Vip и ФИНКИ стапуваат во официјална соработка
Телекомуникациската компанија Vip и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) потпишаа договор за меѓусебна соработка на научно- истражувачки, развојни и образовни проекти за уште поголем ангажман од двете страни во унапредувањето на знаењето и достигнувањата во областа на информатичките технологии.
Со овој договор студентите на ФИНКИ добиваат можност за работа на заеднички проекти со цел унапредување на стекнатото знаење од стручните предмети и нивна подготовка за извршување на работни задачи од областа на информатичката технологија. Од друга страна, вработените во Vip во одделите за техника и информатика добиваат можност за размена на искуства и знаења на научно – истражувачки проекти со наставниот кадар на ФИНКИ.
“Како компанија која постојано вложува во општеството, Vip уште еднаш ја потврдува својата заложба за поддршка на студентите и важноста за стекнување практични и нови знаења и вештини. Нашето задоволство е уште поголемо што на студентите ќе им овозможиме да ги унапредат стекнатите знаења низ стручна пракса и со тоа ќе ја продолжиме добрата соработка со ФИНКИ. Веруваме дека искуството што студентите ќе го стекнат во компанија како Vip која е дел од А1 Телеком Австрија Групацијата ќе биде од непроценлива важност за нивниот понатамошен професионален развој. ”, рече Божидар Полдругац, директор на техника во Vip на чинот на потпишувањето на договорот.
“Денеска потпишаниот договор ја заокружува долгогодишната соработка помеѓу ФИНКИ и Vip и уште еднаш ја потврдуваме нашата определба што овојпат освен за задолжителна пракса на студентите се однесува и на меѓусебна размена на стручното знаење со инженерите во Vip. Уверени сме дека студентите ќе добијат можност да соработуваат со експерти од различни области и да научат како на вистински начин да го применат своето знаење во пракса со што ќе се отворат нови гледишта за младите генерации да се подготват за бизнис светот на најлесен можен начин. Од друга страна особено сме горди што во иднина ќе можеме да ги споделиме научно - истражувачките искуства со инженерите во Vip кои имаат долгогодишно искуство во оваа област.”, изјави Иван Чорбев , декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
На настанот посветен на официјалното потпишување на договорот за меѓусебна соработка, пред студентите и професорите од ФИНКИ, од страна на техничкиот директор на Vip беше презентирана и најновата технолошка иновација на македонскиот телекомуникациски пазар, виртуелниот советник - “Славчо” кој е базиран на вештачка интелигенција и е првиот четбот кој разбира и пишува македонски.