Заврши вториот кампус експиријанс Македонија во организација на Реал Мадрид Фондација
Децата презадоволни, шпанците со највисоки оценки за организацијата на кампот во Охрид.
После пет дневното кралско доживување на децата од Real Madrid Foundation Campus Experience Macedonia во петокот на 18-ти јануари со стандардниот утрински тренинг на фудбалерите и натпреварот помеѓу сите учесници и тимот на тренерите на кампот беше означен крај на вториот кампус експиријанс во Македонија. Пет дена исполнети со многу фудбал, едукација, дружење, прошетка до нашиот бисер Охрид и стекнување пријатели за цел живот.
Според програмата на организаторот кампот беше затворен со завршната церемонија на која децата ги добија своите сертификати и албум со фотографии кои ќе им останат како спомен за цел живот. Нашите храбри учесници и на ниски температури покажаа дека фудбалот за секој од нив е повеќе од љубов, а ние сме горди што имавме деца за пример.
Менаџерот на Real Madrid Fondacion Campus Experience, Карлос Касиљас Санчез на завршната манифестација ги изнесе своите импресии и се заблагодари за гостопримството на Охрид и Македонија и изнесе поенти од самиот настан:
-"Нашата главна цел во кампот не е талентот туку спроведување на повеќе цели, а тие се да ги учиме децата на вредности и тоа: тимска работа, респект, лидерство, самоконтрола и напорна работа. Ние сакаме нашите деца да продолжат да учат и да бидат подобри не само во фудбалот туку и во нивниот секојдневен живот.
Македонија и Охрид се извонредно место за да ги пренесеме нашите вредности и знаења. Начинот на кој бевме примени од нашите домаќини ја олесни нашата работа и тоа во голема мера. Се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме со организирање на вакви кампови во Македонија и се поголем број на деца ќе бидат дел од истите". - изјави Санчез.
На самиот крај на свеченото доделување на сертификатите, организаторот преку менаџерот Санчез и тренерите Валерио и Хуанан и приреди изненадување на малата Елеонора која токму на 18-ти јануари го прослави својот 15-ти роденден.