За девојчињата, за иднината

фото: Printscreen/Youtube/Ana Ćurčin - Alone

Прозборувањето на Милена Радуловиќ и другите девојки за сексуалното вознемирување и насилство што го доживеале на часови по глума со Мирослав Алексиќ е неизмерно храбар и скапоцен чин што не заслужува ништо друго освен чиста поддршка.
Често ја гледам мојата едногодишна ќерка и размислувам која е таа и што ќе стане еден ден.
Веќе толку слободна, карактерна, жива и студена, ми мами насмевки затоа што ми се чини дека целиот свет ќе биде нејзин и дека ќе ѝ пркоси на сè што и пречи, што веќе прави.
 Замислувам како ќе се облече, што ќе слуша и за што ќе се интересира, а подоцна и што ќе прави. 

Се сеќавам на школата за танцување во која одев осум години и која беше клучна за мојот ментален развој - тимската свест и односот кон телото, и во мојата глава ми се појавуваат можни сценарија како ја носам на драмска секција, час по пијано или фудбал тренинг, во зависнот од тоа што таа ќе избере.
Со нетрпение го чекам секој нов момент со неа, секој нов заб што храбро ѝ избива. Побледувам секогаш кога таа невнимавајќи ќе ја тресне главата од мебелот, но дишам со олеснување кога ќе ја видам нејзината решителност да продолжи и да ја земе играчката, како што имаше и намера. 

 Доцна синоќа ја прочитав веста за познатиот професор по глума, познат режисер, педагог и актер Мирослав Мики Алексиќ, кого пет девојки, вклучително и малолетни девојчиња, го обвинија за силување и сексуално вознемирување.
Иако е длабоко заспана, ја будам за да ја прегрнам силно. Толку многу што би сакала таа да исчезне во прегратката сè додека светот не стане побезбеден за девојчињата.

Обидувајќи се да ги потиснеме траумите, честопати мислиме дека вистинските  чудовишта од нашето опкружување се само дел од некој лош кошмар и ги враќаме под тепих или ги заклучуваме во плакарот.
Вршејќи секојдневни активности и обидувајќи се да живееме нормално, ги слушаме нивните грчења во позадина. Сепак, овие чудовишта се вистински и најчесто се наоѓаат во нашето непосредно опкружување. Тие се наши професори, наставници, соседи, роднини, тренери и пријатели на нашите родители. Тие често се луѓе кои имаат авторитет и луѓе на кои им се восхитуваме. Тие користат манипулативни и стратешки методи на заплашување, така што нивните грозоморни злосторства остануваат засекогаш заробени во нашата глава. Во глава што поради траума, страв, очај и безнадежност не може да спие нормално, да размислува и да живеe.

Обвинетиот професор предаваше глума на деца од тринаесет години веќе триесет и пет години.
Мислам на сите девојки на кои им давал сексистички коментари, ги допирал, манипулирал со нив.
Како највозрасна, познатата актерка Милена Радуловиќ храбро зачекори напред и раскажа за ужасот од силувањето што го доживеала како малолетничка. Можам само да замислам колку е тешко да се проголта таа огромна, бодликава карпа траума и да се зборува во јавност.
Нејзината приказна не е глас на позната актерка на која ѝ се случило нешто толку страшно, туку претставува хор од девојки и девојчиња кои поминале низ исто или слично, но исто така и гласот на сите оние девојки кои штотуку доаѓаат и кои би можеле да бидат таму.
Поради сето тоа, нејзиното признание е историски важно и, барем за нијанса, ќе го промени светот. Ќе направи, едно помалку чудовиште да демне на овој свет, и се надевам дека ќе заплаши барем уште сто.
Ќе охрабри и прегрне илјадници девојки и девојчиња кои не спијат навечер заради она што го поминале, а кои најверојатно се обвинуваат себеси за она што им се случило. 

Одговорност на Милена не беше да прозборува што е можно побрзо за енормно ужасната работа низ која помина, нејзината единствена одговорност е да се справи со тоа на кој било начин што таа ќе го избере.
Од друга страна, одговорноста на сите нас, девојки, жени, мажи, а особено на воспитувачите, просветните работници, директорите, деканите и пријателите, е да не ги игнорираме и да не ги оправдуваме монструозните однесувања на оние што ги познаваме.
Сексуалното насилство и вознемирување се многу пораспространети во образовните институции отколку што е познато. Не смее да се игнорираат и оправдат од која било причина.
Машката моќ на одредени лица на позициите на моќ е силна и заплашува широк круг на субјекти, но не е и ненадминлива. Живееме во земја во која мизогонијата е вткаена дури и во образовниот систем, а сексистичкото однесување е нормализирано. 

Прозборувањето на овие девојки е едно големо НЕ за сите наставници кои нè тераат да носиме здолништа или бели маици, кои нè допираат помагајќи ни да направиме некоја вежба, или не тераат да се раскомотиме поради летните горештини, кои поставуваат прашања за сексот и уживаат во нашите маки и непријатности. Ова е едно големо НЕ за сите канџи кои насилно извлекуваат од нас девојчињата дете, и го претвораат во одреден модел на жена. 

Сите сме тука заедно за да ги откриеме ваквите однесувања и на тој начин да им ги обезбедиме на девојчињата основните работи што ги заслужуваат: правото на слобода и правото безбедно да станат она што тие го сакаат. 

Ти благодарам Милена, и ви благодарам девојки во името на сите нас, жени и девојки. Поддршка, не сте сами. 

текст: Iva Parađanin 
извор: elle.rs

Ме силуваше првпат кога имав 17 години: Актерката Милена ги обелодени монструозните дела на познатиот српски режисер