За дете најмногу боли

Добивај вести на Viber

Во моментот кога во рацете си го држите детето за прв пат, светот не само што се менува туку никогаш нема да биде (ниту оддалеку) налик на она што билво вашите очи. Се’ што дотогаш сте знаеле, не важи. Се’ што сте мислеле дека е ултимативна вистина, добива знак прашалник. Со раѓањето на детето сфаќате дека не само светот, туку и вие никогаш повеќе нема да се вратите на старо. Тоа е така, сакале да си го признаете или не, давајќи отпор или не, измислувајќи причини за да докажете дека не сте се смениле...децата не’ менуваат. Кога велам менуваат, мислам на тоа дека за првпат имаме некој покрај себе кој што е поважен од нас, за кого не прашуваме ДАЛИ треба да се стори нешто, туку КОГА и КАКО, светогледот се менува како да е се’ претходно избришано со гумичка. И не минува никогаш, дури ни кога децата ќе пораснат и ќе имаат свои семејства и деца. Секогаш останува таа болка, грижа, неспокој за нив, оној црв кој никогаш не престанува да ровари. Кога бев бремена, ми велеа “наспиј се сега, оти веќе нема да имаш раат сон”, а мене ми беше тоа малку претерано и си велев “ок, ќе се роди и ако спие навечер, нема зошто јас да не спијам, па после ќе потпорасне и ќе е полесно”. Како не бе! Се роди и оттогаш ниту сонот не ми е ист, секогаш едното уво насочено кон нејзината соба, а кога ќе одеше во Охрид со моите (а јас бев викенд мама) ми се случувало избезумено да срипам од кревет со онаа мисла дека ми го нема детето.

Нина има скоро 16 години и не е веќе на онаа возраст кога не знае или не може да каже дали нешто ја боли, дали се чувствува настинато или тажно, ама тоа не ме спречува во текот на ноќта минимум еднаш да одам до нејзината соба за да проверам дали е добро. Настрана онаа епизода кога имаше само 1 година кога лежевме на детска клиника заради ешерихија коли која направи таков хаос што беше прашање дали ќе има последици по бубрезите. Секој родител кој минал низ голготата наречена “дете во болница”, знае за што зборувам. Тоа е едно такво одвратно чувство на немоќ, страв, беспомошност, надеж која веќе следната секунда е депресија, што не би можела да го опишам макар пишувала цели фермани во колумнава. Стравот за детето е нешто што не се споредува со ниту една друга емоција по интензитет. Години отпосле на секоја малку покачена температура, мене ми се смрзнуваше крвта и ги правев сите можни анализи за да не се повтори инфекцијата.

Ништо на светот не боли повеќе од она што ни ги повредува децата, без оглед дали се бебиња, потпораснати или веќе изградени луѓе. Гледам по моите колку ги погодува се’ што ми се случува во животот, а ми остава трага на тело или психа. И гледам дека нема врска што имам доволно години за да бидам и јас баба, сепак за нив сум дете...а за дете најмногу боли.

Кога бев бремена со Нина не правев амнио (за утврдување на неправилности во развојот на плодот) бидејќи шансите на скоро 35 да имам спонтан абортус после амниото не беа за занемарување, а башка ми беше и страв. Наместо амнио, ми извадија крв и примерокот беше испратен во странство, од каде добив резултати кои укажуваа на тоа дека шансите Нина да има Даунов синдром беа огромни. Неспани ноќи, дополнителни испитувања...знаев само едно, дека нема да абортирам. Знаев дека тоа дете што го носам во себе е мое и дека не џабе ме одбрала за мајка или (ако сакате поинаку) ми било пишано да ми е ќерка. Таа беше мојот благослов, дар, избор, љубов. Наеднаш, во сиот тој хаос кога во мене се искристализира чувството дека што и да се случи, таа е мојата совршена и најубава ќерка, стравот исчезна. Знаев дека ќе биде се’ во ред, без оглед дали ќе има Даун или не, дека мојата љубов и борба за неа ќе бидат исти.

Мојата прва средба со Даун синдромот беше во Битола. Карши баба ми и дедо ми живееше едно прекрасно семејство кое имаше син со Даунов синдром. Томче беше воедно и дел од семејството на моите баба и дедо, оти немаше ден да не оди кај нив и да си муабетат. Знаејќи го уште од дете, комуникацијата беше лесна и за мене иако беше повозрасен од мене сигурно едно 7-8 години. Томче беше тој кој водеше сметка за мене, па не ретко знаеше да дојде и да ме побара додека заакував со децата и како постар брат да ме потсети оти треба да се приберам дома. Томче беше дел од моето детство, дел од заедницата која немаше предрасуди и која не се подбиваше ниту стравуваше од Даун синдромот. Израснав со тоа дека е сосем ок сите да сме различни и дека тоа по дифолт не значи дека едните се подобри од другите. Но, израснав така бидејќи имав пред себе пример од повозрасните кои никогаш не дозволија ниту Томче, ниту неговото семејство да бидат повредени на било кој начин. Нина израсна така, бидејќи е од мала учена дека сите деца на светот треба да бидат сакани, пазени, чувани и дека не постои дете кое не го заслужува најдоброто. Моето дете израсна со емпатија кон оние кои беа помали и физички послаби од неа, па заштитнички се однесуваше кон сите кои на било кој начин беа задевани од другите деца. Ако на нешто сум горда како мајка и човек, тоа е дека детето ми е лавица за правата на сите деца, дека е гласна кога треба да се бори против неправда која е нанесена на било кое дете, дека ги почитува разликите меѓу луѓето и дека е без предрасуди.

Она што се случи со Амбла е пораз за нашата совест и свест. Она што се случи со Амбла е потсетник дека ќе треба многу да работиме на себе и на тоа да создаваме генерации кои ќе се ослободени од стегите на предрасудите. Амбла не е дете со посебни потреби, туку едноставно само дете на кое му треба љубов, внимание, поддршка, нега, впрочем, како на секое дете. Амбла не е поразлична од моето дете, вашето, од било кое дете на светот. Таа е благослов за своите родители, благослов за оваа планета која се обогатила за уште една чиста и невина душа. Односот на секој од нас кон Амбла или било кое дете е огледало на тоа кои и какви сме. А за никаде сме, оти потфрливме како луѓе и родители и треба да се засрамиме заради тоа.

И да повторам. Нема деца со посебни потреби, сите деца имаат исти потреби и треба да бидат третирани онака како што заслужуваат, со максимална грижа и љубов. Од нас зависи дали ќе израснеме цвеќе или коров во нивните души. Јас одбирам да гледам цветна градина, а вие?

И пред да се најде некој да мрчи околу посебните потреби, погледнете го видеото...многу работи ќе бидат појасни


Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

За дете не поминува

и боли

а не знаеш зошто

ама боли од мигот на зачнување

дур во себе го носиш

со рацете на стомакот

како да го штитиш

да го покриваш во себе

и ќе го износиш

цел универзум од себе ќе извадиш

кој тежи едвај неколку килограми

и потем цел живот така

ќе плачеш со него

дур сестрата вакцини става

та ќе ти иди да ја плеснеш по рака

и да ја отераш во мајчината сосе шприцот

ќе лелекаш на првото запче

одраното коленце со бакнежи ќе го покриваш

и дур спие ќе проверуваш дал дише

на секоја температура ноќи ќе бдееш

и душата ќе те боли

а ко ќе порасне

не дека нешто ќе се смени

ете

ќе сакаш од луѓето да го штитиш

а знаеш дека не можеш

дека по својот пат ќе врви

ама ќе те боли

секоја солза

и секој трепет

како твој да е

та ќе проколнуваш

оти не можеш да го покриеш

со раце да го заштитиш

како во стомакот дур ти спиело

таа болка

таа никогаш не минува

само други облици добива

чекање на прозорец дур се врати од некаде

тахикардија дур се јави

повторно од некаде

не поминува

никогаш не минува

и не слабее стравот

а како врват годините

стануваш ко баба ти

па се молиш

иако во Господ не веруваш

и си велиш

“само со ред да е, со ред да биди”

оти за дете

за дете не поминува.