Ване Маркоски: Внатрешниот глас ме одведе во вистинска насока

Добивај вести на Viber

По пет години поминати во Канал 5 ТВ, водителот Ване Маркоски вели дека одлучил оти токму годинава е дојдено времето за прoмена. Ване е среќен за новиот предизвик, утринското дружење со гледачите на МТВ 1. Ване сега е дел од екипата на утринската програма „Македонија наутро“.

„Поодамна имав желба да бидам дел од јавниот сервис. Годинава одлучив дека е дојдено времето за промена. Знаев дека ќе се случи, само не знаев точно кога. Потоа некако се поклопија коцките и еве сум сега во “Македонија наутро”, утринската на МТВ 1 и плус во радио 2. Нова средина, искуства, луѓе, професионалци од кои може да продолжам да учам, да напредувам.... Со оваа идеја пристапив на желбата за промена“, ни раскажа Ване за своето тазе искуство и одлуката која не дошла преку ноќ.

„Од Канал 5 носам само убави спомени од изминатите 5 години. Работевме доста, веруваа во мене и токму тој медиум беше оној кој најмногу направи за да ја погледнам оваа работа од агол на љубов и гледачите подобро да ме запознаат. Од таму добив голема поддршка, доверба, многу проекти и таа ТВ секогаш ќе ми биде во срцето и душат“, вели Ване.

Во претходната телевизија, тој  работел со прекрасни луѓе и тим од кој можело да се научи доста, но и промените се секогаш добредојдени.

„Секогаш го слушам внатрешниот глас и знам дека тоа ме води во вистинската насока. Промените годат навистина и ги охрабрувам сите да ги практикуваат. Секако дека имаше и потешкотии целиот овој период кога требаше да ја донесам одлуката. Не е лесно. Одлука, нова средина, страв, трема, ама ако се издигнеш над сè, со искреност и си ја гледаш својата работа, без да наштетуваш на некој, тогаш сè си доаѓа на место“, ни раскажа Ване.

Својата животна филозофија и нештата кои од искуство ги научил, тој ги раскажа во претходно интервју за Женски магазин:

„Отсекогаш сѐ нешто сум очекувал. Ајде да се случи ова, па ова и да почнам да живеам. Ќе дојде и ќе помине тоа што си го очекувал, а после некое време сфаќаш дека “проблемите” не исчезнале. Тие се тука, само биле прикриени привремено. Се навраќаш со спомените на некои убави моменти споделени со твои блиски, каде што имало и часови недоразбирања и караници и си викаш: Зошто? Па едноставно е. Во нашата човечка природа е да не знаеме да сме благодарни на универзумот за тоа што го имаме во моментов, за тие мали нешта по кои некогаш ќе жалиме. Поминав турбулентен период, но не за џабе велат, сѐ е за арно, ако ти така го сфатиш и прифатиш тоа, па затоа сега сум благодарен не на секој нов ден, туку на секоја нова секунда од животот, на секоја нова промена, на сѐ што ми се случува“.

М. Џаровска