“Здр лепотице”

Добивај вести на Viber

Нема жена која е активна на социјалните мрежи а да не добила во пораки “здр лепотице” или некоја од следниве подваријанти за обид на комуникација:

1.  “многу си убава” (тука обврзно има стикери со мечиња и срциња, кученца, бакнежи, а оние поромантичните ставаат стикер со цвеќе)

2.  “здр како си” (најчесто оди само со смајли, евентуално со палчето-лајк)

3.  “лепотица си на профилната” (бакнеж или срце кое пулсира-демек моето срце чука за тебе)

4.  “зафатена сте?” (уште на почетокот сака да каже дека ви го почитува времето)

5.  “кога кафе?” (овие најчесто го тераат човек да се замисли дали веќе се познавате од некаде, оти друго објаснување за апансас кафе-нема)

6.  “здр” на 3ти јануари, “здр” на 17ти Март, “здр” на 6 април, “здр” на 13ти јуни, “здр” на 7ми септември, “здр” на 25ти октомври па има пауза-веројатно сте го изнервирале дека не враќате и таман сте помислиле дека е готово, на 1 јануари имате “здр, сВе најубаво во новата хехехе”

7.  “како сме денес?” (ова се оние кои кога ќе се оженат велат: трудни сме, проодевме, се искакавме)

8.  И освен вербалните типови, имате и невербални кои праќаат фотографии од букети со цвеќе, филџани за кафе локум на сликата, слика од зајдисонце и силуети на маж и жена како се држат за раце.

Пред неколку дена, поточно на 8ми или 9ти март вртам низ ФБ кога налетувам на пост од една жена-змеј која не ја познавам лично, ама со која си се имаме намирисано дека сме на иста бранова должина. Оваа жена со која делиме не само исто име туку и иста боја на коса, имаше ставено статус кој одеше (парафразирам) “да се потсетиме на 8ми март дека ако жена сака да се фотографира на кој било можен начин, не значи дека е тоа зов дивљине”. Багауууууу, директно во центар и тоа без пардон. Се сложивме дека истото важи и ако жена облече мини сукња или седне сама во кафуле/кафеана, па тука некаде се провлече и една интересна ситуација кога мајсторот кој бил викнат за да се поправи нешто во домот се покажал со “ја користам оваа прилика за да си ја пробам среќата”. Дечки, сцените со водоводџии кои ги гледате на каналите за возрасни се измислени клипчиња и не функционираат во реалноста. Дури имаше и еден пост (на српски беше) каде што на прашањето која улога би ја имале во порно филм, еден најискрено си одговори дека тој би бил мажот кој заминува на работа пред да дојде мајсторот.

После ден или два од постот на мојата имењачка, налетувам на друг пост во кој беше раскажана кратка вистинска хорор приказна во 3 точки: “френд риквест, здр, блок”. Од коментарите заклучив дека голем број жени го имаат истото искуство, односно дека им е преку глава од преполни сандачиња во кои креативноста е сведена на минимум, а мрзата на максимум па дури ниту поздравувањето не е целосно. Нејсе, ваше е да пробате, а наше е да одговориме/игнорираме/блокираме, што пред се’ зависи од тоа колку сме биле во минатото изгњавени преку пораки и/или навредувани. За празникот, освен стандардните честитки добив и една фотографија на која на бело миленце беа ставени 500 евра и црвена ружа до нив. Откако ја изигнорирав, за 3 часа ја добив повторно истата...од истиот маж. Е, тогаш блокирав оти ми стана јасно дека онаа несреќна и неотесана изрека дека “не е**т убавите, туку упорните”, си нашла свои приврзаници. Да не навлегувам во пораки во кои кога ќе ги отворите од ум ќе се извадите кога ќе скокне нечиј полов орган или оние од “слуга покорен” или “послушен дечко” кој бара да ви ги бакнува стапалата и да го камшикувате (да ме убиете ако го разбирам фетишот за стапалата), па се’ до фраерите кои ако ги изигнорирате се претвораат од др. Џекил во мр. Хајд и почнуваат со навреди во кои хајлајт се зборовите “кучка, ку*ва, не*бана, распуштеница”.

Првиот пат кога од инбокс ми скокна пенис, имаше и текстуален дел кој беше оскуден и велеше “100 евра за секс”. Ова беше пред повеќе од 5-6 години, па цела шокирана одма свртев телефони и имавме сеанса со другарките за да ја сфатиме ситуацијата. Бидејќи бев над 40 и кусур, претпоставувавме дека барал100 евра (оти нели жена во години, па треба да плати за да ја посака некој), ама никогаш не ни стана јасно дали во пакетот беше и поезија или јок, се разбира со посвета. Па да, нормално дека сум цинична и револтирана!

Дел од навредите ако одбиете средба е и она дека треба да сте почестени што некој изразил желба да биде интимен со вас бидејќи не изгледате убаво/стара сте/грда сте...ова грда има секако свои подваријанти како што се: акреп, казма и сл. Она што најмногу фрустрира е дека меѓу сите тие пораки има и пораки од мажи кои се навистина коректни и со кои можеби и би нашле теми за муабет или би се дружеле, ама заради овие погоре и огорченоста која си ја носиме со себе оти секој што има месинџер може да си даде за право да ни пише што сака, не сме одговориле. Меѓу сите тие ЗДР, ЛЕПОТИЦЕ, МАЧЕ итн., се провлекуваат и многу пристојни мажи кои сакаат да не’ запознаат, да промуабетат и на кои императивот не им е како да го најдат најбрзиот пат за да ни влезат во меѓуножјето. Ама има голема вистина во она дека оној кој ќе се изгори од млекото, после дува и на јогуртот.

Да биде појасно...ако сме пол кој не може да крене тежина колку вас, не значи дека сме послаб пол. Тоа само значи дека немаме толкава физичка сила и мускулна маса. Знаеме многу добро што сакаме, а што не сакаме. Имаме став, мислење, имаме уста да кажеме што ни се допаѓа, а што не ни се допаѓа. Воедно, да знаете дека секоја жена има механизми како да покаже доколку некој и’ се допаѓа и сака комуникација. Ако не ви дала жената знак, тоа дефинитивно значи дека не е заинтересирана, а не да си умислувате дека е тврдина која мора да се освои, вака или онака. На “цена” се мажикои знаат да ја почитуваат слободната волја на жената и кои се доволно свесни дека џентлменството е секогаш многу погоре на скалилото од мачоизмот. Не се трудете да не’ убедите дека вие сте нашиот принц на бел коњ, тоа е нешто за што сами ќе процениме. Ваша работа е да го почитувате нашето НЕ и да се научите достоинствено да го поднесете, без да сте шокирани од нашата “дрскост” да ве одбиеме. Вистинскиот џентлмен знае каде е границата и знае како да пристапи, но и како да го напушти теренот.

Правото на секоја жена да напише што сака на својот профил, да се слика нашминкана/ненашминкана/во костим за капење/краток фустан/еротски е неприкосновено право кое не смее да биде толкувано дека “СИ ГО БАРА”. Жена која нешто си бара, си наоѓа и тоа без да се крева голема галама околу тоа. Жената, исто како и мажот може да седне сама во кафеана на ручек, да седне сама во кафуле за да се напие нешто и тоа не значи дека сака друштво, ниту дека сте повикани да го дадете вашето мислење дали е очајна, сама/осамена или нешто трето. Жената која ќе ги изигнорира вашите пораки и коментари во врска со нејзиниот изглед или која ќе се оглуши на пораката “ЗДР ЛЕПОТИЦЕ” е жена која има право на избор да се направи слепа на вашето право на избор да и’ пишете. Научете да прифатите НЕ, да го прифатите женското НЕ без да коментирате и без да прашувате зошто, а најмалку без оние изветвени досетки дека жена кога вели НЕ, мисли ДА.

И да знаете, во ова “порно” време без вистински вредности, воспитувајте ги момчињата да бидат џентлмени. Ем ќе научат нешто, ем ќе знаат да ги научат своите ќерки што да бараат и очекуваат од партнерот за да имаат здрав однос полн почит...оти секогаш кармата удира онаму каде што најмногу боли. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Зашеќери ја болката

Како топла гурабија во прав шеќер

Зашеќери ја горчината

На лажната блажина на љубовта

Онака мајсторки

Токму така како што сака една жена

Која одбира да верува во нешто

Што сакаш за три парички да и’ продадеш

Засукај ги ракавите

И како прав мајстор во кујната

Зачини го со магија блуткавиот вкус

На она што никогаш не можеш да бидеш

И остави ја таа карши тебе

Да ти одглуми дека не сеќава

Дека не знае оти зад сиот сјај

Само обриси од човек пред себе гледа

Ете пиле

Ние жените знаеме

И толку вешто умееме

Пред сета стварност очите да ги затвориме

А пак во тебе да пулиме

И сликата во себе за тебе што ја имаме

Вистинита да ја сториме

Та да мислиш оти најубав си

Оти ко тебе никој нема

Оти она што во нашите очи ќе видиш

Навистина умееш да бидеш

Ете

Пиле

Ние жените сами очите си ги ваѓаме

Само за ти себе убав да си се гледаш

И да се восхитуваш на она што го немаш

И тоа така години може да тера

И да си се љубиш од нашата љубов за тебе

И да се дуеш ко паун

Оти вредноста своја

Во нашиот љубовен збор ќе ја најдеш

И во топлината од нашата утроба

Во која ќе се сместиш

Ама умен треба да си

И на таквите жени длабоко да им се поклониш

И земјата по која одат да ја целиваш

Оти пиле

Ти, лудо и шуто кутро пиле

Таквите ко ќе решат да прогледаат

Тие се’ од себе ќе извадат

Ќе те изблујат сосе шеќерот во кој си ги удавил

И сета горчина на маса ќе ја извадат

И потем

После тоа будење на една луда жена

Која повеќе за тебе ниту тие скапани

Три парички ги дава

После неа само празнотија останува

И огледало напола поделено

Едната полојна ти-во неа ко си бил

А другата ти-без неа останат

И тогаш горнион на помош да ти е

Оти таа појќе назад не се враќа

Ниту ќе вика

Ниту веѓата ќе ја крени

Оти жена ко се буди

Се буди и ѓаолот кој на рамо ќе ти седни

И цел живот само ќе ти шепоти

Ја изгуби

Ја изгуби