За Шупаците (втор дел)

Добивај вести на Viber

Мила моја жено. Ти се обраќам ко на себе. Погледни се. Сврти се околу себе. Тоа што го гледаш во огледалото си ти. Цела твоја сила, со сите твои одлуки, со сите твои решенија, со сите твои товари,  со сите солзи со сите насмевки, во право си. Не се сомневај во себе и своите одлуки. Не се сомневај во себе и сите твои решенија за живот кој би сакала да го живееш со главата, ама срцето ти вика не. Секоја твоја одлука ќе те однесе на ново неочекувано место и ќе те доведе до позиција на абсолутен сомнеж во истата. Ќе ја кривиш мајка ти, татко ти, околината, тоа што те боли, тоа што те води. Вистината е дека ти си крива. Ти ја донесе одлуката. Ти си таа која вика Да или Не. Затоа внимавај на кого ќе кажеш Да, а кому Не.

Ќе имаш мажи кои ќе те комплетираат, ќе имаш мажи кои ќе те одземат од себе. Најважно е да запамтиш каде си тргната и која е целта. Каде одиш и колку ќе патуваш. Има одлуки што ќе те дефинираат како личност и има одлуки што ќе ти го решат цел живот.Ти можеш да бидеш нечиј куршум за финална одлука, и ти можеш да бидеш нечија одлука за подобар живот. Жено, во тебе лежи моќ на абсолутна власт. Ти ја контролираш цела твоја животна ситуација и ти контролираш што е следно. Ако си слаба, ако немаш храброст, твојот живот и твоите одлуки ќе те совладаат. Ако успееш да си ги надминеш сопствените очекувања таму си.

Ако си во ситуација да еден шупак те нападне, одбрани се. Ако таков некој те подведе и доведе во ситуација на пораз, без трошка почит и без грам крупула, стани и изеди го. Онака лавовски, како што секоја жена го носи тоа во себе. Не му се давај жено, сочувај се. Стави се себе пред него, стави го својот живот пред неговиот, и не му раѓај уште еден, не му давај тежина на веќе претешкиот товар наталожен на плешки кај тебе.

Тој таквиот жено, еден ден, за најбрзо можно време, ќе си најде нова играчка за сакање, ќе почне да ти ги брои брчките и стриите, ќе те објективизира, како употребена крпа ќе брише под со тебе, ќе те понижи и демотивира, ќе ти ја одземе секоја твоја љубовна искра и ќе ја претвори во прав.

Не се давај жено можеш ти повеќе. Имаш ти љубови во твојот живот, вредни да им се дадеш со секој свој атом, занесни љубови кои ќе те однесат на неочекувани места. Немаат цена тие љубови, немаат локација, немаат предметна вредност. Имаат моменти на комплетно одземање, имаш проектирање во нечие срце кое себично ќе ја сочува таа проекција само за себе. Не барај физичка верност, не барај површни разговори, не барај идеали кои не постојат. Слушни го тој покрај тебе, дај му дел од себе за да може тој да порасне, зошто жено само ти можеш некого да пораснеш и да му покажеш на тој некој колку тој вреди. Твојата љубов жено, нема граница, нема кочница, нема сила овоземска која може да ја застане. Пркоси време, пркоси димензии, стигнува до вселената и плови во бескраен занос. Знаеш ти колку си моќна. Знаеш колку можеш. Помести ја личната цел нагоре, очекувај повеќе од себе, посакај најмногу за себе, за да можеш да дадеш. Даваш, заради природата која тоа од тебе го очекува, природата ти дала моќ да даваш живот. Земи ја таа моќ во споствени раце, не ја оставај на случајност, не ја оставај на судбина, не моли за помош од виши сили. Едуцирај се, научи, истражувај, посакај, оствари се, исполни се, себе дефинирај се. Искористи ја таа моќ, направи го овој свет поубаво место за тебе. Постани филантроп за себе, и така дај му се на целиот свет.

Биди Теодора, не подлегнувај на околностите, издигни се од состојбата во која животот те бутнал, стани Императорка. Биди Бијонсе, најди ја љубовта на својот живот и создади империја. Биди Опра, сакај се себе си и создади империја. Мерлин, стани икона и живеј го својот сон. Биди Ву, застани над своите очекувања и изгради царство. Биди Елизабета, венчај се сама со себе. Биди се она што ќе посакаш, но биди среќна. За себе и од себе биди среќна. Освојувај планети, освојувај сцени во театар, откривај нови елементи во хемискиот систем, откривај нови места на земјината топка, пронајди нови математички формули, пронајди скриени богатства, истражи го светот, Жено светот е твој. Не суди, не осудувај, отвори ја вратата на се што е ново. Не губи време на емотивно безредие, секој од нас знае точно што сака. Признај си го тоа што го сакаш и тргни по него. Зграби го цврсто, живеј го со полна плуќа, во комплетен занес, водена од интуиција и емоции, нема да згрешиш. Ќе те повредат, ќе се излечиш, пред да паднеш ќе знаеш како да станеш, ќе плачеш, ќе се смееш, ќе живееш. И кога ќе дојде денот да излезеш од ова тело, позади себе ќе оставиш аманет, завет, идеал за следење.

Јас сум Ивана Кнез, а ова е за жените лавици, оние што го одбраа вистинскиот потежок пат.

Се читаме следната недела.

За сите шупаци чудотворци