Вечерва концерт на Боб Џејмс трио во Македонска филхармонија
Култниот музичар, композитор и продуцент Боб Џејмс пристигна во Скопје, каде вечерва со почеток во 19.30 часот ќе настапи во Македонската филхармонија заедно со Michael Palazzolo на бас и Patrick Williams на тапани. Светската музичка критика го дефинираше овој пијанист како таткото на смут џезот, а одличен доказ за тоа е неговата вонвременска музика, над 50 издадени албуми продадени во милионски тиражи и неколку освоени Греми награди. Вистински куриозитет е што многу негови познати нумериимаат извршено длабоко влијание врз хип хоп музиката, особено онаа од 80те и 90те години, така што многу семплови од негови препознатливи нумери ги имаат превземено познатите хипхопери како Run – D.M.C., Eric B. & Rakim, LL Cool J, DJ Jazzy Jeff, Beastie Boys...
Концертната агенција и продукција 3 Гонга, ексклузивно го најави гостувањето на овој светскиот мајстор на смут џезот, кој вечерва ќе настапи со неговото трио.
За неговиот три дневен престој во Скопје имаше можност вчеравечер да присуствува и на концертна свирка на македонскиот бенд „Кабадајас“ во клуб ресторанот МКЦ и да се запознае со дел од скопската музичка сцена, онаа во публиката и онаа на сцената.
„Минатата година настапував во Охрид со мојот бенд Форплеј. И навистина уживав во градот, за време на концертот и во гостопримливоста на луѓето. Еве ме сега во главниот град на вашата земја. Имам кусо време, но доволно за уште еднаш да се уверувам дека ова е прекрасна земја и луѓе со многу вкус, умешност и знаење за музиката. Нетрпелив сум вечерва да настапам со моето трио во Македонската филхармонија. Па, се гледаме таму...“ вели Боб Џејмс.
Џејмс уште на 4 годишна возраст научил да свири пијано. Но, неговиот неприкосновен талент го открива подоцна Квинси Џонс, додека Џејмс студирал музика на прочуениот Беркли колеџ во Бостон. Во тоа време, Боб Џејмс имал свој бенд со кој музицирале фри џез и на натпреварот, каде Квинси Џонс бил во жири комисијата, џез бендот не само што ја освоил првата награда, туку за кусо време Џонс му договора на Боб Џејмс да го издаде својот прв албум за Mercury Records, кој бил продуциран од самиот Квинси. Овој албум бил многу поразличен од смут џезот по кој подоцна станува прочуен во светот Боб Џејмс.
Овој извонреден музичар го продолжува своето музичко патешествие како соло артист, кој постојано колаборирал со звучни светски имиња од музичката сцена. Од повеќе номинации добитник е на неколку Греми награди, а во 1990 година тој го формира својот квартет за современ џез Форплеј (Fourplay). Во 2015 година квартетот одбележа 25 години од своето постоење, во меѓувреме имаат издадено преку 10 тина албуми со милионски тиражи и имаат настапувано буквално низ сите континети од светот.
Денес тој настапува низ целиот свет со своето трио и неговиот концертен настап во Скопје е дел од неговата голема светска турнеја.