Жените, мажите и очекувањата
Вирусов што е потполно необјаснив за многумина кои го фатија, ми ја расплака мамицата цела недела. Едно неубаво, едно коски и мускули болење, па ушите ме фатија накај крајници, па синусите дојдоа на ред и со еден збор, БЉАК. Среќа што реагирав брзо (ме среди докторка дур реков пиксла) и што немав кашлица, ниту висока температура. Арно ама, кај мене тоа се одразува отпосле и тоа со херпес на уста, при што, една половина од устата ми е како на Анџелина Џоли, а другата скроз моја (да сум жива и здрава де). Инаку, херпесот е последица на вирус но лекар ми има кажано дека е и стрес кој не го исфрлам, ами си го собирам. И џабе си го собирам и преџвакувам, кога тој си наоѓа начин да излезе на виделина. Затоа, ако сте склони да си преживувате се’ и сешто, да си најдете начин како тоа да излезе од вас, макар тоа значело и да викате или трескате со врати (во превод, не бидете тапа како мене). А ако сте веќе тапа како мене и стресот ви излегува на уста, ви препорачувам по аптекиве да си земете лабело за херпес кое е на база на ацикловир и делува многу поефикасно од се’ што имам јас пробано (не треба фала).
Најмногу што ми фалеше целата таа недела беше терање муабети со ќерка ми. Јас меѓу две дремки и препотувања, таа со обврски со школо, англиски и завиден социјален живот, се промашувавме константно (а и не сакав многу да ми се мота околу, за да не префати). И еве не’ после цели 7 дена, желни за дрдорење седиме на шанк-маса со доручек, какао, цеден сок и ентузијазам да ја протресеме неделата која одмина. Инаку, пред да се (имаат прилепчани еден израз) “лајносам” вака, бев излезена со една другарка, со која не’ врзува едно чудо денови и ноќи минати во смеење, плачење, преиспитување и муабети кои немаат крај. (приказнава со другарка ми е увертира за муабетот со ќерка ми).
Сите мои другарки се приказна за себе. Различни табиети, различни животни приказни, но она што им е заедничко е тоа дека се сите преубави, силни и храбри жени. Годините им се движат +/- 10 од моиве, што би се рекло дека сме некаде од 40-60 годишна возраст. Има меѓу нив разведени, вдовици, премажени, жени кои одбрале да се сами, жени кои се во среќен и убав брак, како и жени кои одбрале да немаат брак но имаат партнер со кој што живеат. Како да ви кажам, шаренило од табиети и багаж кој тежи ко планина. Со другаркава (а уште тогаш кога се видовме бев малку килава, ама си реков дека од умор ми е), седиме и си раскажуваме на која што и’ се испослучило периодов. Мојот период така малку досаден, без некои особено интересни случки, ама затоа нејзиниот машала плоден. Сосем случајно запознава маж кој всушност и не е дека не го знае (што би се рекло жаргонски го знае ОД “извиџење”-не прашувајте оти има ОД пред изразов) ама ете сега некако повеќе се во исто друштво и почнуваат муабет. Познавајќи ја другарка ми, кога ја приметувам кај неа онаа воодушевена нота во гласот (за жал, ретко ја имала) кога зборува за некој одма знам дека ја погодил со хуморот и муабетот. Да, секако и хемијата тука игра улога, ама знаејќи ја каков шерет е и колку е духовита, тврдам дека токму хуморот и сродноста биле најголемиот фактор за проработување на хемијата. Нејсе, јас цела ококорена (дечки, романса е секогаш убава да се разбереме), го пијам секој нејзин збор и си велам (малку и тешам) “Ано, гарант може и тебе нешто вака финко да ти се деси само ако почнеш да излегуваш, оти од седење дома ништо не се случува” (ова како вицот со лотото-аман уплати и ќе ти се падне), кога наеднаш текот на приказната се менува. Чекај, чекај, чекааааааај...чекај малку. Значи, дружба, пишувања, предигра (главната игра е послатка со подолга предигра), кафиња, смеење и кога наеднаш БАААААМ. “Ничим изазван” на сред муабет човеков вели: “Види, сакам да сум искрен со тебе и да ти кажам дека не сум заинтересиран за врска. Секс и без обврски, не сакам да се вљубиш во мене и да патиш”.
Штета што нема фотографија од мојот израз на лицето. Не дека ми е другарка, ама женава изгледа како милион долари. Не дека ми е блиска, ама нејзиниот шарм, манири, хумор, енергија, стас, интелект се неспорни дури и од оние кои не ја познаваат како што ја познавам јас. И двете во исто време со истата констатација, ама јас во прашална форма, а таа во раскажувачка:
Јас: “А што ако тој се заљуби во тебе?????????”
Таа (обраќајќи му се нему): “А што ако ти се заљубиш во мене?!”
Нормално, после нејзиново (сосем легитимно) прашање, чоеков пробал демек на смеење да го заврши муабетот ама останал еден непријатен јаз меѓу нив кој само се продлабочувал. Од секој ден муабети, слушања, често пиење кафе и дружби, односот полека се ладел додека не дошле работите на извештачено покажување ентузијазам за повторна конекција кога ќе се сретнат случајно. Што рече другарка ми “Не може на овие години некој да бара да не очекувам или да очекувам, но може да ме праша како замислувам нештата да бидат”. И што е најбезвезе, најдобро се завршуваат работите кога се зборува за очекувањата. Оти и мене ми се случи ова истово пред некоја година. Муабет, смеење и таман дојдовме до моментот да се видиме на кафе, легендарнава “без очекувања” реченица ми одмили и кафе и се’...а ќе беше фора да го извадам чоекот од ум и да дојдам на кафе во невестински фустан.
И еве, после цела недела (сега ве враќам на муабетите со ќере), со Нина си раскажуваме, односно јас повеќе слушам отколку што зборувам, кога зборувајќи за романса меѓу нејзина познаничка и симпатијата, ми вика: “замисли, овој и’ кажал да биде лабаво, да чилаат само”. И јас сум како во “дежа ву” филм, само што сум сега во светот на средношколците, или можеби не!
И си велам (со сета почит кон и радост што има мажи од сите возрасти кои знаат што сакаат) каде ли е емоционалната интелигенција, еволуција и раст? Дали стравот од емоции, очекувања и продлабочен однос е толку голем што од старт се сече односот меѓу двајца? Впрочем, односот колку и да го дефинирате уште од почеток, сам ќе си добие правец, сакале вие или не. Знам еден куп врски кои почнале “не бе, само се муваме” и кои завршиле со повеќедецениски брак, исто како што знам врски кои биле мноооооогу сериозни, па завршиле по брза постапка. А имало и такви кои биле дефинирани како “мувачки” врски и така завршиле, исто ко што имало и сериозни кои завршиле со брак. Муабетот ми е, нема правила. Единственото правило во секој однос е дали ќе има КЛИК или не. Ако има, колку и да се плашите од очекување, ќе се фатите себеси дека пред се’, вие ги имате. Ако нема, абе се’ да е под идеални услови, нема да успее и тоа е.
Можам да разберам кај децава да е фора и некој да се прави фраер демек мангупски игра, па е непостојан. Ама не е ли малку смешно на повозрасни години? Па уште и мислејќи дека сте искрени ако кажете в лице некому дека се преценувате (што и не е проблем), за сметка на тоа дека го потценувате (е, ова е проблем). Тој муабет се прави ако веќе некој ви стави до знаење дека сака нешто посериозно или подлабоко. Тогаш се отвораат картите, а не додека сте во фаза на опипување на теренот и со кого си имате работа. И колку да знаете за да не мислите дека жените на 40+ се очајни по секоја цена да се со некој и тоа “за озбилно”, да расчистиме некои работи. Жените кои се сами на 40+ не е баш дека сонуваат за тоа повторно да се мажат, премажат. Не е и дека во нашите идеални размисли за врска спаѓа делот да се живее заедно и да се ставаме во ситуации да живееме квази брачен живот. Оти не сме баш многу различни, знаете? И нам ни е убаво да сме сами, да не се потресуваме дал има ручек или дали е се’ средено дома, си ја сакаме слободата на “сега сакам ова, а сега не сакам она”. И што е најважно, уживаме и кога сами гледаме филм на Нетфликс во исфлекани пижами од сосот од шпагетите со по некоја дамка од вино, исто како што уживаме и кога сме на штикла 12 (ова со штиклава не важи за мене) и кога седиме во кафеана со маж кој ни се допаѓа (ова да, земам). Башка, кој свикнал да спие сам на овие години, тешко се наканува да дели постела со друг...колку и да е идеален (малку шега на ваша сметка, драги мажи).
Олабавете се и олабавете не’, дајте малку да се растеретиме од непотребни стравови. Престанете да очекувате дека ќе очекуваме...не очекувањата, туку претпоставките се мајката на сите проблеми.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Се’ можеме
И се’ сами знаеме
На себе да се потпреме
Сами себеси столб да бидеме
Сите проблеми да ги решиме
И сиот свет врз плеќи да го носиме
Се’ можеме
И не заборавајте...
Се’ знаеме сами да сториме
Та дали машка или женска работа била
Ќе ја стокмиме....оти жени сме
Вака или онака крајот ќе и’ го најдеме
И нека не ве лаже изгледот кој го имаме
Ниту лицата бојосани
Ниту косите стокмени
Ниту кревките тела во фустани свилени
И нозете на високи потпетици опнати
Нека не ве лаже ниту ако руменило немаме
Или кармин ако избегнуваме
Та и во пантолони да сме секојпат
Тие сме, истите сме
И не заборавајте....се’ можеме
Можеме сто реки да препливаме
И триста патишта да изодиме
Бури и невремиња со насмев да испратиме
И горчлива тага со храброст да дочекаме
Се’ можеме
И се’ сами знаеме да истуркаме
Дури и повеќе отколку што еден маж
Некојпат ќе знае сам да е
Ете толку ни е силата
И таква некојпат ни е судбата
Да научиме сами, а како двајца да сме
И за двајца да се радуваме
Та и за двајца да тагуваме
За двајца да се кикотиме
И за двајца да плачеме
Оти...
Се’ можеме
И за се’ не’ бива
Дури и тогаш кога најосамени сме
И кога пишано ни било
Сами за навек да гувееме
Оти жени сме
Карпи сме
Оти така ни се сака
И така ни се може
Се’ сами да можеме
И се’ сами да знаеме да сториме