Вечерва ќе спиеме еден час повеќе: Почнува зимското сметање на времето
Оваа ноќ во 3 часот завршува летното сметање на времето и почнува зимското, при што со поместување на часовникот за еден час наназад времето во 3:00 часот ќе се смета како 2:00 часот, информира Бирото за метрологија.
Стрелките вечерва ќе се поместат и во земјите на Европа, каде што, пак, неодамна е усвоена одлуката да се укине промената на времето, според која, последното поместување на стрелките ќе се случи во октомври следната година. Според предлогот, секоја членка на ЕУ до април 2019 година треба да одлучи дали ќе остане во зимско или летно сметање на времето. Последно задолжително поместување на времето на летно сметање ќе биде на 31 март 2019 година, а членките што сакаат да се вратат на зимското сметање на времето би можело тоа да го направат уште еднаш на 27 октомври 2019 година.
Македонија го следи процесот и по усвојување на предлог-директивата претстои усогласување на националното законодавтво на РМ и определување на начинот на транспонирање на директивата.
Причина за поведување на иницијативата во европските земји за укинување на промената на времето беа негативните последици по човековото здравје, земјоделството и безбедноста во сообраќајот. Една анкета покажа дека 84 проценти од испитаниците Европејци не сакаат да им се поместуваат стрелките на часовникот.
Преминот од летно во зимско време првпат е забележан во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега е воведен во околу 70 држави, главно на северната хемисфера.