Жени борци - жени БОРКИ

Добивај вести на Viber

Речиси и да нема семејство кое не се соочило со ракот. Во еден единствен миг, животот се распарчува на илјадници делови кои не знаеш да ги составиш. И ништо повеќе не е исто...никогаш повеќе. Мај 2001. Оттогаш не ја сакам пролетта. Дијагностициран рак на бели дробови кај татко ми, на неполни негови 53 години. Шок, неверување, моментот кога си велиш дека докторите сигурно нешто згрешиле, па чекаш да ти кажат дека е некаква лоша шега.. потем е моментот на бес. Зошто токму нему?! Зошто? 

Одговори нема. Едноставно, удира од глава и остава да се снаоѓате како знаете и умеете. Нема одговор зошто најмладиот пациент на кој му е дијагностициран ракот на дојка има само 17 години. Има само болка и гнев. Во тие мигови најважна е борбата и вербата. Психичкиот момент дека сме заедно во сета таа борба и дека заедно ќе ја минеме. Чувството на утеха кое го дава семејството и пријателите дека сѐ ќе биде во ред.

Кога седнав да го пишувам ова, бев со кнедла во грлото. Татко ми преживеа една огромна битка во која влезе со „ма какво умирање, имам јас допрва внуци за гледање“ (од внуци доби само една внука, ама ја изгледа и уште е тука за неа). Ден денес, на сите оние рутински контроли кои е неминовно да се вршат на одреден временски период, душата ми е стисната додека не го слушнам она смирувачкото дека резултатите се во ред. До следниот пат. И така е секој пат веќе 17 години. Така е во секое семејство во кое имало борец кој ја војува или војувал најголемата битка во животот. Денес (07.10.2018 година) се одржа традиционалната розова прошетка - Напред розово ’18. Нема потреба да ви зборувам за Биба (се разбира, Додева!) и за нејзиниот ангажман и борба кои не се само во сегментот на едуцирање за ракот на дојката, туку и давање директна поддршка и помош на заболените. Денес паркот беше полн љубов од сите оние кои беа таму, почнувајќи од оние кои биле болни од рак, оние кои ја водат битката и нивните најблиски како потпора. 

Она за што не се зборуваше многу, а со кое моето семејство се соочи (а верувам и многу други семејства), беше чувството на напуштеност. Да, токму така. Познавам повеќе семејства кои обзнанувајќи со што се соочуваат биваат напуштени од пријатели. Не е реткост заболените да бидат оставени и од своите животни партнери. Во моментот кога некому се руши светот и кога му треба целата верба и љубов што може да ја добие, бива напуштен затоа што веќе не е здрав. Наеднаш ракот се третира како заразна болест од која се бега. И еве, ќе избегаат од човекот, ама никогаш не ми било јасно како ќе избегаат од себе и совеста. Пардон, заборавам дека таквите луѓе немаат проблем ниту со човечност ниту со совест. Имам пријателка која сама се избори со рак на дојка во такви услови, оставена од сопругот кој не беше спремен и на дело да го покаже она „во добро и зло“. 

И ако постои пекол, се надевам дека за таквите има посебен круг. Амин.

Полека наближува 13-ти октомври, популарно наречен No bra day, ден кој е посветен на подигање на свеста за опасност од ракот на дојка. Кај нас, тој ден е ден кога на социјалните мрежи осамнуваат слики од разголени жени, постови полни сексуални содржини и потполна несвесност за значењето на денот. Зарем е можно дека за секоја глупост гугламе на интернет до бесвест, а не за да се едуцираме?! 

Драги мои жени.. сите сте жени и пол, сосе градите или со лузните кои ги носите под деколтеата. Не дозволувајте никој, ама баш никој да ве разниша во вашата борба. Вашите лузни и борба се достојни само за почит и восхит. Вие си знаете низ што минувате, не само со веста дека боледувате од нешто, туку и пред операција, со сите терапии отпосле, како се соочувате со стравот кој не е само за вашиот живот туку и за животот на вашите најмили. Никој не ви е во кожата. За мене и за многу други сте херои! Пример за истрајност и верба.

За останатите.. преиспитајте се убаво како ги нудите вашата љубов и пријателство. Ветувањата за „до небото и назад“ не се само флоскули. Имаат тежина која ќе ја носите цел живот ако кикснете. Животот не е ставање срциња на постови и празни ветувања. Пријателството не е седење по кафиња и озборување, шетање по кафеани и кикотење. Сите предизвици се гледаат кога човек е во невоља. Колку ќе сте умешни и спремни да сте тука, подеднакво присутни како кога било розово. Имате одговорност кон оние кои сте ги пуштиле во вашиот живот и кои ве пуштиле во својот. Имате одговорност кон сите луѓе од кои еднаш сте побарале да ве прифатат и сте ветиле дека ќе сте тука и тогаш кога работите ќе бидат тешки. 

Доколку знаете дека не сте кадарни да останете доследни на она што го посакувате, не го ни почнувајте. Не давајте надеж која ќе ја уништите за миг. Бидете големи за да не бидете дел од нечиј живот ако не сте сигурни дека ќе останете и кога ќе бидат потребни жртви. Впрочем, кога е вистинска љубов во прашање, не постојат жртви. Постои само присуството и поддршката. Лесно е да се говори за љубовта кога единствениот проблем е да се одлучи каде и како ќе се помине вечерта со партнерот. Лесно е да се говори за љубов кога дилемата е дали летото ќе го минете на некој егзотичен остров или луксузен хотел во планина. Најлесно е да се говори за љубовта кога во вакумираниот свет кој го создавате со партнерот нема проблеми.

Зборувајте ми за љубов кога има проблем.

Зборувајте ми за вечноста кога треба да држите нечија рака на болничка постела.

Зборувајте ми за љубов кога жената без гради ќе застане пред вас, а вие ќе ја гледате со обожување.

Зборувајте ми за љубов кога мажот кој оболел од рак ќе има жена покрај себе која ќе му рече „ќе го средиме ова“ и ќе го гледа со решителност дека нема да се откаже.

Зборувајте ми за љубов тогаш кога светот ви се распаѓа пред очи, а сепак имате сила да го превртите наопаку за да опстанете заедно со оној што го љубите.

Зборувајте ми за љубов...за онаа вистинската.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


„...има жени

кои магија во очите носат

и со нив ти зборуваат, приказни раскажуваат

дури и тогаш кога тишината е најгуста

има жени

раскошни и сладострастни

чии тела мамат воздишки и болни ерекции

за кои вреди и војни да се водат

има жени

кои можат светот да го обликуваат

со усни од кои тече мед

и раце кои топат олово

има жени

полулуди уметници

во паралелен универзум кои живеат

несвесни и ранливи во овој, земски свет

има жени

мајки

сестри

љубовници

сопруги

пријателки

осамени

со страотен пмс

пресметани

наивни

цинични и дрски

секакви нѐ има

и...

има жени

ете тие се најретки

жени со две срца

едното во градите им чука

а другото на мегдан го носат

на челата

на усните

и во очите

во стисокот на дланките

во воздишките

кои несебично срцата ги раздаваат

сета љубов во нив што се збрала

која ако им остане, сигурно ќе ги убие

ете тие жени

тие жени се раѓаат и умираат од љубов

живеат за неа

се хранат и дишат од неа

тие прекрасни, прекрасни жени

жени со две срца

ЖЕНИ БОРЦИ

ЖЕНИ БОРКИ“