“Без пари и пријатели, цели 10 години со ранец на грб шетав, живеев и подработував сè и сешто": Владо Јаневски за животот, патот до успехот и спокојот

Добивај вести на Viber

„Ако не те сакам“,„И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Еден бакнеж“ … се само дел од големите композиции на хитмејкерот Владо Јаневски кој со децении важи за еден од најдобрите пејачи и композитори, кај нас но и на балканот. Непоправливиот романтичар, познатиот Чаирчанец, неколку години живее надвор од неговото Скопје. Вели, води мирен живот близу границата со Грција но никогаш не оди таму, а поради неговата професија многу аспекти од животот му се извртени наопаку. Па така и  летото кое е едно од најјактивните периоди во годината за него. Две децении не бил на плажа и не се сончал... а останатите детали и неверојатни искуства од животот на Владо, прочитајте ги во продолжение:

Ж.М. Летото за многумина е едно од најубавите годишни времиња, слобода, море, плажа, сонце … Која е вашата прва асоцијација?

- Јас сум повеќе зимски човек, а летото ми е обично најактивниот работен период во годината. Повеќе сакам снег, скијање и планинска свежина. Веќе 20-ина години не сум бил на плажа или класичен летен одмор и не мислам дека нешто ми фали без сончање, капење и сите пропратни летни активности. Заради природата на мојата професија многу аспекти од мојот живот се извртени наопаку, па така и моето уживање во летото.

Ж.М.Ако се вратиме години наназад, дали можете да се потсетите на некоја летна авантура, која секогаш обожавате да ја раскажувате? 

- Кога се спомнуваат летни авантури, мене прва асоцијација ми се летата кога бев млад, во моите дваесетти. Обожував да патувам и цели 10 години со ранец на грб шетав, живеев и подработував сè и сешто во буквално секоја земја од Западна и Северна Европа. Тоа беше мој свесен избор, иако без пари и пријатели таму далеку од дома, да поминам една интензивна животна школа. Големи животни лекции, челичење низ животни искушенија и снаоѓање во тој голем непознат свет, многу младешки љубови … Поголема животна авантура од тоа – здравје! Во голема мера тоа беа моите формативни години и ме обликуваа ваков како што сум денес.

Ж.М.За кој период сте носталгични, поточно, да можете да се вратите назад во времето, што би сакале повторно да доживеете?

- Не сум носталгичен по природа, не престојувам баш често во сопственото минато. Многу фолдери во главата свеснo сум избришал, баластот на спомените не е нешто што сум спремен да го влечкам со мене во сегашноста. Да, минатото ме направило ова што сум денес, но не чувствувам потреба да ги превртувам низ глава минатите години, минатите љубови и настани, освен можеби кога пишувам пена. Живеам во денешниот ден, го дишам со полни гради и многу ми е убаво така.

Ж.М.Пред неколку месеци на еден од концертите во Филхармонија изјавивте дека сте композитор и пејач од Чаир а денес гевгеличанец, дали тоа значи дека одамна не живеете во Скопје?

- Веќе трета година сум во Гевгелија и единствена врска со Чаир ми е берберот кој е таму и ме пострижува еднаш месечно. Во Скопје доаѓам само кога имам концерти, снимања, интервјуа или други работни обврски, и дури и тогаш најчесто не останувам подолго одошто морам.


Ж.М.Зошто Гевгелија, дали можеби љубовта ве оддалечи двесте километри од Скопје?

Си го сакам Скопје, ама и во Гевгелија ми е убаво. Не познавам многу луѓе, најчесто сум сам и сум или дома или во „Фламинго“ кој ми е како втор дом. Таму сите ме третираат како да сум нивни отсекогаш, и тоа многу ми значи. Иако живеам на самата граница, не одам во Грција. Живеам мирно и спокојно.

Ж.М.Која е вашата дневна рутина почнувајќи од рано наутро?

-  Во деновите кога не работам (а такви се околу 300 во годината) правам најчесто сѐ исто: тренинг во теретаната и еден оброк во „Фламинго“ (имаат прекрасна храна), еден-два филмови, добра книга, ја истражувам околината на Гевгелија со мојот „Нисан - Кашкаи“, навечер малку клавир и гласовни вежби… и секој ден така. Уживам во таквото бавно животно темпо, иако некому може изгледа досадно. Ама јас сум среќен. Мислите дека случајно мојата најнова песна се вика „Прекрасен ден“ ?

Ж.М.Дали сè уште пишувате песни, која е денес вашата муза?

- Не, кога ми треба нова песна ја купувам од супермаркет, ха-ха-ха … Моето темпо е 2-3 нови песни годишно, бидејќи сметам дека мојата публика заслужува на секоја наша средба во тој град да ѝ подарам нешто ново. За среќа сè уште имам доволно добри идеи и рими во глава па муза не ми треба, во моето срце и глава живеат доволен број јаки емоции небитно дали се од одамна или од скоро. За мене љубовта секогаш била нешто свето, нешто за што вреди да се живее и да се пее.

Ж.М.Во макфестовската „Златни години“ еден од стиховите гласи – „во срца гори страст“. Која е вашата страст, денес?

- Забележав дека со годините страстите ми се сè помалубројни, а поинтензивни. Многу од младешките страсти веќе не ме допираат, но оние малкуте што останаа ги чувствувам појако: креативниот процес при создавање нова песна, снимање на истата во студио, оние неколку часа на сцена пред публика … сите тие сè уште ги викам страст и ги доживувам дури појако од порано! А оние младешки лудила и страсти кои беа дел од некои други времиња веќе не ми се примамливи, и тоа ми остава многу енергија и време за овие неколкуте страсти што се покажаа како неминливи.

Ж.М.Дали ќе настапувате ова лето на нашите туристички места, каде обожавателите ќе можат да пеат заедно со Владо Јаневски?

- Како што спомнав на почетокот, летото за мене е пред сè време за работа, а бидејќи мојата работа ме прави среќен значи дека во летото можам и да уживам. Настапите во летните дискотеки се стандардна активност, а централен концерт ќе биде во Охрид на 10 август во Античкиот театар. Таа сцена како да има некоја магија за мене и мојот бенд, таму секогаш сме поминувале незаборавни часови со нашата публика која со својата енергија учествува во секоја песна. Едвам чекам да се провеселиме заедно!



Елеонора А.