Вклучете се во видео игрите на децата: Совети од психологот Христина Стефановска во време на домашниот карантин

Иако спаѓаат во група со најмал ризик за зараза со коронавирусот, децата и тинејџерите се во најчувствителен период додека трае периодот за самоизолација. Младите се на постојана критика од јавноста поради непочитување на препораките за неизлегување од дома. На тема, како на најлесен начин на децата и на тинејџерите да им ја објасниме сериозноста на состојбата со вирусот и да ги анимираме додека се дома, разговаравме со лиценцираниот психолог Христина Стефановска.

*Тинејџерите се во најчувствителен период и најнесериозно ја сфаќаат важноста на изолациата. Ваш совет, како да разговараме со тинејџерите за коронавирусот и како најдобро да го поминеме времето во домот со нив?

- Тинејџерите се наоѓаат во еден период на транзиција и нагло менување во нивниот развој што ги води на пат да станат возрасни луѓе , начинот на комуникација во овој период ќе зависи најнапред од веќе воспоставените интерперонални врски на родителите и децата како и утврдените и веќе зацврстени правила на однесување во домот и надвор од него. Во овој период како ние возрасните и тинејџерите исто така се бомбардирани од низа релевантни или нерелевантни податоци во врска со корона вирусот. Потребно е да водиме јасен, едноставен разговор со нив пропратен со поткрепени факти и податоци за истиот. Со еден збор потребно е да им ја рационализираме ситуацијата секако зборувајќи и за можните последици од неа.

* Откако кафулињата се затворија, младите продолжија со дружење по паркови или со забави по дома или на гости. Постои ли начин родителите да го спречат тоа?

-  Доколку во овој период сакате да воспоставите ново структурирање на просторот и времето на функционирање во домот неопходно е границите и правилата што ќе му ги поставите на тинејџерот да бидат соодветни за неговата возраст, да овозможуват доволно слобода за осознавање и истражување но притоа да бидат јасно насочувачки преку обврски и привилегии, награди и казни. Особено е важно да родителите се вклучат во ова условно речено слободно време на тинејџерот но не на наметлив и напорен начин туку на начин кој го уважува нивното растење и нивните интереси, всушност да обезбедат простор за тинејџерите својата социјална потреба од дружење во кафуле ја преструктуираат во домот. Предложете им да си одредат време од денот за кафе и да го пијат на групен чет па секој да сподели слики, импресии и доживувања во групата. Предложете им да исто така да играат игра предизвик во домот, на пример секој од членовите во групата да направи омилено јадење, сок, десерт, и да ги сподели во групниот чет со другарите.

* Постојат и деца кои се до некаде свесни за сериозноста на коронавирусот. Како да го намалите стравот кај нив?

- Децата кои реагираат со страв на оваа ситуација важно е да ги заштитиме од прекумерно и континуирано пласирање на информации во врска со корона вирусот. Препораките во вид на слика кои ги дава Министерството за здравство испечатете ги и залепете ги на фрижидерот или некое друго место. Потсетувајте го детето дека доколку ги почитуваме препораките немаме основ за  страв. Со овие деца вклучете секојдневна физичка активност како на пример стомачни вежби, склекови или вежбање со пилатес топка, јога. Правете вежби со длабоко дијафрагмално дишење секогаш кога ќе се почувствувате вознемирени. Вдишувајте четири секунди низ нос задржете четири секунди и потоа силно испуштајте низ уста одбројувајќи четири секунди во себе. Тоа да биде циклично и по неколку пати се дури не почувствувате олеснување. Грижата во ова време за психо-физичкото здравје е многу важна и за ворасните и за децата.

* Ваш предлог за домашна анимација?

- Игрите со тинејџерите се најубави во ноќните часови, тоа ги потсетува на ноќното излегување и социјализација кое сега времено поради состојбата со коронавирусот им е оневоможено. Играјте карти, домино, шах, твистер, монопол, брза географија. Создадете квиз на знаење, кој може да го реалиирате во парови или индивидуално со веќе претходно договорена награда за победникот. Земајќи го во предвид и тоа дека тинејџерите голем дел од времето го поминуваат на телефон и интернет, пробајте инплицино да се вклучитево нивниот свет. Побарајте од нив да ве вклучат во некоја од видео игрите па заедно да ја играте. Организирајте некој виртуелен натпревар во состав на целото семејство. Обидете се да обебедите добра забава за сите.

Милица Џаровска