(ВИДЕО) Камилоски со нов сингл докажа дека и поп стилот добро му стои!
“Да си моја ти” е петта авторска песна на Павле Камилоски отпеана во модерен поп стил со примеси на фанк. Неговиот извонреден шарм и сензуалноста на балерината Никита во новиот спот на Павле искочија на неговиот youtube канал попладнево.
Естрадниот артист Камилоски, некогаш препознатлив по боса нова стилот, во изминативе неколку години ужива да експериментира со различни сродни стилови во музиката преку кои ја раскажува динамиката на неговиот живот. Она што е неминовно и заедничко за музиката која тој ја создава е дека таа секогаш поттикнува силни емоции.
Емоцијата во текстот на “Да си моја ти” ја пишува талентираната и извонредна уметница Наташа Миха, која се појавува како придружен вокал, а воедно заедно со продуцентот и гитарист Дамир Пух ја аранжира и хармоничната мелодија. Павле за Александар Ристовски Принц вели дека се добитен спој на енергии и “Принц во буквална смисла го зборува мојот јазик и со леснотија го продуцира она кое што јас го чувствувам.”
Сензацијата во спотот ја носи балерината Никита Саботковска, a голем дел од спотот е направен во Галичник, местото кое е извор на инспирација на Павле и корен на неговото потекло.
“Mојот прекрасен Галичник прикажан преку нежноста и елеганцијата на Никита никогаш не изгледал поубаво” вели тој.
Инаку, Камилоски е познат по неговите предновогодишни концерти кои ја будат магијата во публиката. Оваа година концертот е закажан во МНТ на 15-ти декември со почеток во 20 часот.