Жените ќе се пензионираат на 62 години, но ќе можат да работат до 64

Се подготвуваат пензиски реформи, нема повеќе пролонгирање на пензијата после 67 години.

Според новото законско решение, пензионирањето со навршени 64 години ќе биде задолжително во јавниот и приватниот сектор, со исклучок на здравството и образованието, од 2022 година.

Последните измени на Законот за работни односи со кои се предвидува задолжително пензионирање на 64-годишна возраст, поднесени од група пратеници, влегоа во собраниска процедура и го поминаа првото читање, според кој нема да има изедначување на старосната граница за мажите и жените, како што првично најавуваше Владата.

Последно е дека во измените на овој закон се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, но, сепак останува можноста жените да се пензионираат и на 62 години, како што е регулирано во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

-Жените ќе одат во пензија на 62 години, но доколку сакаат ќе може да работат до 64, односно до истата старосна граница како и мажите, уверуваат предлагачите на новите измени во Законот за работни односи. Истиот е во Собрание и за него допрва треба да се дискутира, но суштината е во тоа што пензионирањето на завршени 64 години ќе биде задолжително, односно нема да може да се продолжува до 67 години. Единствената дилема беше дали жените ќе мора задолжително да одат во пензија на 62 години.

Пред два и пол месеци вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека нема да има намалување на старосната граница за пензионирање, но во пензиските реформи ќе има изедначување на годините за пензионирање на мажите и жените.