Живееме без предрасуди и осуди: Македонско-африканската љубовна приказна на Маша и на Коџо продолжи во Холандија

Нивната врска започна пред нешто повеќе од две години во Франција, кога и двајцата беа на магистерски студии. Таа е од Скопје, а тој од Гана, Африка. Приказната на Маша Беќковиќ и на Коџо Њанте е доказ дека, како што и самите велат, љубовта не препознава бои. Минатата година, 25 годишната Маша, дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, за Женски магазин ја раскажа својата љубовна приказна. За момчето од Африка, по големата трагедија која ѝ се случи, рече дека ги вратил сите бои во нејзиниот свет. 

„Месеци пред да продолжам на мастер студиите во странство, моето тогашно момче загина во сообраќајна незгода, а мене светот кој до тогаш го знаев, целосно ми се сруши. Во тоа време и луѓето кои најдобро ме знаеа не ме препознаваа, а јас како само да постоев, а не живеев. Коџо беше странецот што едноставно го препознав. Или тој ме препозна мене. Кога седна до мене, првото прашање му беше „Зошто си тажна“? Откако му раскажав, ме погледна и ми кажа дека тој ќе ми го смени животот. Во тој момент, навистина не ни можев да помислам дека сѐ што зборува, ќе се оствари“, ни раскажа Маша лани. Во тоа време, нивната врска ентузијастички живееше на релација Будимпешта-Скопје. Коџо до пред неколку месцеи живееше во Унгарија, и често доаѓаше кај семејството на Маша кое го сака како свое. Продолжението на оваа убава љубовна приказна ви го пренесуваме од Холандија. Последниве шест месеци, Маша и Коџо се во Амстердам, каде што основаа своја компанија и велат дека се пресреќни што нашле начин да ја победат далечината. 

* Колку време сте во Холандија, со што се занимавате таму ?

- Во Холандија сме веќе полoвина година. Живееме во центарот на Амстердам. Тука отворивме наша ИТ компанија – ClaimChain. Маша е CEO, a компанијата ClaimChain е сконцентрира во полето на Blockchain технологијата. Оваа идеја ја добивме откако Коџо се пласираше во финалето на UT Challengе-от на неговиот универзитет во Холандија. Исто така, Коџо работи за Bitcoin – BTC.com. Титулата му е cyber security engineer и неговата работа е да ги заштити крипто валутите и мрежната инфраструктура од хакери. Коџо е и на докторски студии на Универзитетот во Будимпешта, каде што ги заврши неговите втори магистерски студии.

* Кога и како се одлучивте на овој чекор, да започнете заеднички живот, секој далeку од својот дом?

- Двајцата вложивме премногу љубов, труд, доверба во нашата врска на далечина. Не постоеше ден кога не се слушавме и гледавме на камера и бевме целосно вклучени во животите еден на друг. Беше предизвик, беше тешко, но успеавме неуморно да работиме на тоа врската да ни успее. Еден од најубавите денови во нашите животи е кога ни прекина врската на далечина и кога конечно започнавме заеднички живот. Тоа беше единствен логичен нареден чекор за една ваква љубов како нашата. Двајцата сме далеку од нашите семејства и семејство наоѓаме еден во друг. Ние сме пред сѐ најдобри пријатели на прво место, а потоа сѐ останато. И нема ништо поубаво од тоа да живееш заедно со најдобриот пријател. Пред ова уживавме во врската, но откако живееме заедно, сфативме дека ваквиот живот не се споредува со ништо останато. А инаку одржуваме контакт со двете семејства и постојано се слушаме и си праќаме слики за сето тоа што ни се случува. Неверојатно е колку целосно сите страни се трудат да бидат постојано вклучени и тоа колку сите се грижат и ни даваат неизмерна поддршка.

На одмор минатото лето, на грчкиот остров Крф 

* Ви беше ли тешко на почетокот, дали се навикнавте?

- За Маша тешкото беше разделбата од семејството, но празнините некако се пополнуваат со постојаниот контакт и посетите на нејзиното семејство во Амстердам. Уживаме кога доаѓаат тука и им приредуваме најразлични екскурзии и прошетки. Коџо за жал е разделен од семејството од моментот кога ги продолжи своите студии во Европа, но и тука помага тоа што сме постојано во контакт со нив. Самата врска на далечина не научи како да се справиме километрите помеѓу нас. Подобро кажано, тоа беше еден добар тренинг за тоа како е да си разделен од луѓето што ги сакаш најмногу. Боли, но доколку сите се трудат може да успее.

Маша и Коџо на крстарење низ еден од каналите во Амстердам 

* Каква е Холандија како земја за млади луѓе, што е најубавото што го нуди?

- Ја обожаваме природата и чистиот воздух. Сѐ е толку зелено, толку убаво. Има толку многу езерца, канали, бродчиња ... Интересно е што заедницата е составена од луѓе од најразлични култури, бои и нации, но предрасуди и осуди никаде не се чувствуваат. Земјата е многу мирна, сигурна и спокојна и секој си го живее сопствениот живот. Другата страна е ноќниот живот во Холандија, особено во Амстердам, каде што сѐ е дозволено и каде што младите можат да видат сѐ што се гледа на филмовите. Но искрено, доколку не те интересира ваквиот живот и исто како нас не си таков тип, нема ни да си свесен дека тоа се случува околу тебе.

Маша и Коџо по неговото магистрирање во Холандија

* Велат дека партнерите меѓу себе вистински се запознаваат кога ќе почнат да живеат заедно, ве зближи ли ова уште повеќе?

- Дефинитивно, ова е вистина. Најдобро го запознаваш човекот кога ќе поминеш 24 часа со него. А пак живеењето заедно значи дека навистина двајцата ќе се запознаете во вистинско светло и дека ништо не може да се сокрие кога со човек поминуваш толку време заедно. И не ни треба ништо да се крие – кога двајца се сакаат тие и целосно ќе си се прифатат. Ние искрено целосно се прилагодивме еден на друг и навистина уживаме во заедничкиот живот.

 За роденденот, по крстарењето, отидовме во музејот на Рипли , каде што Маша во претходен договор со тимот кој работи таму организираше сите да знаат дека му е роденден на Коџо, да добие подарок и да биде изненаден со пеење

* Како во поминува времето кога не работите, што ве прави среќни, си подготвувате ли специјалитети во кујната, изненадувања еден за друг?

- Коџо обожава да свири на гитара и многу често си снимаме видеа по дома. Многу сакаме да гледаме серии и филмови заедно и така ни поминува секој заеднички оброк – со гледање на епизода на некоја серија. Маша обожава да готви, а Коџо сака се што Маша ќе спреми во кујната. Си готвиме најразлични видови на тестенини, на кои сме големи фанови и двајцата. Големи љубители сме и на кинеската храна и на совршен начин си ја приготвуваме дома. Ни требаше малку време, но сега се научивме како да ги комбинираме сите кинески сосови и зачини. Месото што го спремаме е секогаш со многу видови на зеленчук и печурки, а во нашиот фрижидер секогаш има грозје и јагоди. Знаеме и да си нарачаме оброк или да одиме на ручек во некој романтичен ресторан. Изненадувањата се постојани во нашата врска, од најмали до најголеми. На Маша омилени се подарочињата што ги носи Коџо кога ќе се врати од работа, а Коџо го издвојува неговиот последен роденден. За неговиот роденден, по крстарењето по каналите во Амстердам, отидовме во музејот на Рипли , каде што Маша во претходен договор со тимот кој работи таму организираше сите да знаат дека му е роденден на Коџо, да добие подарок и да биде изненаден со пеење на Happy birthday и дување на свеќичка. Искуството беше навистина прекрасно, особено затоа што овој музеј е многу познат и посетуван од илјадници туристи во Амстердам (се наоѓа во самиот центар) и беше предизвик да се организира целиот тим да го приреди ова роденденско изненадување.

Помалиот брат на Маша, Максим прослави роденден во Амстердам 

* Планирате ли венчавка наскоро и како се замислувате вие двајца во иднинa? Дали Холандија е земјата во која би сакале да останете? 

- Клише е кога ќе кажеме дека планираме да бидеме заедно, секогаш и засекогаш, но тоа е навистина нашиот план. Веројатно ова е ветување што сите вљубени парови си го кажуваат едни на други, а ние искрено се надеваме дека ќе си останеме заедно, затоа што не можеме да го замислиме животот на поинаков начин. Светот е навистина наш и решивме да не се стационираме на едно место, да не се ограничуваме во ниедна смисла и да ги рашириме крилјата и секогаш да летаме кон некоја наредна авантура. Додека сме заедно не постои врв што не можеме да го освоиме и планина што не можеме да ја искачиме.


Милица Џаровска