Вера Надеж Љубов

Добивај вести на Viber

Имам 33 години. Имав 3 големи љубови досега во мојов живот. Сите три ме направија поголем човек од себе, последната најмногу. Три пати вратив веренички прстен, а според народното шансите ми се прокоцкани. Сите три ме променија, последната најмногу. Со сите три пораснав за едно погоре, последната најмногу. За сите тројца можам да ви кажам само најпрекрасни работи, а се повредувавме до неповрат. Со ненормална количина на болка, се сакавме без граници и без компромиси. Последната најмногу. Секоја посебна и волшебна за себе, секој од нив магичен партнер од кого иако губиш, добиваш многу повеќе. Во сите три врски се менував, и физички и карактерно. Во последната најмногу. Сите тројца сѐ уште ги сакам, до ден денешен, дека научив да го засакам човекот позади партнерот, последниот најмногу. Дека сфатив што е најважно во животов, да бидеш поголем човек од сопствените потреби. Од себичната цел за себе реализација, го бутаме партнерот во очај, од лични слепи одлуки, ја менуваме заедницата и од целина правиме две. Две битија кои се борат со современиве стеги на општествени очекувања и семејни нереализирани идеали. Од очекувања на родители за своите деца, кои немаат допирна точка со реалноста на желбите, од потребите на околината за парот, а не од целите си патиме. И се повредуваме до бескрај.

Во оној момент кога сфатив дека го сакам толку многу што не можам повеќе да го уништувам со лични амбиции, го пуштив. Тогаш сфатив колку навистина го сакам, и колку сум јас тешка за некој да биде покрај мене. Со сите мои патишта за одење, со се што влечам со себе, сите товари, сите лични болки, цел мој свет на премногу, јас го повлеков надолу. И сфатив дека морам да го пуштам, дека бескрајно го сакам. А кога некого сакаш не смееш да го оставиш да пати. Ако не можеш да му помогнеш мора да го пуштиш. Така е за детето, така е за пријателот, така е за миленичето, па бре дури и за еден обичен кактус. Дека кога сакаш, онака од срце со секој свој молекул, мора да пуштиш. Сите големи љубови во сите светски романи, завршуваат трагично. Во реалноста, можеме да се спасиме. И себе, и него. Заради тоа сме луѓе.

Секој ден сум опкружена со тоа што не чини. Мое е да го променам. Да го претворам во тоа што вреди и во она за кое треба да се живее. Ако веруваш, постои, ако станеш, ако почнеш да одиш, ќе стигнеш, а ако сакаш, бескрајно ќе бидеш сакан. Постојано слушам како е тешко, не може, не чини, нема да се случи, НЕМА..

ИМА, се има! Имаме љубов за милион вредни љубови за памтење, не постојат број на шанси по глава, се е тоа измислено за да се плашиме да живееме. Пет века сме биле под Турско Ропство, вродено ни е во ДНК да се покориме и помириме. Секоја единка има љубов да помести планина, да промени нечиј живот, да создаде нов живот, да постави цели за себе и оние кои ги љуби и да ги оствари. Дека со волја се живее, болен човек ако реши да легне и да се предаде, ќе умре. Ама ако стане, ако се бори со последната капка живот во себе против цело зло кое го навасало, ќе оздраве. Дека вербата не станува од кревет секое утро, дека љубовта не тера да го истераме денот со насмевка, дека надешта не носи на најнеочекувани и најмагични места на светот.

За ниту една одлука не се каам. Јас знам колку болка има, и ако треба да бирам, би ја поминала пак. Затоа што убавото покрај таа болка, ме натера да бидам помоќна за себе, подобра за себе, комплетна, со цел, со Вера, Надеж и Љубов. Не го заборавајте овој наш празник, не славете туѓи. Затворете ги очите и помислете на оној кого го сакате најмногу на светот. Не е важно дали е покрај вас, не е важно дали е жив, дали сте заедно или не, помислете само на љубовта која расте во вас кога се сеќавате на него. Задржете го тоа чувство во текот на целиот ден, и ќе добиете безобразна сила да направите непромислено добри работи, за себе пред се, а потоа за сите околу вас. Научете како да се сакате себе си, физички, психички, и ќе бидете способни да го промените целиот свет околу себе. И ќе престанете да ги повредувате оние кои ги сакате повеќе од воздухот кои го дишете, нема да ги врзувате за себични цели, ќе им дадете простор за вистинска безусловна љубов. Само така се расте. Само така се остава простор за правиот партнер да се случи во право време, и да направите вредна заедница, без компромис, со многу Вера, Надеж и Љубов.

Јас сум Ивана Кнез, Д. Ова е за тебе, за цела Љубов што ми ја даде и ме направи поголем човек.

Се читаме следната недела.