(ВИДЕО) Музиката на Крстe Роџевски во новиот филм на Манчевски

Добивај вести на Viber

Познатиот македонски музичар кој живее и работи во Њујорк, Крстe Роџевски, го објави спотот за Ladybug, тема од актуелниот петти игран филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“. Песната е дел од проектот Bitter almonds кој Роџевски го промовира во САД на почетокот од 2017 година. Две од песните се дел од саундтракот, а нашиот реномиран режисер е потпишан и како дизајнер на насловната страница на албумот. 

- Секоја песна е раскажана вистина, конфликт на внатрешниот живот и нашите меѓусебни релации – порача во една прилика Роџевски. 


И на овој материјал тој го комбинира македонското фолклорно и лирско наследство со повеќе музички правци, од боса нова и авангарден поп, до експериментален рок и фриџез-импровизација. Овојпат во тимот ги вклучи Мери Халверсон на електрична гитара, Тејлор Хо Бајнум на корнет, Крис Спид на тенор-саксофон, Томека Реид на чело, Мајкл Бланко на контрабас и Томас Фуџивара на тапани.

Објавата Bitter almonds е вториот албум од трилогијата Apoptosis. Првото издание „Батанија“  доби одлични критики и рецензии во повеќе светски музички списанија и интернет-портали.  Материјалот снимен во Бруклин го претстави Роџевски како комплетен автор, гитарист и пејач, придружен од некои од највозбудливите музичари на њујоршката џез и импро сцена. Тој веќе го има концептот и за третиот албум со работен наслов The rabbit and the fallen sycamore. 

Крстe е роден и израснат во Битола, а од 1998 година живее и работи во Њујорк. Македонската јавност имаше можност да ги слушне неговите вокални способности на концертната турнеја на Дуке Бојаџиев, насловена „Сон, верба, љубов“.