Во спа-центрите се дружам со себе: Утринско кафе со Цвета Динева

Добивај вести на Viber

Да бидам искрена не сум некој ранобудник кој станува во 6 часот, но по 7.30- до 8 часот веќе утринскиот природен адреналин ми ги отвора очите. До пред неколку месеци утрото го почнував со ритуал како пиење турско кафе (се разбира без шеќер) со голема чаша вода, со цеден лимон и овошен појадок-најчесто јаболки без кои не можам да го почнам денот.Сето ова ме чека на маса веќе подготвено од сопругот. Но, во последно време овој ритуал малку го видоизменивме и внесов мала и корисна промена. Сега секое утро  правам утринска бомба од сок кој ми ги отвара сите чакри, а истовремено и уживам во него. Правам две големи чаши блендиран сок од неколку гранки од италијански целер, парче свеж ѓумбир, цел лимон (заедно со семките) на кој предходно му ја лупам жолтата кора и секако вода. Откако ке ги наполнам чашите со сок дополнително во секоја чаша ставам ленено масло или масло од црно семе. Потоа паралелно пиејќи го сокот си го јадам утринското јаболко. Во последно време сопругот не ме дружи со кафето, па се почесто овој ритуал ме чека на работа. Е, кога стасувам на работа, на мојата работна маса ме чека кафенцето, чашата вода и чинија полна со убаво аранжирано овошје. Ова ми го подготвува ќерка ми Ева или колешката и животна пријателка Снешка. Многу ми недостига другата ќерка Бојче која е на породилно, но ќе дојде наскоро и екипата ќе биде комплетна. И нормално го почнувам денот со огромна позитивна енергија. Наутро во мојата работна соба огрева утринско сонце и толку ми е пријатен и позитивен моментот кога влегувам внатре и му се заблагодарувам на Бога за овие убави утрински чувства.

Дополнително убава атмосфера во ЦД Диет клубот се и цвеќињата кои ги негувам (во последно време и орхидеи кои ми се предизвик за одгледување). Работниот момент ми почнува во 10 часот, но доаѓаат членови на диет  клубот и порано, и приказната која трае веќе 20 години почнува. Средбите со секој член се ново искуство, нова приказна, секогаш со убава енергија, секогаш со комплетна предаденост кој секој поединец. Позитивните резултати во однос на здраствената состојба, во однос на регулирање на телесната тежина, резултати и во менување на животните навики, резултати во однос на зголемување на самодовербата кај многу навистина многу од членовите се огромна мотивација и ветер во грб да продолжам со оваа мисија која ми е животна и ќе трае додека јас траам.

Во рамки на денот во ЦД Диет Клубот минуваат неколку десетици луѓе и чинам секој придонесува со својата енергија во создавање на убавата атмосфера. Тука се споделуваат искуства , и тоа е дополнителен  мотив за да се истрае и продолжи  кон новиот life style.

Правам пауза по 13.30 до 16 часот и честопати останувам во диет клубот да завршам некои обврски околу праќање мејлови, вибери и слично. Но, одам и на ручек до дома или некогаш подготвувам и во диет клубот.За време на паузата морам да си направам и неколку *мозочни вежби* ха ,ха-да си решам некое судоку-visja raven како што викаат словенците, некое дури и не ме препоти, ама морам да го истерам до крај.

Веќе пред 16 часот почнува втората смена , повторно средби со нови лица за прва пат или контрола со стари членови, нова енергија, убава енергија, убави резултати,нови приказни и се со цел да си го направиме животот малку поспокоен, посмирен, да се мотивираме да работиме на себе. Убави резултати-мотивација повеќе, дополнителни совети поврзани со здравиот начин на живеење. Секогаш со концентрација, со посветеност кон секоја индивидуа, и така се до вечерните часови, честопати и се останува и по 19 часот. Исцрпувачки, но со полно срце. И да не заборавам цело време дури работам, музиката е носачот на мојот баланс. Вообичаено слушам инструментална музика, но и се што носи Slow Blues.

Со години наназад на секои 5-6 недели заминувам на неколку дена најчесто во Бугарија во хотели со минерално термална вода и добри спа центри. Најчесто одам сама и тогаш се дружам сама со себе, не разговарам со никого, не се вклопувам во шема полупансион и слично, користам само спиење и се хранам со свежа храна во тие неколку дена. Правам комплетен детокс, и на тело и на ум и на душа, возам сама, слушам музика дури  возам, комплетно на поинаков начин се опуштам. Во ваква изолација се полнам со спокој, мир,читам,истражувам, решавам судоку, никогаш не ми доволно долг денот.

Скоро ја прочитав од Глен Купер „У сазвежѓу овна“ и прилично ме вознемири. Се опуштам со книги кои ги читав во младоста и сакам сега да видам како ќе ги доживувам-Франсоа Саган во моментов. Го читам во моментов и Донато Каризи „Шаптач“, само по некоја страница на ден.

Многу читам книги и од мојата област, како вчера да сум почнала со оваа работа, и секогаш по некое ново сознание и така неисцрпно ден за ден.

Највеќе ми е жал што одамна не сум била во кино да изгледам добар филм , да го почувствувам платното, звукот во кино салата. Како девојка често сама одев во кино кога имаше добар филм. Се сеќавам големо уживање ми беше филм на Бергман * Лице во Лице* во главна улога со Лив Улман. Навистина уживав во филмот. Наскоро ќе си ја обновам оваа навика.

Морам да си ги спомнам малите суштества кои ми го полнат срцето со нивното постоење, а тоа се моите Драганче, Симона и бебушка Антонија. Многу ги сакам.

Се чувствувам исполнето, полна со елан, ентузијазам, со желба да ја продолжам оваа мисија која ми е животна определба, да помагам со мојата работа во подобрување на квалитетот на живеење на луѓето.

*Цвета Динева- нутриционист