Затишје пред бура
Цел живот слушам дека мора да бидам иста, дека мора да се смирам,
дека мора да се стишам, да не бидам толку забележлива, да не зборувам се што ми
паѓа на памет, да внимавам, полека, не брзај, каде брзаш..
Да умрам. Брзам да умрам, а додека да дојде тој момент брзам да живеам нездраво добро. Со моменти вредни за сеќавање, со мириси кои оставаат траен печат во една психа, со вкусови кои ги носиш во гроб, пејсажи кои те будат од мртвите и емоции кои те воскреснуваат. Со нездрава количина на Љубов, со многу секс и оргазми, со бескрајни воздишки помеѓу мене и тој за кого ја давам душава. Брзам да живеам, не внимавам, за да можам раат да умрам. Среќна, исполнета, со насмевка од уво до уво. Кога ќе дојде тој момент да си одам, утре да е, да не ми е криво дека нешто пропуштив.
Сите имате еден момент на шшшш потивко, немој пред мајка ти, немој пред татко ти, пази како, пази што, немој бе да живееш по твое, живеј по наше.
Оди биди се она што јас не успеав да за можам да видам како тоа изгледа. И да си ги излечам сите мои болки преку тебе.
Епа не може. Јас сум и брза и брзоплета, и нерационална и неразумна, и неодлучна и неурачунлива, и писмена и неписмена, и смешна, и тажна, и алчна и широкограда. Денес можам да променам сто расположенија во секунда и тоа е мојот начин. За оние кои не можат така, светот е голем, не мора да го делите со мене, тргнете ми се од патот. За оние кои ме разбираат, повелете, ајде да си го подобриме животов и да го живееме по наше.
Нема револуција кога има страв. Нема живот кога нема храброст. Нема живеење на дозерки, не сме на лекови, не поминува глава од едно апче, продолжува да боли додека не си ја оправиш цела негативна енергија.
За промена, треба храброст, за живот требаат м..а, за доживување треба страст, за заборав треба срце, не мозок, не го одземајте времето кое го немате.
Колку и да се убедуваме во некој квази бизнис идеологии по социјалниве медиуми, колку и да забегуваме со амбиции претворени во клучеви од кола или стан, или слики од Санторини за на инстаграм, на крајот на денот вкусот е најважен. Допирот е повреден од сликата, залезот останува запечатен во сечиј ум, ако е споделен со саканата личност.
Промената чини премногу, често и не се носиме со неа. Ама, кога ти прекипува секое лонче, кога ја поминуваш секоја граница, кога те боли секој здив како новороденче, време е да си одиш. Време е да ги промениш сите околу тебе, време е да оставиш стари љубови, време е да оставиш моментална работа, околина, семејство, се она што те гуши и потиснува, се она што те тера да се стишаш, за да бидеш ти. Оди и најди си го мирот или немирот, зависи од тебе зависи како сакаш да живееш и која ти е финалната цел.
Јас сум Ивана Кнез, преку глава ми е од мудрувања во празно, преку глава ми е од затишја, ми се живее во бура. Со најсебични одлуки кои мене ќе ми донесат се она за кое вреди да се живее. А и да, решив да ме видите и со шминка, ретко видлива во јавност, само за очекувани дејствија. Но затоа Марија знае како си се свиѓам и си ме дотерува по нашки, реално, современо, тука и сега. Со Идентитет.
П.С. Денес пак музика, Texas, Inner Smile и цел репертоар на репете. Онака за по дома, за со оној што го сакате најмногу да си создатете моменти вредни за памтење. Не за инстаграм.