Не верував во втора шанса.
Отсекогаш бев со идеја дека човек кога ќе оплеска, ќе го стори тоа пак. Можеби
затоа и не сум барала за себе втора шанса, сметајќи дека не заслужувам. И таа
илузија ми траеше додека не подостарев, па низ животот сфатив дека не сме
безгрешни. Можеби искуството ме направило помалку крута и бескомпромисна и кон
другите, но и кон себе. Порано имав огромна потреба да удоволувам на сите,
демек ако се сите среќни околу мене, ќе бидам и јас. Ама во животот никогаш не
преовладува онаа проста математика дека 1+1=2. Некогаш тоа удоволување ме
чинело напор, мачнина, па дури и непроспиени ноќи. Го знаете она чувство кога
навидум правите нешто како што треба (!), а внатре во вас има отпор? Ете, тие
мои желби и потреба да се допаднам, го правеше токму тоа.
Почнав да се учам на баланс. Не да вклучувам разум (скраја да е), туку да се слушам себе и она што ми го кажува телото, а истовремено да не направам штета некому. колку и дали ми успевало, ќе покаже времето. Од сегашен аспект, процентуално сум 70-30 во корист на добро направено. Со промените кои ги правев во себе, ми се сменија многу гледишта. Почнав повеќе да разбирам, а помалку да осудувам. Рака на срце, процесот не беше ич лесен, затоа што бараше излегување од сопствените рамки полни со предрасуди и критички мисли. Станав помека кон себе, кон постапките. Се прифатив како грешно битие, кое не треба да го држи носот горе кога треба да се извини за нешто. Сфатив дека моето дистанцирање и отсуство на барање втора шанса е истовремено и оградување од сопствените грешки. Демек-таква сум! И тоа ме амнестираше од покорност, но и од тоа да се помачам и да го испотам задникот за да поправам одредени односи кои сум ги упропастила.
Некаде ова функционираше, а некаде не. Онаму каде што профункционира, внимавам и тоа многу за да не ги повторам грешките. Од друга страна, онаму каде што не профункционира, со текот на времето се помирив дека не може сѐ да биде онака како што сум си замислила. Како растев (растење во смисол на созревање), ми олесна кога започнав да простувам и да давам шанса на оние луѓе кои сепак ја заслужуваат. Прво, простувањето ми донесе олеснување и збогување со лутината, а второ, ми помогна да го зацврстам односот со оние кои ненамерно оплескале. Знаете веќе досега дека не сум побожна, но најдов примена на она „кој не згрешил, прв нека фрли камен“.
Дали сум посреќна? Не знам, веќе не мерам на кантар. Единствено што знам, поспокојна сум. Не сум во лавиринтот на измачување на сама себе зошто сум постапила вака или онака, или зошто некој направил нешто. Дури разграничив дека не секогаш прошката што сум ја добила или дала, по дифолт значи и давање на втора шанса. Едноставно, сте простиле и ви простиле, но некако се разводнил моментот за повторно обединување. Спокојот на простувањето и таа лекција, можеби е една од најважните што ги научив во животот. Кога ќе ми текне сега колку се имам измачувано со прашања на кои нема одговор и одговори кои немаат смисол, ми доаѓа да си ја влепам една. Имам сигурно изарчено барем 2 години од животот вртејќи се во тој круг.
И доаѓаме до моментот на втора шанса. Има (барем според мене) два вида на барање на втора шанса. Едниот е без тежина, кога никој ништо не научил од претходното искуство, па грешките се повторуваат за многу кратко време. Луѓето кои се учени на овој начин да бараат втора шанса, ќе побараат и трета, седма...до недоглед. И само заради тоа што никогаш не сфатиле каде е проблемот или не ве сфатиле сериозно. За нив, втората шанса не е шанса за да се средат односите, туку само да се купи време. Такви втори шанси сум дала само на еден човек, кој ја потврдува мојата теорија дека купување време во денови или недели е сосем безначајно, оти (како што вели татко ми), животот е маратон. Вториот вид на барање втора шанса е поткрепен со една многу важна работа според мене, колку човек е способен да се види себе, да процени дали ќе може да ја искрепи одговорноста кон дадената шанса и со колкава леснотија или тежина ја бара. Таквите да ги чувате! Тие си го имаат џигерот изедено од мака и со сета сериозност и одговорност повторно сакаат да влезат во вашите животи.
Грешките кои сум ги направила, кои ги правам и кои ќе ги правам не се причина за да камшикувам себе и да се чувствувам бескорисно. Тие ми биле еден вид потсетник дека колку и да тапам за вакви или онакви вредности, човек сум со сите добри и лоши особини. Сум знаела да повредам, да навредам...и ми било мака. Сето ми се вратило со уште поголема жестина, затоа што она што сум го кажала или направила ми оставило горчлив вкус и во устата и во душата. Поучена од тоа, почнав повеќе да мерам, а помалку да сечам. Научив (иако да сум чесна и пред вас и пред себе, некогаш знае јазикот да ми е побрз од умот) дека оној кон кого сум упатила отровни зборови, е имун на истите. Дека се одбиваат од него и целат директно кон мене. Учам да го контролирам бесот, кој некогаш колку и да е оправдан, мене ми прави поголема штета отколку олеснување.
Се помирив со своите неуспеси, но дури откако научив нешто од нив. Си простив за некои грешки, но дури откако сфатив дека следниот пат поарно јазикот ќе си го одгризам, отколку да сторам штета. Дадов и давам втора шанса со чисто срце, без да повторувам како папагал дека некој ми згрешил. И тоа само затоа што се’ останато не е давање прошка и шанса, туку садистичка потреба да се величам себе за сметка на туѓите слабости.
Барам втора шанса кај оние кои ми значат доволно за да го направам кликот во себе и да сменам нешто. Останатите ми се само лекција, животна. Не го трошам ниту нивното, ниту своето време за да одам против себе и да се преправам дека сум совршена, оти не сум! И што е најважно, учам себе да си дадам втора шанса, колку и да звучи нелогично. Шанса за да станам подобар човек, шанса да уживам во себе и оние кои ми се блиски, шанса да се сакам.
Простувајте.
Барајте шанса ако сте ја утнале работата.
Барајте прошка.
Дајте шанса некому кога гледате дека не е злоба или намера за да ве повредат.
И памтете. Никој, ама баш никој не е совршен. Учете на своите грешки, ама и на своите. Па некој ден, ќе седнеме и ќе си поприкажеме кој што научил. До тогаш, бидете во мир и љубов со себе...и со светот. Оти цело е кога има сѐ.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да можиш без многу зборој
Низ чоек да гледаш
Да му видиш каде облак сонцето му го скрил
И маката кај му е
Дал душата му тежи од јадови
Ко алишта во врела вода накиснати
Та полојната да те заболи дур ги крениш
Или срцето му е од љубовна болка нагризано
Ко капутон шо виси онде
Допола од молци изеден
Оти ова лето си заборајла нафталин в плакарот да клајш
Да можи чоек со чоек да се види
Без да се ломоти со часој
Без првите неколку да минат во глума оти убај сме
Та после да ни се отвора маката пред другиот
Ко цвеќе на пролет шо под сонцето се отвора
Та ко ќе видиш
Едно чудо време туку така ошло
Оти гордоста не ни дала да сме она шо сме
Ех
Да можи чоек така своето да си го препознај
Љубовта да си ја види уште од далеку
Да не му врват годините залудно
И времето да не си го троши на љубов-нељубов
Ете така
Да можи да препознај уште првите деној
Оти треба да си замини од некој
И во тишина да се завитка
Како ларва во кожурецот
И да чека
Да почека дур не дојди точно вистинскиот миг
За од ларва-пеперутка да летни
Така и чоек ко од зимски сон да се разбуди
И после години самотија друшката да си ја најди
Та да блесни ко сонце во вода
Абе да блесни чиниш од Госпо допрен е
И да се стори убав во ликот
Да му се насмеат очите
А во брчките
Во браздите кај усните цветој да му никнат
И спокој во душата да му се всели
Да му разграни ко крошна на дрво
И да се наполни со плодој кои ќе стежнат од убост
Ама да можи ете без многу зборој
И без многу болка
Чоек умен да е
Или барем некој да му шепни дека среќен ќе е
За да му дај сила и крила да летни
И сон за кој преку ден ќе сонува
Ех, така да можеше
Да можеше ете и мене некој некако да ми кажи
Та да знаев тој ден дома да си гувеев
Да седнев пусто погача да замесев
Или да научев како се сукаат кори
Ама пусто така не одело
Оти то шо пишано ни е не можиш да го рипниш
Оти вир среде пат не е
Ниту да го скокниш можиш
Оти камен на сред нива не е
Та ко дете да се затрчаш за преку него да летниш
И зато вака ќе се помачиме
И ќе се сопнуваме
Колената да ни крварат, ама не премногу
Срцата да ни се стегаат, ама не премногу
И душата да нѐ боли, ама само премногу да не е
И шо и да е
За арно да биди
За арно на сите да ни е