“Жена не се прашува за години”
Пред некој ден читам на ФБ статус кој одеше вака некако “ако некоја жена
ви каже дека дами не се прашуваат за години, сигурно има над 50”. И пред да
скокнат дамите кои ми се врснички и да почнеме да се натегаме дали ќе ја спалуваме
особата која го напишала статусот, да ви кажам прво нешто за авторот на истиот.
Таа (да, жена е) е една луцидна умница која сака на неконвенционален начин да
чепне онаму каде што е кревко и тоа не за да се потсмева (оти и самата оди
полека накај 50), туку да посочи колку е непотребно да се држиме до одредени
измислени стандарди. Ова го велам оти ја познавам лично и знам колку често знае
да размрда некои востановени (демек) правила. Намерата да ја разбранува
жабокречината, секако дека и’ успеа. На постот и’ се налепивме сите, секој од свој аспект и со
свои гледишта. Јас се шегував дека секогаш додавам, за да ми кажат оти изгледам
помлада, многу жени јасно и гласно си кажаа дека немаат проблем да ги истакнат
на мегдан годините, оти им се гордост. Секако, меѓу читателите имаше и онакви
кои сигурно останале со кисела насмевка, ама како и да, целта беше постигната.
Но, факт е дека постои тоа верување дека жена не се прашува за години, иако од аспект на климакс ќе ви кажам оти е полошо да се праша за килограми, ама ај (секако дека сум саркастична). Од каде е таа фама дека жените не се прашуваат за години или дека имаме проблем да ги кажуваме? Или попрецизно, зошто некои жени (порано беа побројни, сега мислам дека е тоа малку сменето) имаат отпор да ги кажат годините?
На Балканов, да се биде жена е само по себе предизвик. Но, да се биде жена која има 40+ и која е успешна, сигурна во себе, свесна за тоа која е и што е, е подвиг. Кога велам подвиг, пред се’ мислам на сите сопки кои се ставани на патот по кој чекорат жените на свои 40+. Башка, воопшто не ни се од корист досетките дека “крцкалчињата” се подобри од жилаво месо (фуј, фуј...ова е и за двата изрази, оти и двата се навредливи), па после имате “комплименти” како стара кока, добра јуха (дабогда се засркнале вие што го користите изразов), па како жени над 50 се добри само за стокмување парастоси, па зошто жените над 40 не сакаат да играат криенка (оти никој не ги барал и после ова имате еден куп “хехенца”). Некако ни е востановено дека мажите имаат право (да, баш така излегува дека е) да стареат, додека стареењето за жените е осмиот смртен грев. Извинете вака, ама живите стареат и тоа си носи промени на фасадата. Култот кон младоста и таа вечна болка на борба со годините е нешто што после одредена возраст ама баш воопшто не треба да не’ засега. Имам забележано дека главниот страв од оставање кај жените до 30-тата година е за да не бидат напуштени поради некоја поубава. После 30-тата веќе полека почнува пеколот на оптовареноста со годините (да не најде некоја помлада) и тоа само затоа што ни е наметната од општеството и од оние мажи (НЕ СИТЕ-морам вака, за да не ме расчеречат мажите дека стално сум против нив) на кои единствениот мотив за да бидат со жена е да се фалат со пленот пред другите маж(јац)и. А има и една вистина пред која не смееме да останеме слепи, а тоа е дека и ние жените мора да сме посолидарни едни кон други, за да сме посилни и да правиме промени. За да ви биде појасно за што зборувам, отворете на било кој портал каде што има интервју со некоја наша позната личност. Оздола на објавата ќе наидете на многу коментари, од кои за жал, голем дел се од жени, кои имаат на лагер потсмешливи или погрдни изрази за се’ и сешто, вклучувајќи и години а се’ во контекст на облекување, шминка, па дали е спонзоруша (и се’ се знае од прва рака, иако првата рака е секогаш “брат на моја колешка, е девојка му, нејзината прва братучетка, мајка и’ шо е комшивка на тетката на спонзорушава”). Интересно е што маживе и не се испопотресени ептен со тоа дали ние би нашле некој помлад, бидејќи и те како сме издресирани дека луксузот за менување “старо за ново” е чисто нивни домен. И тоа е така, затоа што се давиме во предрасуди дека е непримерно жена од 50 да шета со маж од 30, додека да се остави сопругата за љубовница која е 20-25 години помлада е сосем океј и нормално. Тоа е исто толку нормално како и згрозувањето ако некоја има целулит, виснати гради или брчки, додека стомакот кај мажот е како кај “менденце сладок”.
Нејсе, на мои некои 20 и кусур, добив “комплимент” дека не сум изгледала дека сум толку многу стара, што доаѓаше од уста на тинејџерка. Кога полнев 40, ќерка ми ме праша колку години сум имала сега, па кога и’ кажав, детето ококорено ми рече “мама, ние не сме учеле до тој број”. Сега, на 50 полни слушам дека ние од пола век добро се држиме и тоа ми е многу смешно. Демек, ни заминал последниот воз и сега ни преостанува само да се држиме и да не дозволиме да се распаднеме, оти сме на залез? Побогу, мајка ми има 73 и не се дава, енергија има ко за тројца, мене ме фаќа умор ко ќе ми изнакаже што се’ направила во текот на денот. Мојата омилена глумица која на почетокот на 2022 година (или беше крај на 2021, не ме фаќајте за збор) почина на скоро 100 (и’ фалеа само денови за округла стотка), до послено глумеше. Да, за Бети Вајт зборувам.
Пребарував низ интернет за да најдам еден куп жени кои се успешни, а се над 50, а да немаат интервенции на лицето и телото. Ете ви ја една Дајан Китон, Ени Ленокс, Моника Белучи, Мерил Стрип, Хали Бери, Хелен Мирен, Сузан Сарандон. Не ми кажувајте само дека на нив им е лесно, бидејќи се во Холивуд, па славни, па дрндрн. Таму е можеби и потешко, оти на тапет се ставени сите и тоа безмилосно. Кога се губат улоги заради помлади колешки, жолтиот печат е суров. Стареењето е и за нив предизвик, исто како за нас. Сега ја “силуваат” дрскоста на Моника Белучи да остари, па на нет имате слики одблиску за да се “згрози јавноста” од нејзиното непримерно брчкосување. Разликата меѓу нив и нас е во тоа што таму жените се доволно самостојни, финансиски независни и успешни во она што го работат, за да не ги боли глава за тоа дали некому му се допаѓа оти стареат туку напротив, уживаат во предноста на годините.
Никогаш не сум го сметала прашањето за годините за навредливо или за непристојно. Секогаш сум мислела дека навредливото и непристојното доаѓа од предрасудите кои ги имаат токму оние кои најмногу патат од тоа како се перцепирани од другите. Ничии години, па ни килограми не сум земала...мои се и живеам со нив како знам и умеам, а некогаш ми оди супер, некогаш се натегаме. Редно е да се престане со создавање митови дека овие или оние години се поубави. За некои работи (метаболизмот и хормоните) одма се менувам со некоја 20 годишна (на тие години, саат можеше да се навива по моите мензиси, а сега ко македонски воз ми се), ама за други работи, пари да ми даваат не би имала повторно 20, па ни 30, право да ви кажам.
Се’ е во умот и се’ е до умот. Сеедно дали имате 20, 30, 40+ или повеќе од 70 ако не знаете како да го живеете она што ви е од Универзумот (за верниците, Бог) дадено.
Да не заборавиме дека е привилегија човек да доживее старост, да не заборавиме дека младоста не е само во бројката, туку и во перцепцијата на животот. И можеби е време да почнеме да даваме едноставни комплименти на жените. На пример, наместо “убаво изгледаш за свои години”, да биде “убаво изгледаш”. И да знаете, секоја жена која се плаши од прашањето за годините е жена која била под притисок дека само тоа одредува колку ќе биде своја, привлечна, сакана, среќна или успешна во нечии очи.
Да сте ми живи и здрави!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Кога на жена ќе почнеш годините да ѝ ги броиш
Поарно фати џаде подалеку од неа
И пули си ја својата работа
А и неа остави ја своето да го тера
Не туку чепкај онаму
Кај што и ѓаволот не се осмелува
Оти ако сакаш жена да загубиш
За навек да те отсака
И да не те гледа повеќе к’о единствен на светот да си
Само гледај ја под око и брчките број ѝ ги
И задевај ја за белите влакна на главата
Та уште така наивно и невино кажи си
Дека младоста окото ти го задева
Ех, драги мој
Секојпат помлади и поубави ќе има
Во лицата мазни
И со гради кои не признаваат гравитација
Оти секојпат ќе има такви со коси раскошни
Без целулит и со кожа к’о во млеко избањата[img width="1" height="1" src="file:///C:/Users/Fujitsu/AppData/Local/Temp/OICE_722C543E-F4C0-450A-829D-F7B86BF1977F.0/msohtmlclip1/01/clip_image001.gif" v:shapes="Picture_x0020_3">
Со нозе оттука до вечноста
Секогаш ќе има поубавиј од онаа што до тебе ќе биде
И еве, околу себе ги гледам и себеси в огледало
се пулам
Убави жени пред време овенати
Кои трката со времето ја загубиле
А на ликот им се гледа оти к’о капка роса биле
Нежни и мазни
И ден-денес дами се
Со гордо држење и со питома женственост
Со мудрост која од очите им цути
И можеби градите свенати им се
И ко’ ќе се насмеат имаат мрежа кај очите
Се мачат со мигрени
И нозете им отекуваат од долго стоење
Ама тие таквите баш тебе те љубат
Да, иако и ти старееш заедно со нив
И можеби косата ти опаднала
А стомакот ти се олабавил
Да, токму тебе те љубат
Иако ни твоето лице веќе не е младо
И немаш мускулесто тело
Како оној онде од рекламите
Ама имаш среќа бе пиле
Имаш среќа што една таква жена
Те љуби баш тебе
Иако си стуткан во вратот
И имаш старечки пеги на рацете
Токму таа во тебе го гледа она момче кое некогашси бил
И никојпат нема да ти признае дека ѝ недостасувамлад мажјак
Оти те љуби
Оти не сака да те повреди, ниту пак да те навреди сака
Оти твоите години во нејзините очи не постојат
Оти таквата жена ќе гледа секогаш зад бројот
На свеќичките кои ги дуваш
Оти е дама, оти во душата е млада
И секојпат помлада ќе е од твојата
Непресушена глад и жед за непрежалена младост
Драги мој
На жена годините не ѝ се бројат
И остави ја брчките со гордост да си ги носи
Оти во секоја и тебе те носи
Твоите падови
Непроспиени ноќи болен ко’ си бил
Сите твои неуспеси
И долгите славења за успесите
Секоја нејзина бразда на лицето е и твоја
И затоа почит да имаш
И ко’ ќе заспие со милост лицето да ѝ го галиш
На таа што со тебе била и во добро и во зло
На таа пиле воздишките по тебе да ѝ ги броиш
И насмевките со кои те дарува во текот на денот
На таа
На таа да ѝ се поклониш, на жената до тебе што стои
Што те љуби
Што секогаш ќе те сака повеќе од младоста
која ти ја дала