„Задоволство е да нѐ споредуваат со Адриана Лима, иако се стремиме да бидеме различни и оригинални“: Сестринското диџеј дуо, Андреа и Патриција во интервју за Женски магзин

Добивај вести на Viber

Се појавија скоро во сите балкански медиуми. Ниваната атрактивност, но и работа ги привлече медиумите да истражуваат за сестрите близначки од Македонија кои имаат голема сличност со светскиот топ модел Адриана Лима.

Андреа и Партиција се две сестри – близначки од Македонија, кои моментално се помеѓу најбараните диџејки во Европа.  Диџејското дуо го донесоа мелодичното техно во Македонија и по името „The Geors“ ги уриваат бариерите и создаваат нови музички трендови.

Овие две дами кои го „запалија“ Балканот во изминатиот период кои ексклузивно ги имаме во Женски магазин …

Андреа и Патриција музиката ја сакале уште кога мали. Свиреле на пијано и биле фокусирани на класичните тонови од безвременските Бетовен и Бах. Подоцна како ја откривале електронската музика, се заљубиле во неа на свои 18 години, кога ги имаат и првите почетоци во нивната кариера, но непрофесионално.

„Почнавме да организираме приватни настани со нашите најблиски, при што ние пуштавме музика на контролер. Не многу подоцна, во последен момент одлучивме да ја започнеме нашата кариера професионално, јавно со артистичкото име „The Geors“, кое е всушност кратенка од нашето презиме Ѓеоргиеви“.

Знаеле дека како сестри – сопатнички ќе функционираат цел живот, но не и како бизнис партнерки. Како мали ретко кој ги распознавал, но и денес се случува да ги помешаат што им е посебно слатко. Иако Патриција е поголема само една минута од Андреа, одлуките кои ги донесуваат се заеднички, секогаш со компромис, не е само една главна.

„По самото доаѓање на овој свет, веруваме дека сме со причина не само физички слични, туку и карактерно исто обоени. Од секогаш сме знаеле дека ќе бидеме партнерки во животот, притоа и не дека ќе бидеме диџеј дуо. Да нормално, се случува да имаме и несогласувања кога сме во студио, но секогаш наоѓаме компромис“.

Денес стојат зад диџеј – пултот, но како тинејџерки често биле пред фотообјектив. Каде што и ја започнале нивната кариера, како модели.

„Сликања имаме од многу мала возраст, пред тинејџерските години. Сите тие беа во рамки на нашиот град. Прв, посериозен проект беше снимањето на спот за новиот сингл на македонски артист во Битола“.

Пресвртот кон електронската музика и „The Geors“ се случил кога имале 18 години со настап во Охрид. А првиот хонорар веднаш го вложиле во подобра диџеј опрема.

„На 18 годишна возраст го направивме пресвртот кон диџеј дуо. Првиот настап ни беше во преубавиот Охрид. Пред настапот бевме во делириум дали би имале трема на пултот и беше пресудна дали ќе го продолжиме патот на ова диџеј дуо. Преку овој настап, почувствувавме дека пултот е наш дом, каде целосно се пронајдовме“.

По само три месеци од постоењето на дуото веднаш почнале повиците за нивен настап во нашите соседни земји. За брзо време Андреа и Патриција ги закажале нивните настапи во Грција, Албанија, Бугарија, Косово. Потоа Германија, Швајцарија, Италија и Австрија.

„Посебна чест и задоволство ни беше пуштањето музика на официјалните Афтер Настани на Milan Fashion Week 2024, каде ги запознавме врните дизајнери. 

Особено мило ни беше пуштањето музика и на Exit Festival со дел од светските артисти како Burak Yeter, John Newman. со кои остваривме животни пријателства. Нешто што секогаш ќе го паметиме е нашиот Pre-Match сет за Offical SSC Napoli во познатиот Diego Armando Maradona Stadium, во Наполи. 

Незаборавно искуство беше и Франкфурт, каде пуштавме музика за 10-та годишнина на најголемиот клуб во светот – World Club Dome. Задоволство ни беше да креираме доживотни спомени со David Guetta, Steve Aoki, Stella Bossi, Lily Palmer, Boris Brejcha“.

Изгледаат и атрактивно, а тоа им носи и моден ангажман, покрај обврските како диџеј дуо.

„Последни сликања имавме каде ако не во центарот на модата, Милано. Сликавме за добро познатите дизајнери Diana Dieppa Couture, Anton Giulio Grande, Diesel и многу други. Посебна чест ни беше гестот од страна на Emporio Armani, кој ни дизајнираше кастм дрес „The Geors“ Official SSC Napoli“.

Публиката ги сака секаде каде што настапуваат, убавата заемна енергија на „The Geors“ и публиката прави убави спомени, со нови луѓе и многу среќни лица.

„Каде и да настапуваме сме опкружени со неверојатна енергија и поддршка од публиката. Запознаваме безброј преубави насмеани лица кои никогаш не ги забораваме и се посебно радуваме што сме во можност да подариме момент, меморија на сите кои се присутни на нашите настапи“.

Во Македонија одамна немале ангажмани, бидејќи моментално тимот е базиран надвор од нашите граници, а нивните настапи се моментално насочени на неколку држави во Европа.

За споредбата со Адриана Лима велат: „Да бидеме споредени со светски топ модели, бренд од лица како Адриана Лима, е нормално задоволство иако се стремиме да се разликуваме од сите, да сме оригинални“.

Не се грижат за негативните коментари, имаат решение и за тоа ги прифаќаат со насмевка.

„Влегувајќи во шоубизнисот, ние сме свесни дека колку повеќе се шири твоето име, толку повеќе се шири обемот како на позитивни, така и на негативни критики. Истите ги прифаќаме со насмевка, дека не нè погодуваат‘.

Габриела Додевска Глигоровска