Женски Магазин со нов предизвик
Животот е полн со предизвици. Некои ги сакаме, некои не. Некои не инспирираат, некои не вознемируваат. Но, секој од нив бара борба на издржливост и силна посветеност.
Мојот предизвик беше Женски Магазин да стане вистинска пријателка, која ќе биде тука да ја слушне вашата приказна, да ве поддржи и да ви покаже дека не сте сами.
Дали успеав? Да. Посебно затоа што не бев сама. Имам двајца партнери, кои заедно со своите сопруги дадоа свој придонес Женски Магазин да го добие сето она што му треба. Имаме одлична новинарска екипа на која сме навистина горди. Раскажавме многу приказни заедно. Покажавме дека не треба да бркаме термини како „шокантно“, не треба да копираме, за да не читаат. Баравме личности кои може да инспирираат. И да, ги има многу во ова наше напатено општество.
Женски Магазин од денес влегува во нов стадиум. Уредничката палка ја оставаме на новинарската екипа. Веруваме во нивната посветеност и професионалност. Знаеме дека и во иднина ќе ве бараат вас. Да ја раскажат вашата приказна. Да покажат дека ние имаме многу моќни жени. Тие имаат инспиративни животни приказни. Тие можат да бидат пример дека секоја битка може да се совлада. Дека секое лошо е за нешто добро. Дека убавото треба да се поддржи. И тагата е полесна кога ќе ја поделиш. Дека вредностите треба да се градат заедно. Дека љубовта е најмоќната сила. Дека жените знаат и дека жените можат. За сите нив, Женски Магазин ќе биде секогаш отворен и достапен, во секоја прилика.
Секогаш ваша, Вики Чадиковска