Жена на месецот: Ребека Јанковска Ристески- Предизвик и светлина каде што можеби никој не ја гледа

Во Македонија постојат жени кои ја имаат силата да ги променат работите на подобро за сите! Кога велиме за сите, тоа значи буквално за секој поединец, без разлика на неговиот капацитет, способност, хендикеп, состојба... Тоа се жени кои создаваат иднина, кои се бестрашни и неуморни, кои поминувале низ голгота за своите и туѓите деца, извојуваат победи за да речат „Сине, победивме„!

Ребека Јанковска Ристески е жената која ја нарекуваат лавицата со челични крилја и им дава таква способност за „летање„ на другите, посебно на децата со одреден хедикеп, аутистичен спекатар на однесување и такви од ранливите категории. Пејачката се посвети целосно на потребната помош на останатите, а нејзиниот син Маркијан кој е со попреченост беше дополнителен мотив таа да се бори за подобри услови во нашето општество. И извојува многу победи! Последната е сензорски соби за градинките во општина Карпош.

Па напиша:

Маркијан победивме!!!!

Не една, туку повеќе сензорни соби во општина Карпош во градинките. На четвртата форумска сесија се гласаше ЗА!!! Овој проект доби најмногу поени! Сензорни соби за поддршка за сите деца со нетипичен развој, поддршка за наставниците, воспитувачите,родителите, општината обучи кадарот и ќе нема веќе изговори дека нема место и услови за овие деца во општина Карпош. Се радувам што има ЛУЃЕ и што нашиот глас допира до нив П.С. Маркијан беше на последната форумска сесија

Токму таа е избрана од нашиот магазин за жена на месец мај.

* Какви се тие сензорни соби? Многумина не се упатени што точно значи тоа?  

- Тоа се сензорни соби кои се подршка за лицата со аутистичен спектар на однесување, меѓутоа се корисни за деца со некои други состојби- невролошки или друг вид на хендикеп. Повеќето од овие деца имаат проблем со сензорите за вид или поконкретно, нештата околу себе ги перцепираат на поинаков начин, тактилно- преку допир... Секое дете е различно. Доколку во градинка, некое дете со аутизам може да има низок праг на трпение, (некои се учат со тек на време да го зголемат прагот на трпение) да почне да вика, да се самоповредува или да удира некого, истото тоа дете треба да се однесе во тивката сензорна соба која е со пригушена светлина, смирувачка и релаксирачка музика и на тој начин да се смири и да се стабилизира душевниот немир. Светлото игра голема улога, тоа се специјални светла, материјалот на другата технологија е специфичен, постои звучна изолација... Ова го кажувам како родител и во специјаните соби каде сум го носела син ми Маркијан. Технолошки не би можела да ја објаснам целосната слика на сензорната соба затоа што тоа се сепак нешта кои влегуваат во доменот на најсовремените технологии наменети за помош.

* Какво влијание ќе има ова во иднина и дали вакви или слични проекти се веќе имплементирани во други земји?

- Да, вакви и слични проекти се применети во многу земји низ светот, посебно во такви кои се поразвиени од нашата земја. Потребни се обуки на кадарот кој ќе работи во сензорните соби и пред се љубов да се сака да се работи со овие дечиња и да им се посвети можеби малку повеќе внимание од вообичаено бидејќи праксата до сега кај нас беше многу лоша, се разбира, со исклучоци. Но во светот не постојат само сензорни соби, има адаптирани кујни, градини, солени базени. Ова кај нас е мал исчекор потребен на децата со аутистичен спектар и децата со нетипичен развој.

* Вашето здружение „Дајте ни крилја“ е секогаш тука да помогне кога е најпотребно! На кои проекти сте особено горди? 

- Многу проекти. Не сме секогаш ние главните иницијатори на идеи, но тука сме гласно да поддржиме, а и да го кажеме нашето искуство, гледишта, примери... Здружението „Дајте ни крилја„ има пионерски потфати овде. Балот на различности, три огромни настани кои за прв пат беа донесени на сцена каде што имаше инклузија во танцување, вокална интерпретација со познати оперски, поп и рок изведувачи, спој на лица со попреченост и такви кои пеењето им е професија. За прв пат имавме модна ревија во Македонија каде што продефилираа и лицата со попреченост, конференција за лица со посебни потреби со предавачи од странство, бесплатен автобуски превоз за сите од другите градови кои сакаа да бидат дел од конференцијата во соработка со Шведската амбасада... Терапетско јавање, пливање со лиценцирани обучувачи од регионот и Европа... Мислевме дека ова последново ќе се реализира понатаму од страна на државата, но ништо од тоа засега. За оваа ранлива категорија на луѓе овде треба многу да се работи, да се создаваат сервиси, помош и работа, добро изготвени правилници, а не само паушални извештаи... Имаме ставено и пристапни рампи на неколку локации, горди сме на изградбата и реновирањето на центарот за рехабилитација при Мајчин дом со помош на наши пријатели спонзори... Многу соработки со родители, вклучување во национални стратегии... 

* Дали кај нас тешко одат придвижувањата во поглед на оние луѓе на кои им е потребна поддршка и помош?

- Многу тешко одат придвижувањата за се овде. А, посебно за оваа категорија. Има недостаток од центри за поддршка на родителите и семејствата. Кога едно дете има попреченост во семејството, тогаш целото семјество е со попреченост затоа што не можат така лесно да се планираат обврските како што би сакале. Едноставно, немате слобода на движење, реакции, што сакате да правите, често пати еден од родителите не работи... 

* Вие никогаш не сте криеле дека вашиот син Маркијан е дете со аутистичен спектар на однесување. Како денес Маркијан го доживува своето созревање, другарување, афинитети кон нешто...

- Инаку Маркијан е денес едно прекрасно момче кое многу сака да се дружи и излегува како сите тинејџери впрочем!

* Која е вашата порака за сите оние кои се соочуваат со релани животни проблеми и дали нашето општество им дава крилја? 

- Се што правиме да е од љубов и со љубов. Не постои човек без проблеми. Проблемите ќе поминат. Тие се дел од животот. Треба да гледаме на нив како лекции, искушенија кои не носат скала погоре или подолу. Зависи од нас. Како ќе им пристапиме и дали и кога ќе мислиме дека не ни се случило ништо полошо ќе најдеме и поука, предизвик и светлина каде што можеби никој не ја гледа. Нашето општество е секој еден од нас. Наша слога и прилика. Се зависи од нас, од реакцијата на секој поединец. Недостига љубов,вера и надеж. Рамнодушноста и мрзеливоста земаат се поголем замав. На многумина кои имаат крилја им ги потсекоа крилјата во првиот лет...

Небојша Толески

Фото: приватна архива