ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанал евергринот „Моја гитара“ ?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„МОЈА ГИТАРА“ (БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД)
Евергрин на „Банкрот блуз бенд“, состав во кој членуваа Петар Ренџов, Сашо Гигов-Гиш и Игор Атанасовски-Харе. Песната настанала 1991, а следната година премиерно е отпеана на „Макфест“. Ренџов кој е автор на нумерата, во интервју за „Дневник“ раскажа дека темата преживеала многу интересни моменти. Покојниот композитор и текстописец Владимир Нејашмиќ-Бато во 1990 година му се јавил на Ренџов и му кажал дека има многу убава тема што требало да ја сними Ирена Павлова де Одорико која во тоа време експериментирала со босановата. Кога Бато му ја отсвирил, на Ренџов особен впечаток му оставиле токму стиховите „Моја, ти си гитара“. Ирена никогаш не ја снимила песната, па по една година Ренџов врз основа на текстот направил нова музика за истата композиција.
- Бато ја слушна музиката, му се допадна и направи сосема нов текст, а од стариот остана само „Моја, ти си гитара“. На самото снимање се случи да додадеме уште еден дел, за кој текстот го напиша Гиш. Тоа е последната строфа на нумерата. Целата идеја за песната практично е на Бато, музиката ја преправив јас и во авторството на песната, кога го запишавме, стои дека јас сум композитор, коавтор е Бато, текстот е на Бато, а коавтор е Гиш - откри Ренџовза „Дневник“.
Аранжманот на „Моја гитара“ е на Мите Димовски.