести песјаци, не стравуваат од сонце и света вода, а и не се претвораат во лилјаци. Тие се обични луѓе, како мене и како вас, ги прават истите работи кои ги правиме сите и нанесуваат штета поголема од 300мл испиена крв. Тие се оние кои ви ја цицаат енергијата и душата со сламка и кои се толку вешти во прикривањето што дури сфатите оти сте исцедени, тие веќе си нашле нова жртва. Проблемот е што после треба време за да се исчистите од нивното присуство во вашиот живот, да извадите се’ од себе што метастазирало од нивното влијание, да зацелите (а зацелувањето не оди баш брзо и едноставно) и да продолжите напред. Секако, со надеж дека сте пропатиле доволно за да ги држите очите и интуицијата отворени и да ги препознаете со време, односно да не зацапате повторно во истата грешка која ве чинела многу скапо.

Најинтересно во сето ова е што емоционалните (и енергетските) вампири, имаат неверојатно изострено сетило да намирисаат особи кои ќе им бидат емоционални вреќи за боксување. Скоро и да е фасцинантно колку никогаш не се лепат за такви како себе, туку ќе најдат некои наивни и чувствителни луѓе со мек карактер, емпатични и секогаш со желба да помогнат некому. И ако сте такви, тогаш просто сте неодоливи за вампирите на модерното време кои во вас гледаат десерт со кој ќе се гоштеваат додека можат, односно, додека им дозволите. Страшно е што заради вашата природа и карактер немате ниту оддалеку претстава дека сами им дозволувате да ви ја трујат душата. Емоционалните вампири се некако многу допадливи и брзо ги пуштате во вашиот живот, без задршка и без да ги гледате знаците кои укажуваат на тоа дека сте во опасност. Дури, ми се чинело дека некаде мора да постои училиште во кое учат како да ви се пикнат под кожа и кога веќе стекнав доволно големо искуство низ годините за да можам да реагирам навреме, научив и да ги приметувам порано. Сега веќе со доза на гадење реагирам на секое “ако ме сакаш, тогаш.....”, “заради тебе...”, ”ако не знаеш зошто сум лут/а, тогаш...”, ”никој не ме разбира” и варијации на тема манипулација со вашите емоции, мисли, ставови.

Да си знаете ко Оче наш дека емоционалните вампири можат да си го хранат своето его само и исклучиво доколку ве направат плашливи, несигурни во себе, сомничави кон се’ што ве опкружува. Покрај нив, се чувствувате дека не вредите доволно и дека тие ве дефинираат кои сте и какви сте. Манипулаторската игрица во која жртвата сте само вие, иако не ретко емоционалните вампири играат на картата да се преправаат дека тие се жртва а вие сте џелат, станува начин како да бидете под нивна контрола.

Кога одев на трансакциона анализа на времето, една од работите кои ги учевме беше како да кажеме НЕ.

НЕ за луѓе кои се тука само кога имаат потреба од вас.

НЕ за партнер кој е се’ освен ПАРТНЕР (поддршка, почит и љубов).

НЕ за било кој што од вас директно или индиректно ќе бара да се ставите себеси во втор план и тоа само заради тоа што така им се ќефнало.

НЕ за сите кои прават да се чувствувате осамено, засрамено, понижено, изманипулирано.

НЕ за луѓето кои мислат дека е во ред да ве навредат или повредат, а кои први ќе ви ископаат очи ако кажете нешто што нив би ги чепнало.

НЕ за роднини и пријатели кои мислат дека можат во било кое време да ве окупираат со себе за да ви се жалат за се’ и сешто, притоа не прифаќајќи никаква сугестија за решавање на проблемот.

НЕ за било кој што не знае да ги почитува вашите желби и потреби, намалувајќи им ја вредноста за сметка на сопствена себичност.

Да научи човек да кажува НЕ е најздравата работа од која ќе има придобивки во текот на целиот живот. Така, не само што ќе се заштитетите, туку ќе создадете и енергетско поле околу себе кое ќе ги одбива сите кои би се осмелиле насилно да ви влезат во животот само за да ви го направат пекол. И не игнорирајте она што ви е пред нос. Не замижувајте ако нешто ви се гледа чудно или неубаво, интуицијата ретко знае да излаже. Не се убедувајте себеси дека ви се причинува оти сте злоупотребени или изманипулирани, само затоа што вие не го правите тоа на другите. Ќе се изненадите премногу кога ќе сфатите со колку емоционални вампири доаѓате секојдневно во контакт. Чивајте си ја душата и менталното здравје, си требате сами на себе, им требате на оние кои се како вас...кои даваат и кои не мерат на кантар.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Никому да не бидиш чоек-отров

Никого да не поболваш во душата и во умот

Оти на чоека душата ко ќе му оболи

Лек не се наоѓа ни под дрво ни под камен

Ќе му црнеј

Ќе му изгние

Ко јаболко забораено на астал

Така душата чоечка гние

Полека

Скоро и да не можиш да приметиш

Дур еден ден не се стопи ко свеќа

Та после ќе речат абе од срцето му било

Така си појде од овај свет

Ами да

Aма не од болест за која иљач има

Туку од болест која разјадува без да сетиш

Која денот ти го затемнува

А ноќта ја прај полна стравој

Која без сон те остава

И после пикај храна во себе ко улав

Ама ништо на снагата не ти се фаќа

И смеј се ко будала

Ама радост во срцето немаш

Никому

Ама никому да не бидиш чоек-отров

Ако не си за некого-пушти го

Не му го запирај саатот во градите

Не си играј со чоечка судбина

Оти поголем никој не е од животот

Освен смртта која доаѓа ко е пишана

Ниту да дајш пак некому моќ за отров да ти биди

Да ти го снеможи телото

Болести да те навјасаат

Умот од мисли да те боли

И да те притиска дишењето ко кузнај шо напор е

Да не даваш никому да те убива со лажна надеж и љубов

Со отровни зборој кои ќе ги затскрие со мирис на цимет и мед

Со празни реченици за голема љубов

Зад кои нема дела, ниту пак сила

Да ми си најдиш пиле чоек-лек

За со него да се смејш

Абе душата да ти игра од радост ко ќе го опулиш

И рацете сами накај него да ти итаат

Телото да ми ти го сака

А умот да ти вези убајни покрај него

Да ти се прелева љубовта од очите

Таков чоек да си и ти некому

И таков чоек дома да пуштиш

Кој ќе ти го светни домот

И во него спокој ќе ти дојси

Кој од едното, ќе знај две да стори

Од ништото-нешто

И во тишина ќе ти зборва

А ти ќе знајш да му ги чуеш зборојте

Чоек-лек

Таквиот да го најдиш

Тој пиле

Само тој ќе знај да те сака

Ама онака ко шо ти треба за да си среќна

И само на оној шо ти чоек-лек ќе му бидиш

Ќе можиш да го љубиш

Од лекот-лек да прајте

За да ви трае

За убо

За љубов

За среќа

За живот пиле...за живот