Заборавените детски игри ќе оживеат во паркот Капиштец

Добивај вести на Viber

„Пу за мене, пу за сите“, „Граница“, „Ема есаса, есаса е циција“... Овие фрази проследени со гласни извици и детски насмевки во минатото можеа редовно да се чујат низ сите скопски маала. Детските игри како криенка, плочка, граница, ластик, џамлии, сервис беа главна забава за време на летниот распуст. Но, веќе со години не е така. Нивното место го заменија компјутерите, таблетите, мобилните телефони. Маалските игри со кои растеа денешните родители се речиси целосно заборавени. Нивните деца никогаш не играле речиси ниту една од овие игри. 

Едно истражување спроведено кај 12.000 родители во десет земји покажало дека една третина од децата, на возраст од 5 до 12 години, надвор поминуваат помалку од 30 минути на ден. Од друга страна, психолозите порачуваат дека токму играњето надвор има низа позитивни ефекти во правилниот развој на децата – го намалува стресот, ги учи да се социјализираат и да се снаоѓаат во различни ситуации. 

Токму затоа организаторите на проектот „На одмор сум, во Скопје сум – општина Центар мисли на мене“ одлучија еден од настаните да биде посветен токму на потсетувањето и заживувањето на заборавените детски маалски игри. Настанот кој ќе се одржи оваа среда (15.08.2018) во паркот Капиштец, е замислен како еден вид работилница преку која децата ќе се запознаат со тајните и правилата на игрите како плочка, ластик, џамлии и други. Идејата е во целиот настан да се вклучат и родителите како еден вид ментори на своите деца. Паркот Капиштец ќе биде претворен во поле за детски игри без граници. Се разбира, идејата е магијата на овие игри да им се пренесе на најмладите и тие да се забавуваат на овој начин не само за време на настанот туку до крајот на летото и секој нареден летен распуст. 


Во рамките на настанот ќе се одржи и ликовна работилница, на која децата ќе имаат можност да цртаат под отворено небо. Цртањето во друштво е особено забавно за децата, ја поттикнува нивната креативност и ги развива моторичките способности. 

Основна цел на циклусот детски настани, поддржани од општина Центар, кои летово се организираат под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, е децата да се едуцираат на интересен начин за време на училишниот распуст и да се поттикнат да излезат надвор од своите домови на заедничко дружење и игра. До сега се одржаа повеќе ликовни, музички и театарски работилници. На секоја од нив присуствуваат по повеќе од 200 деца со нивните родители.