Вратот на мажот е успешната жена: Интервју со Сандра Георгиевска, енолог во винаријата „Камник“
Нејзиното мото е- сѐ што се сака се може, и вели дека за неа не постои невозможна мисија. Сандра Георгиевска, главен енолог во винаријата „Камник“ е успешна жена која е среќна што може успесите на својата работа да ги донесе и дома, уживајќи во добро вино крај вкусна трпеза со семејството. Во интервјуто за Женски магазин, таа зборува дека секогаш се труди да најде рамнотежа помеѓу приватниот живот и работата, исто како што бара баланс во виното помеѓу киселините, танините и алкохолот.
* Кои се најзначајните моменти од вашиот досегашен професионален пат?
- Oд 2010 година до сега, од професионална гледна точка би издвоила една најзначајна година за мене. Целата 2013 година од почетокот до крајот ми беше исполнета со успеси. Оваа година одработив две берби, во Камник и на другата половина од земјината топка, во Нов Зеланд. А на самиот крај од годината добив награда.
* Каква е положбата на жените во македонската бизнис заедницата? Дали, според вас, нивниот потенцијал е доволно препознаен?
- Сметам дека потенцијалот на жената во нашата заедница е ценет и препознаен.
* Кој е главниот проблем со кој се соочуват жените во бизнисот?
- Мажите и жените се од две различми планети, компромис мора да постои. Мажите се сѐ уште на водечки позиции во бизнисот. Но, како и во минатото, така и денес важи дефиницијата дека вратот на мажот е успешната жена. А крајниот збор е сепак на мажот: Да, така е, во право си /си била!
Мој конкретен проблем сега е што сеуште ме сметаат за млада и неискусна, иако имам 9 берби позади себе. Но, од друга страна пак, тоа ми дава мотивација за да бидам уште поуспешна и посамоуверена. А младолика се надевам дека ќе бидам и на свои 50 години.
* Со какви предизвици секојдневно се соочувате? Што Ви дава сила за да бидете комплетно успешни?
- Мој секојдневен предизвик е создавање на вина. Секое вино е за себе своја приказна и треба да се чува, пази, одгледува и насочува во кој правец да созрева, како едно малолетно дете.
Силата ја црпам главно од семејството кое ми дава секојдневно мотивација и волја. Од мала ме учеле да не потпаѓам под влијанија, сама да избирам што е правилно и одлуките да ги давам во вистинскиот момент, бидејќи правилната одлука се менува во дадена ситуација.
За нас технолозите најголем фактор со кој се соочуваме е прирородата и временските услови. А против нив не можеме.
Од грешките се учи, Да. Но нема време за двоумење и паѓање од дадена сопка, треба јасно да се оди кон целта.
За мојот досегашен успех морам да се заблагодарам на проф. Горан Миланов, кој е наш консултант и мој ментор, кој ме насочува и безрезервно ни го пренесува своето знаење. Истовремено сум благодарна и на сопственикот на винаријата Ики Малинковски кој ми има дадено одврзани раце и никогаш не штеди време и средства за експерименти, новитети и иновации.
Но за мој целосен успех, кој ми дава најголем ветер во грбот е мојот сопругот, чија поддршка ми е најважна од сѐ.
* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?
- Моето мото е: Сѐ што се сака се може! За мене нема невозможна мисија и зборот „не можам„ за мене значи „не сакам“.
Гледам да најдам рамнотежа измеѓу приватниот живот и работата, исто како што барам баланс во виното помеѓу киселините, танините и алкохолот.
Додека сум на работа гледам да сум максимално сконцентрирана на тоа што го работам, а кога ќе дојдам дома целосно се препуштам на домашната атмосфера.
Среќна сум што работам една од ретките работи која можам да ја донесам дома како производ и во која може да уживам со семејството и пријателите. Сметам дека трпезата е таа која го оджува семејството, па се трудам стално да имам направено ручек и да бидеме сите заедно во тој период од денот.
* Дали во тинејџерските години имавте некои други професионални соништа?
- Уште од мала барав правдина, сакав да станам судија. Но, среќа што го послушав татко ми и не ја одбрав таа струка. Во животот правдина тешко се наоѓа, затоа треба да се бориме и никогаш да не се откажуваме!
* Што Ве прави среќна? Каде ја насочувате енергијата, креативниот дух, кога не сте фокусирани на обврските?
- Можеби се повторувам со одговориве, но навистина е така. Среќна ме прави само тоа што имам семејство и ја работам работата од соништата. Енергијата ја насочувам кон домот и семејството кои се моја елементарна движечка сила за успех во животот. Креативниот дух го црпам додека сум работа. Виното е еден вид уметност, неговата хемија сеуште не е целосно истражена, а не постои ни рецепт по кој можеш да се водиш, остамува само: - The art of blending wine, така што во домот ми остануваат садењето цвеќињата и готвењето со ќерка ми. Сакам да готвам најразлична храна, од суши, традиционални јадења до бисквити и торти.
Ѓ.С.