ЗБОГУВАЊЕ, ДОСТОИНСТВЕНО И БЕЗ ПАТЕТИКА
Кога си пишувач, често низ себе зборуваш за другите. На тацна ги изложуваш своите животни проблеми, за луѓето да можат да се идентификуваат. Стануваш мост преку кои туѓинците минуваат, кога водата под нозете им се бранува. Стануваш потпора за туѓите болки, преку своите. Но само ако си искрена. Ако текстовите не содржат уметничка манипулација, тука чиста емоција. Овој тип на творештво е најтешко, токму затоа што е (авто)рефлексивно.Во секој вид на комуникација особено важна е емоционалната идентификација на „публиката“ (во случајов читателите) со авторот (во случајов авторката). Тоа значи дека најчесто пред вас сум немала задршка на емоциите. Не дека некогаш не сум се покајала за премногу „истресени гаќи“, но тоа е ризикот што секој пишувач го презема ако сака да гради љубовна врска со своите читатели. Пишувањето за мене е интимност. Така, минатава година повеќе пати го отворив срцето и ги изложив своите стравови. Пишувањето колумни и раскази ми беше терапија секогаш кога се чувствував тажно и осамено...
2021 беше бледа и некако тешка година. Не само заради пандемијата, туку и поради колективните несреќи што ни се случија во земјава. Сепак, во неа напишав многу „светли“ колумни, оптимистички текстови, иако имаше и онакви што силно ги зариваа ноктите во неправдата, лична и колективна. Покрај темите кои секогаш ми се важни, како слободата, родовата еднаквост, љубовта, културата, новите медиуми, социо-емоционалниот развој на децата, често пишував и за монотонијата и рутината на брачниот живот, ранливоста како сила, животот без шминка, промените и последиците од ковид-пандемијата и многу други. Неколку колумни посветив на борбата со сексуалната пандемија, на што се надоврзаа и борбите за правото на абортус, неплатениот труд во домот, сексизмот и објективизацијата на жената, еко-феминизмот, мајчинството во културата... и куп други теми коишто би можела да ги ставам под капата на ЖЕНСКАТА РЕВОЛУЦИЈА!
Она што ме изненади е дека прв пат пишував за деца. 2021 година ќе ја паметам по едно такво креативно ткиво кое ми се врежа во срцето. Всушност, една од работите што ѝ дадоа боја на годинава што изминува е мојата илустрирана книгичка за деца „До небото и назад“ што ја направивме со Едиција Светулка. Сите, ние, кои сме родители во ова пандмиско лудо време, мора да признаеме дека со своите деца неизбежно многу време поминавме дома, во четири ѕида. Бонусот од тоа беше читањето. Книгите ни беа компензација за различни работи - за театарските претстави, за игротеките, за сите пропуштени детски родендени, за сите содржини од кои ги лишивме децата поради страв и внимателност од коронавируст.
Значи, 2021 година ќе ја памeтам по многу седење дома и купот прочитани книги, а секое годишно време по нешто специфично што ми го стврднуваше или омекнуваше срцето. Ако треба да издвојам само неколку крупни моменти или емоции по кои ќе ја паметам годинава, тогаш, зимата - по мојата магистратура, којашто до последен момент не ми се веруваше дека ќе успеам да ја завршам покрај другата стандардна работа и со „детето врз глава“ (читај: дете кое не оди во градинка). Пролетта, за жал, по болести на блиските (за среќа, сите со помин). Летото - по возбудливиот одмор на море и на планина, по делфините кои ги видовме за прв пат од далеку и по долгите прошетки во шума на планина. Есента - по нешто големо, што ме плаши и возбудува во исто врме - запишувањето на докторските студии.
Сепак, и покрај некои значајни работи што ми се случија оваа година, едвај чекам да влеземе во новата, во која би сакала животот на сите да ни биде пошарен и понормален, и наместо за бројот на новозаболени од Ковид-19 и новите мутации на вирусот, да зборуваме на пример за бројот на патувањата! И бидејќи не сакам оваа последна колумна за 2021 година да ја завршам на песимистичка нота, ајде (колку и да ми е шашав предлогов) за инает да ги најдеме проблесоците во годината што се збогува и да се сетиме дека имало и убави мигови...
Да не заборавиме дека во 2021-та некому му се родило дете. Нечие дете тргнало на училиште. Некој вдомил куче и направил добро дело. Некој се преселил во нов дом. Некому му се случила првата љубов. Некој одново се запознал со својот партнер со кој претходно во низата на работни обврски и кафеански бегства надвор од домот, долго се игнорирале. Некој се зближил со својата стара мајка со која заедно живее. Некој донирал и помогнал на сиромашните. Нечиј татко оздравел од болест. Некои имале повеќе време за медитација и возење велосипед. Некој напредувал на работното место. Некој почнал да свири гитара, некоја да шета по планини... Верувам листата е голема, затоа, ајде да ги понесеме убавите спомени во новата година, да ги запишеме сите лекции на кои 2021-ва нè научи и да ги закачиме на нашата духовна елка. Ретроспективите постојат за достојно и без патетика да се збогуваме со неостварените соништа и да се мотивираме за утрешното будење...
Во новата година ви посакувам добро здравје, спокојна душа, радосни очи и срце полно љубов!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој