ВО ГОДИНИ СУМ КОГА ГЛУМАМ МАЈКИ, ТЕТКИ И БАБИ: Аница Добра во Скопје

Добивај вести на Viber

Српската актерка Аница Добра (55) е на гости во Скопје, на покана на фестивалот „Киненова“  каде што ќе ја прими наградата за особен придонес во светската филмска уметност.

Расположена за долги одговори на новинарските прашања и насмеана, Добра, која ја нарекуваа и секс-симбол од осумдесетите и од деведесетите години, рече дека во Скопје е како дома.

„Освен филмската работа овде, едвај чекам да го пробам вашиот пинџур и ајвар“, рече таа на почетокот. Сеќавајќи се на филмот „Као је пропао рокенрол“, додаде оти  рокенролот сепак не пропаднал. 

„Овој филм, кој е сниман во 1989 година го предвиде времето кое дојде по него. Му се потсмевавме на турбо-фолкот во кој сега на големо живееме“, кажа актерката.

Освен што активно снима филмови во Германија во последниве триесет години, таа е активна и на белградската театарска сцена. Дел од нејзините улоги е онаа на мајката Соња, во драмата на Душан Ковачевиќ „Хипнозата на една љубов“.

„ Сега сум во период кога веќе не можам да очекувам само главни улоги. Во години сум кога треба да играм мајки, баби, тетки. И нема тука суета ни навреда, тоа што работам со млади глумци и со млади продукции ми е водилка за сѐ што ќе се случува понатаму“, додаде Аница. Таа се присети на филмот „Црни бомбардер“ и раскажа дека неодамна на музички фестивал ја поканиле да испее песна од тој филм. 

“Од возбуда толку фалширав, толку лошо пеев, тоа беше ужасно. Но, никој од публиката не ни забележа. Тоа е тој рокенрол кој не пропадна“, ни раскажа актерката.

Таа е мажена за Милорад Софтиќ кој е претседател на белградскиот фудбалски клуб “Дорќол“. Ќерката Мина тргна по нејзините стапки, и таа е актерка. 

М.Џаровска