ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ИЗВЕДЕНА ПРВАТА КРИОАБЛАЦИЈА НА ТУМОР ВО ЗЕМЈАТА И ВО РЕГИОНОТ

Добивај вести на Viber

Прва перкутана криоаблација на тумор во државата беше направена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ месецов на Одделот за интервентна радиологија. Станува збор за високософистициран, минимално-инвазивен третман на туморски промени изведен првпат во земјава, но и во регионот. Интервенцијата ја изврши доц. д-р Александар Ѓорески, интервентен радиолог, заедно со неговиот тим во кој се: проф. д-р Зоран Трајковски, доц. д-р Менка Лазареска и д-р Дејан Танески. Четириесетгодишната пациентка е жена со примарен тумор на дебелото црево и метастаза на торакалниот ѕид со големина од 8 сантиметри. Интервенцијата помина успешно, а пациентката е веќе на домашно лекување.

Туморското ткиво се уништува по пат на ладење

Д-р Ѓорески вели дека станува збор за случај со голема туморска маса на специфично место. Поради ова, кај пациентката прво морало да се изврши уште една комплексна интервентна васкуларна радиолошка процедура, која се вика емболизација, односно затнување на крвните садови на туморот, а потоа да се направи аблација.


„Оваа процедура беше како вовед во криоаблацијата, а нејзината главна цел е да се намали крвотокот на туморот од една страна, а од друга страна, да се зголеми ефикасноста при извршување на криоаблацијата преку намалување на т.н. ‘cold-sinking’ефект“, објаснува д-р Ѓорески.

Криоаблацијата е направена под компјутерска контрола со употреба на КТ-флуороскопија.

Инаку, криоаблацијата, радиофреквентната и микробрановата аблација спаѓаат во групата на термални аблации, но за разлика од другите две, овде туморското ткиво се уништува по пат на ладење, односно смрзнување на канцерогените клетки на температура до -40 степени, што предизвикува нивна смрт. Докторите велат дека предноста на криоаблацијата во однос на радиофреквентната и микробрановата аблација е во тоа што вака може да се третираат и тумори поголеми од 4 сантиметри, но се користи на места во телото каде што другите две не можат.

Третман на различни видови тумори

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поседува апарат на кој одеднаш може да се пласираат и до 8 игли за криоаблација, со што може да се третираат тумори и со големина до 10 сантиметри. Докторскиот тим објаснува дека се бројни предностите на криоаблацијата, а меѓу нив е и тоа што таа е побезбедна за локализации каде што има витални структури во околината од типот на крвни садови, нерви и лимфни садови.

„Една од најголемите примени на криоаблацијата во интервентната онкологија е во минимално инвазивниот третман на тумори на бубрег во ран стадиум кај пациенти кои од некакви причини не се кандидати за класична операција, или пак, имаат само еден бубрег. Овде во овие случаи криоаблацијата постигнува куративен ефект, односно целосно уништување на туморот и е споредлива со хирургијата според своите резултати“, вели д-р Ѓорески.

Тој додава дека одлична индикација за третман со криоаблација се: белодробните метастази и примарните белодробни тумори, тумори на надбубрежните жлезди, тумори и метастази на коските, мекоткивни тумори и дезмоидни тумори.

Кратко болничко лекување

Според интервентните радиолози, исклучително важна предност на третманот на тумори со криоаблација е што пациентот е во состојба да си оди дома веќе следниот ден, затоа што не станува збор за класична операција туку за интервентна процедура и таа може да се повтори повеќепати без проблем, доколку е тоа потребно.

„Со воведувањето на оваа метода, во нашата болница отворивме ново и многу важно поглавје во третманот на онколошките пациенти по минимално-инвазивен пат. Одделот за дијагностичка и интервентна радиологија и досега беше единствен од ваков вид, особено во делот на онколошките интервенции во нашата држава каде што се лекуваат многубројни здравствени состојби“, заклучува д-р Ѓорески.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со криоаблацијата го заокружи делот за термални аблации и во моментов е единствен центар во регионот што ги нуди буквално сите модалитети за аблација. Инаку, болницата е единствен центар за изведување на хемоемболизации и емболизации на тумори, а планот е наскоро да се воведе и радиоемболизацијата во третман на туморите на црниот дроб.