ЗГРАПЧИ ГО ДЕНОТ

Добивај вести на Viber

Колку често се чувствувате мрзливи и непродуктивни кога ќе се опуштите пред телевизор (под телевизор мислам на Нетфликс и сличните филмски канали, во никој случај не мислам на македонските ТВ програми)? Познато ли ви е гризењето на совеста кога ќе украдете некој час само за себе? Чоколадото и овошјето на послужавник, нозете во „вис“ и филмот на „плеј“. Во такавите моменти, секогаш мислам дека има други попаметни работи што би можела да ги направам додека светлечкиот екран ме маѓепсува.Чувството на безделничење знае да биде божествено, но притисокот што ни го прави брзата живејачка, наметнатото темпо на континуирани обврски, работа и труд, етикетите за продуктивност, очекувањата на другите, информативното бомбардирање од социјалните мрежи, брзината со која се случуваат работите... дури да трепнеш си пропуштила нешто... да може човек да се клонира на повеќе места во исто време!


Фрлени сме во машината на обврски и планови за утре, а „Утре е друг ден“ или како што секогаш во оригинал ни брмчи в глава– „Tommorow is аnother day“. Токму таа култна филмска реплика од омилениот љубовен филм на мајка ми, „Gone With the Wind“/„Однесено со виорот“(1939), ме потсетува дека треба да забавам секогаш кога некаде итам „ко мува без глава“. Ете како некои реченици изговорени низ филмскиот јазик ги обликуваат нашите светогледи... затоа, седнав да размислам кои култни филмски реплики содржат големи вистини. По кратко истражување или што би се рекло модерно– „рисрч“ (со јазикот на современата комуникација полна со интернационализми) дојдов до заклучок дека многу од нив сме ги одомаќиниле во нашите скромни животи без да бидеме свесни од каде доаѓаат. Некои од нив се навистина добри лекции...

Честопати, под притисок на перфекционизмот, како уште една од болестите на модерното време – биди најубава, биди најинформирана, биди најмлада, најфит, најова, најона... се присетувам на мислата „Никој не е совршен“/„Nobody is perfect“, првпат употребена на филм во „Some Like It Hot“/„Некои тоа го сакаат жешко“ (1959). Навидум многу едноставна и тривијална, но суштинска и важна, особено кога ќе ја ставиш на менито на жените и девојчињата кои се опседнати со физичкиот изглед и допадливоста, и неретко развиваат психолошки проблеми со исхраната како анорексија и булимија. Статистиката покажува многу поголеми бројки на манифестација на овие болести кај жените наспроти мажите. Но дали едно филмско упатство, дека совршеноста е недостижна категорија, за момент ќе нè освести за фрустрациите што ги развиваме пред посакуваните, слаби манекенски женски тела и фотошопираните слики на стварноста на Инстаграм, Фејсбук и сличните мрежи со кои сме бомбардирани? Огледалото е во мојата глава!


А секоја реплика си има своја тежина, нели? Една таква, со тежина на морална планина, е и мислата „Carpe Diem“ или „Зграпчи го денот“ од извонредно силната сцена во филмот „Dead Poets Society“/„Друштво на мртвите поети“ (1989) во која професорот (познатиот актер Робин Вилијамс) им ја кажува најважната животна лекција на своите студенти учејќи ги на достоинство, морал и непокорност. За мене ова е всушност лекција за:

Чест без суета!

Чесност без калкулација!

Достоинство без его!

Почит без полтронство!

Дисциплина без авторитети!

Љубов без вина!

И навистина, кога ќе размислам, борбата почнува таму каде што завршува стравот и конформизмот. За жал, од мали нè учат на послушност, без да ни го развиваат љубопитството. Не е ни чудно што во нашата земја во минатото секое трето име било Трпе или Трајче, по принципот– „Ќути си, трај си“! Драго ми е што имам родители кои ме воспитаа во духот на неконформизмот и ме научија дека животот е повеќе во миговите на храброст и правдина, а не во полтронскиот и медиокритетски однос кон (лажните) авторитети.


Продолжувам да вртам по каналите на умот и се присетувам на моќниот говор на Ал Пачино во филмот „Мирисот на жената“,кога вели: „Имаше времиња кога можев да гледам. Видов момчиња како овие и помлади од нив, со раце искосени и нозе пресечени. Но, не постои ништо пострашно од тоа да видиш човек со ампутиран дух“. Ќе се согласам со Ал Пачино, дека најстрашното нешто што може да му се случи на човек е - ампутираниот дух! Таквите луѓе би ги нарекла живи мртовци или предвреме остарени млади луѓе, кои личат на пензионирани старци. Од друга страна, сретнувам возрасни луѓе со жив дух и на таквите им се восхитувам! Оние што не бројат години, туку квалитетни животни мигови...

Пред очи ми доаѓа уште една лекција за слободата и гордоста: „Можеби ќе ни го одземат животот, но никогаш нема да ни ја одземат слободата“ или уште подобро звучи од устата на Мел Гибсон во „Braveheart“ (1995): „They may take our lives, but they will never take our freedom“. Ова ме натера да си го поставам прашањето: Која е цената на слободата? Треба ли човек да ја пресече гранката на која седи неговиот комфор? И имаме ли воопшто денес храбри јавачи спроти брановите? Човештвото вечно се врти на тркалото на кое едни се жртви, а други џелати. Тоа е проклетството на историјата, како крвава крпа што ни се повторува, а грешките остануваат ненаучени. Ви текнува ли на силната реплика од „Пред дождот“ на Милчо Манчевски – „Пукај бе братучед, пукај“? Револт што се претвора во помирување. Се помируваат небото и земјата... пред да падне дождот... и да ги измие валканиците на душите.


И тогаш ми светнува в глава... Џабе е покажување прст кон другиот, ако никогаш не го свртиш прстот и кон себе! Исто како што е џабе голото критикување, ако на себе не ја облечеш наметката на личниот пример. И ако животот е одбирање страна, тогаш одбирам да бидам на страната на оние со радост и храброст во очите, наместо цинизам во забите! На страната на оние што од калта и блатото се обидуваат да извадат злато. Оние што гледаат на потенцијалот во работите, а не на сопките и кривините. Тие што работат и не се плашат да бидат критикувани. Тие што на различните од нив им се обраќаат со почит, а не со омраза и супериорност. Затоа, познатата филмска реплика – „Држете ги пријателите блиску, но непријателите уште поблиску““/„Keep your friends close, but your enemies closer“ би ја сменила во насока што ќе значи бришење на концептот на непријателот! Звучи наивно, знам, но и Том Хенкс во „Форест Гамп“ беше наивен, но неповторлив кога рече: „Мајка ми секогаш велеше дека животот е како кутија со чоколадца. Никогаш не знаеш што ќе добиеш“.

Несомнено, повеќето луѓе од чоколадната кутија би ги одбрале оние со вкус на ванила и јагода. Јас, пак, секогаш го одбирам најгорчливото чоколадо. Тоа ме потсетува на вистинскиот вкус на животот. И не му верувам на Џек Николсон во филмот „A Few Good Man“ (1992), кога ми вели „You can not handle the truth“/„Не можеш да ја поднесеш вистината!“ Само си накривувам капа и си го потпевнувам стихот од цртаниот филм „Finding Nemo“: „Just keep swimming, just keep swimming, just keep swimming...

...И така, пливајќи низ животната бура, удирам во ѕидот на којшто е испишана репликата од „Monty Python“ – „Always look on the bright side of life“. Нема друго – СЕКОГАШ ГЛЕДАJ НА СВЕТЛАТА СТРАНА НА ЖИВОТОТ!

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој