Зависник сум од социјални мрежи и политика: Утринско кафе со Сања Димитриеска

СЕКОЕ УТРО ЗАПОЧНУВА НОВА СТРАНИЦА ОД ТВОЈАТА ПРИКАЗНА. НАПРАВИ ЈА ОДЛИЧНА ДЕНЕС!

Една година откако се вратив во моето родно Кичево, моето утро најчесто започнува без обврски, без аларм. Утро со свеж воздух и отворен прозорец, топла постела со миризба на сварено турско кафе без брзање. Кафето сакам да го пијам кога е топло и обожавам да го пијам во двор со прекрасниот поглед кон природата, цвеќињата на мајка ми и магичниот звук на птиците. Во тој момент, најбитно ми е добро да си помуабетам со себе и никој да не ми смета. Обожавам да си го правам кафето сама, бидејќи ако дозволиш друг да ти го направи, може и да не ти се допадне вкусот...Исто како и животот!


Има ли поголема мотивација од животот? Премногу е краток.. Затоа:

Чекорете самоуверено по својот пат.

Правете ги работите кои ве исполнуваат.

Ништо не е невозможно за оној кој има желба да успее!

Бидете свесни за секој момент и искористете го за најдобрите работи.

Верувајте во себе. Никогаш не заборавајте колку вредите.

Бидете најдобрата верзија од себе.

Сакајте се себеси, бидете сакани, сакајте ги вашите најблиски, тие се најголемата мотивација!

Моето животно мото: “Прво правило: Никогаш не се откажувај. Второ правило:Секогаш сеќавај се на првото правило!”


Покрај утринското кафе, задолжителен ритуал ми е и миксот на намирници претопен во смути за здрав почеток на денот. За уште поенергично утро мојот ден официјално започнува со фитнес кој прво поради здравствени причини, а потоа и за подобар изглед ми стана животна опсесија. Покрај добрата контрола на секој дел од себе, тренингот е тој кој што добро ми ја смирува психата и ме држи емотивно стабилна. Кога нешто силно се сака никој не може да те спречи. Водам здрав живот, внимавам на начинот на исхрана и знам често да зготвам нешто и да завршам по некоја домашна обврска. Животот е непредвидлив и често пати знае да ме стави на некои тестови кои што храбро, цврсто со насмевка и со крената глава знам, можам и морам да ги поминам. Во текот на неделата одвојувам време и за прошетка до Скопје (не се може без него), спремам магистратура на политички студии-Правен факултет, и за средба со пријателите. Стравствен љубител сум на политиката и градењето на младинските политики во државава. Секогаш сум на страната на нови предизвици, сакам да учам нови вештини, нови работи и да се надоградувам со курсеви, обуки, семинари и сл. Никогаш не брзам, верувам дека се се‘ случува со причина и се ќе си дојде на свое место во свое време.


Во текот на денот или вечерта мојата љубов ја посветувам на дружба со најблиските и пријателите. Можеби сум слаба личност, но кога станува збор за нив имам војничко срце, сакам да им помогнам, да им бидам поддршка кога се соочени со некој проблем и честопати знам да ги ставам нивните потреби пред моите. Сакам да бидам опкружена со искрени, отворени, позитивни и среќни луѓе. Бескрајно сум им благодарна на оние кои се секогаш покрај мене, кога ми треба совет од нив поради моето доста променливо расположение. Она што најмногу ми смета е преголемата чувствителност, интуитивност, емотивност и преосетливост. Длабоко во мене живее непоправлив романтичар. Знам да бидам нежна и срамежлива, а понекогаш дива и моќна.


Во слободно време сакам да изгледам некоја емисија околу настанувањето на светот, земјата и големите откритија на природата или да проследам некоја политичка дебата, романтичен филм или некоја книга. Уживам и во некои прошетки во природа, кои сакам да ги доловам и преку слика. Доста сум зависна и од социјалните мрежи. Најчесто практикувам мирна вечер во својот дом, одколку да се мешам во гласните и напорни гужви. Сакам да се опуштам со добра музика која што е неизоставен дел од моето секојдневие,  понекогаш да се напијам и по некоја чаша вино, а најудобното и најтоплото место каде што се чувствувам мирно и спокојно е во прегратките и на градите на една личност.


*Сања Димитриеска - студент на постдипломски студии*