Волкот го менува само влакното

Добивај вести на Viber

На потешкиот начин научив дека луѓето низ животот се менуваат многу малку, да не речам скоро ич. Најголемата причина била или некоја трагедија или голема љубов, но од она што сум го гледала и искусила, најчесто нијансите на менување биле само доколку сме сакале да се смениме. Она што ме смени низ животот можам да го поделам на неколку етапи.

Првата е кога дознав дека татко ми има канцер и минувањето на тој пат со хемо и зрачење, кога гледав како родители си ги носат децата за терапија. Во тој миг скроз ми се испреврте критериумот за тоа што е важно и неважно. Сфатив дека она што во секојдневниот живот ни се чини како голем проблем е всушност едно големо ништо кога ќе се спореди со ударот од болест или смрт. Како да се пресече нешто во мене, кога ме порази фактот дека кенкањето за ситници е само моја размазеност и ништо повеќе. Таа глетка во чекалната во која имаше и деца нема никогаш да ми се избрише од умов. Оттогаш престанав да се потресувам за работи за кои знам дека се минливи и менливи, престанав да се грижам за тоа што некој кажал или помислил, дали се допаѓам некому, дали треба да се докажувам пред неважни луѓе, дали некој ме погледнал попреку или бил нељубезен. Сите тие работи кои дотогаш ме нервирале или фрустрирале, ми станаа толку минорни што мислам дека станав “ѓон”.Се помирив преќутно со тоа дека секогаш нема некому да чинам и се фокусирав на она што ми беше навистина важно и на оние кои ми се навистина важни и скапоцени.

Раѓањето на ќерка ми беше втората работа која ме смени и ме омекна. Научив што е безусловна љубов и ми дојде толку природно дека таа стана центар на мојот свет, што не ни забележав дека сум се сменила. Промената ми беше во тоа што станав многу пострплива и со поголемо разбирање. Научив да сакам без да очекувам (тука впрочем почнува и завршува моето безусловно сакање, без очекувања и без барања), научив да мислам 5 чекори нанапред, научив што значи да се сака некој повеќе од сопственото постоење. Ја сфатив мајка ми со нејзината прекумерна грижа за мене, ја сфатив болката на оние жени кои сакаат рожба а не можат да ја имаат, научив да сочувствувам со секоја мајка која бдее врз детето, но научив и дека имањето деца не е нешто што секоја жена мора да го има како желба во себе. Научив дека мајчинството се учи, оти инстинктот е само до одреден степен застапен а останатото е како да се искачувате по скалила како што расте детето. Научив да не се правам многу паметна и да не бидам многу самоуверена како се воспитува дете, туку да сум отворена и повеќе да гледам и слушам што има Нина да ми каже, отколку јас да зборувам и во нејзино име. Секоја грешка која сум ја сторила попатно, ми била само лекција плус за да знам кога треба да застанам и да кренам рачна.

Третата работа која ме смени беше човекот кој го засакав, а кој ниту беше за мене а ни јас за него. Од него научив дека луѓето не се менуваат туку така и дека љубовта менува некого само кога е взаемна и кога визијата за ЗАЕДНО е поголема од егото на ЈАС. На потешкиот начин научив дека оној кој не љуби вистински, не може да се менува за да се достигне компромис. На овие години, а кога велам “овие” мислам на 40+, менувањето за да се функционира заедно е само по желба и кога чувствуваме дека тоа заедништво ќе ни донесе поголема среќа или удобност. И знам дека нема “вистинска”љубов, тоа повеќе се однесува на љубов во која двајцата ќе се сакаат на начин на кој на оној другиот ќе му е убаво и ќе ужива во тоа. Тоа ја детерминира љубовта дали ќе е себична или не, дали ќе е оти нам ни е потребна за да си се величаме дека знаеме да сакаме или ќе е давање себе и манифестирање без пазарлак. Научив дека оној кој љуби не прави зло намерно, не манипулира и не лаже...а доколку го прави тоа, нема никакво друго значење освен дека не ве сака. Не си го арчете времето, ниту нервите за луѓе кои не се способни да ги спастрат своите демони без да ве искасапат по сите основи, оти на повозрасни години многу потешко зацелуваме. Баталете приказни од типот “нема повеќе”, “ќе се сменам”, оти да беше така лесно да се менуваме, светов ќе беше една голема цветна градина, полна приказни со среќен крај. Ако ве изневерил некој еднаш, ќе ве изневери повторно. Ако ве удрил еднаш, кога тогаш пак ќе го стори истото. Ако некој си дава за право да ве критикува цело време и насамо и пред другите, не бирајќи зборови и начин, не, не се залажувајте дека ќе се смени. Тука нема менување, тука единственото решение е да си се спакувате и да заминете, освен ако немате многу добра причина да останете (не се однесува на физичко и ментално насилство).

Разговаравме со една пријателка за луѓето кои ни минале низ животот и терајќи го муабетот, ми вели: “знаеш, сите си остануваме исти го*на до смрт, само нијансите ја прават разликата. Кога ме изневери Х, знаев дека ќе го направи пак истото ама останавме заедно. Знаев дека нема да е последна, не знаев само дека не е прва ама беше прва за која дознав. Не се смени, ама не се сменив ни јас, а знаев дека не треба да верувам на ветувања и колнење дека нема никогаш повеќе”.

И тогаш првпат на двете ни светна дека во очекување да се сменат луѓето околу нас, можеби грешката е што не сме се смениле ние, наместо да чекаме со волшебно стапче да ни светне реалноста. Ако веќе знам дека некој нема да се смени (поаѓајќи од себе) во постапките, зошто очекувањата ми се дека ќе го стори тоа? Прво што ми паѓа на ум е дека ми е полесно да се надевам на туѓа промена, отколку да сменам нешто кај себе, односно да бидам пореална и похрабра во носење на одлуки да пресечам нешто што ме прави несреќна. Мислам дека секој од нас треба повеќе да се фокусира на себе и на она што може сам за себе да стори, отколку да седи и да чека да се наредат коцките. Тоа е веќе преземање одговорност за сопствениот живот и постапки, но, од друга страна е и воедно преземање ризик од кој сите се плашиме. Кога бев помлада, стихијно оставав работите да си го заземат текот без многу да интервенирам. Сега размислувам поинаку, веројатно откако станав свесна дека рокот на траење ни е ограничен и дека никогаш не знаеме кога ќе ни измине, па седењето со скрстени раце ми се чини преголем луксуз. Луѓето не се менуваат, само се нијансираат. Оние кои се грижливи и полни разбирање ќе си останат такви оти самите себе се сакаат такви и не би можеле да се поднесат сами себе ако се поинакви. Оние кои се манипулативни и себични ќе си останат такви, оти така им е убава живеачката и не би можеле да се снајдат во поинакви услови. Никој никого не може да смени, но секој од нас може да го смени начинот на кој ги прифаќа или не ги прифаќа работите кои ни се сервирани. На овие години, важно ми е да имам спокој и да сум опкружена со луѓе со кои ќе се чувствувам како дома. Оние другите ги одбегнувам колку можам и како знам и умеам, иско ми се случува да се подлизнам на истиот мраз. Ама учам и не се предавам. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

завиваме
сиот живот како волци завиваме
по љубов и припаѓање
по некого и себе
се залажуваме со малку
како да е тоа доволно за среќа
наместо да бараме се’
во нас самите, внатре
да направиме потрес
да копаме и бараме
да ги фрлиме сите лаги
како стари алишта во куфер насобрани
а сепак ги чуваме
небаре некогаш повторно ќе ги облечеме
ете така во себе чуваме
дур не се натрупаат купишта ѓубре
кое тешко се чисти
дур не засмрди
дур не ни се згади од себе
и се случи оној КЛИК
после кој нештата стануваат појасни
па дишеме полесно
и ликовите ни светнуваат
и сите маски паѓаат
оти полесно е
кога со себе се помируваме
без тежина од минатото
и црни мисли за сегашноста
а без било каква мисла за иднината
па големото чистење почнува
од дното па нагоре
дур се’ на виделина не извадиме
сите мисли и стравови
болки и неуспеси
и ги оставаме покрај контејнер
оти ѓубрето за таму е
па дупките во нас ги полниме
со смеа и радост
со драги лица
стисок на дланки
прегрнати мириси
молкум
со почит
со благодарност и милост
и наместо да завиваме
пееме
срцата распеани ни се
од убост
од среќа
од живот…живот