Жените игнорирани на Оскарите, Тамара од „Медена земја“ светла точка на крајот од тунелот

Добивај вести на Viber

Дури четири режисерки годинава се номинирани во категоријата „Најдобар документарен филм“ на претстојното 92-то доделување на Оскарите закажано на 9 февруари. Токму меѓу нив е и нашата Тамара Котевска, корежисерката на „Медена земја“ која на овој начин е дел од уште една убава оскаровска приказна.

Со оваа одлука Американската академија за филмска уметност и наука се обидува да се искупи по критиките дека жените од филмската индустрија се повторно игнорирани, откако годинава ниту една жена не се најде на списокот меѓу номинираните во главните категории „Најдобар режисер“ и „Филм на годината“. Во оскаровската историја која трае преку девет децении, само пет жени биле номинирани во категоријата „Најдобар режисер“.

„Медена земја“ веќе испиша историја на најпрестижното филмско доделување на награди, откако стана прв документарен филм на Оскарите номиниран во две категории.

- Ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот - претходно појаснија луѓето кои го потпишуваат „Медена земја“.

Тамара во друштво на останатите жени номинирани во категоријата „Најдобар документарен филм“

Македонското ремек-дело на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е совршена приказна со универзален одглас за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа за која светот изминатиов период не престана да зборува. По победата лани на Санденс, филмот не престана да собира награди на различни континенти, а многу влијателни светски медиуми го ставија во топ 50 најдобри филмови за 2019 година. И холивудски ѕвезди како Сара Џесика Паркер и Џејми Ли Кертис го пофалија филмот.

- Колку совршен момент за овој филм. „Медена земја“ е зачудудувачки. Алчност. Ненаситност. Семејство. Љубов. Чест. Природа. Истрајност. Воодушевена сум - напиша Кертис на социјалните мрежи.

Шансите за „Медена земја“ да освои Оскар се се’ поголеми и според македонските обложувалници. Според нив тоа се должи на позитивните рецензии од критичарите за делото, но и на епилогот од доделувањето на претходни награди.

Ѓ.С.