Вториот ден од Skopje Street Music Festival понуди една сосем нова приказна за посетителите. На три локации во градот се изведуваше музика од различен жанр. Музичкото патување го започна перкусионистот Антоние Весковски со својот вибрафон, во паркот со авиончето во Аеродром.
Со својата изведба, карактеристична по високата музикалност, која се чувствува во динамичките фразирања во секоја композиција, соодветната промена на карактерот која беспрекорно ја доловува како реализација на замислата на авторот, Елена Чадиковска музицираше на ксилофон, придружувана од Бојан Гичев, на гитара.
„Вибрафонот и ксилофонот како инструменти многу ретко се поставуваат на отворен простор. Звукот кој излегува со секое удирање како и нивниот изглед побудија огромен интерес кај публиката“- вели Ана Пандевска, музички селектор на фестивалот. „Токму тоа и ни беше целта при изборот на изведувачите. На публиката да и понудиме нешто поразлично од тоа што е навикната секојдневно да го слуша и гледа“- додава таа.
Четирите девојки од гудачкиот квартет- мали камерни состави на Пламенка Трајковска, на платото пред Универзална сала, им понудија на посетителите една поинаква изведба на музиката од „Лебедово Езеро“, „Четири годишни времиња“, па се до „Хепи“. По нив настапи рок бендот „BandOFF“, кои изведоа преработки на најголемите рок хитови.
Членовите на „AniKinorQuartet“, на плоштадот Скендер- бег се претставија со дел од својата програма од сефардска музика, која многу ретко може да се слушне кај нас. Програмата од вториот ден на фестивалот ја затвори Тони Пецанов, со својот бандонеон, оставајќи ја публиката со силни позитивни вибрации.
Skopje Street Music Festival продолжува и денес, во Градски парк, на плоштад Македонија и на Боемска улица. Настапуваат: Дуња Иванова, PezzanovPiazzolla Project, Пеперминт, Fighting Windmills, BojanaFabel Jazz Trio и Nexttosilence.
Ко-организатор на фестивалот е Конгресен центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.
Повеќе информации за фестивалот се достапни на www.skopjestreetmusicfestival.com.