Живеј пред да умреш

Добивај вести на Viber

Чудни сме ние луѓето. Живееме како да имаме неколку животи, па еве, во овој ќе си дозволам да бидам несреќен или несреќна, да го арчам и да ми одат годините без насмев. И секогаш ни текнува тогаш кога е предоцна за да смениме нешто, а оние кои се среќлии, откако ќе се изборат со некоја сериозна потешкотија. И редовно ја правиме истата грешка. Ќе ни се случи болест или крах, ќе се преслушаме, ќе си ветиме дека “од утре вртам нов лист” и сето тоа е со рок на важност додека застанеме на нозе. После повторно истата песна, истите лавиринти, истите постапки. Што треба да ни се случи за да ни се смени чипот во главата? Зошто секогаш се навраќаме на истите грешки и постапки? Еднаш читав дека луѓето се склони да ги прават грешките за кои знаат со што ќе резултираат. Демек, помалку болело она што е веќе испробано. Да ме прашате мене, тоа е чиста глупост! Поарно ќе ризикувам и ќе сторам нешто поразлично. И да, ова е повеќе теоретски оти и јас знам ко вол во купус (што викаше баба ми) да се навраќам повторно и повторно на она што ме унесреќило.

За жал, имаме калап по кој се однесуваме. Како да ја забораваме вистината во она дека човек учи додека е жив, па не знаеме да мрднеме од зацртаната линија. На повозрасни години учам да излезам од сопствениот калап. Да препознавам кај себе во кој миг терам по линија на помал отпор и се’ со она блуткаво образложение дека така повеќе ќе се заштитам. Како па да не! Оди и заштити се од сам себе да те видам. Оди и спрегни си го умот за да не забегаш во истите води. Дали ми е мачно? О, да. Ем мачно, ем тешко, ем некогаш не ми успева па се нервирам како повторно сум наседнала на саботирањето сама себе. Упорно се потсетувам дека го имам само овој живот, сега и тука и дека должност ми е да го поминам најдобро што знам и умеам. Да се борам да го сменам она што можам, но и да имам доволно мудрост во себе за да се помирам со неуспесите и да не се казнувам или осудувам за тоа.

Сакам да живеам пред да умрам. Да живеам согласно она што сум, она што го чувствувам и сакам. Да си ја доспрегнам суетата која не ми дава да кренам раце од она во што не сум успеала и да се олабавам себе од притисокот дека мора, ама МОРА да имам контрола врз се’ што ми се случува. Оти немам. И не само што немам, туку е и глупаво да очекувам дека можам да исконтролирам баш се’.

Каде грешиме и зошто?!

Дали е грешка да се остане во лош однос и да се бориш или едноставно да заминеш без да се завртиш назад.

Дали е грешка да бидеш фин со сите оти така те учеле или да направиш строга селекција на оние кои имаат право на твоето време.

Дали е можеби грешка да останеш на истото работно место од страв дека нема да успееш или да ризикуваш и да имаш верба во себе.

Станавме робови на навики, лоши врски, лоши бракови, манипулации, шпекулации. Станавме огорчени и незадоволни како сме третирани од роднини, работодавци, партнери. И што е најлошо, таа огорченост вреска од нас на секој чекор. Огрубуваме, стануваме непријатни, дрски и неумерени во се’.

Заборавивме да живееме. Само некоја болест ќе не’ потсети колку сме всушност кревки и кршливи и дека кога го губиме здравјето, не не’ бива за ништо. Старееме пред време, овенуваме затоа што живееме нешто што или сами си го наметнуваме или дозволуваме да ни биде наметнато.

Нема да живеам по ничии правила. Едноставно е и така е! Имам скоро 48 години и знам што сакам и што не сакам. Знам што ми прија, а што ми прави да се чувствувам исцедено. Не знам колку ми е пишано да бидам на планетава и не сакам да изигрувам жртва, затоа што не сум. Не обвинувам никого за моите грешки, ниту сакам да изигрувам џелат на оние кои ми згрешиле. Згрешиле и ме повредиле затоа што им било дозволено. Никој не ми е виновен за ништо. Стравот од самотија и осаменост ми ги донесе најлошите одлуки во животот. И тоа е исклучиво моја одговорност. Да се предадеш некому за кој знаеш дека прво не се сака себе, а не па тебе. Да седиш упорно во однос од кој ти се поболува умот и телото е мазохизам.

Муабетот ми е...живејте. Денес, сега. Немојте да мислите дека има време. Времето е многу, многу зезната работа. Знае да потфрли токму тогаш кога не очекувате. Не се потпирајте на тоа дека следната недела, година или деценија ќе се сменат нештата. Затоа што работите се менуваат само тогаш кога ќе одлучите да ги смените. Научете да кажувате СТОП, ДОСТА и КРАЈ. Нека не ве загрижува кој што ќе има да каже за тоа. Вашиот живот е ваша работа и ничија друга. Вашите одлуки и последиците од нив се ваша одговорност. Не чекајте, никого и ништо. Земете она што ве прави среќни и тргнете го на страна она што ве држи неспани во текот на ноќта. Си должите себе да сте ок, себе и на оние кои ве љубат такви какви што сте, без да сакаат да ве менуваат.

Со еден драг пријател разговарав на темава. За тоа колку во име на љубовта луѓето се спремни да се менуваат и да се откажуваат. Дојдовме до тоа дека некои работи од кои своеволно се откажуваме не се жртва, туку одлука со која сме среќни. Но, јас тврдам дека има нешта од кои ако се откаже човек, ќе згасне како свеќа. Во име на љубовта луѓето се прифаќаат едни со други. Си ги сакаат дури и оние работи кои не ги разбираат. Ако сум со човек кој не може да ја разбере мојата потреба од самотија и пишување, не велам дека нема да се обидам да направам компромис. Ама знам дека ако ја немам мојата слобода, ќе се сменам. Нема да бидам онаа во која се вљубил. И тоа ќе е почеток на крајот.

Живејте! Живејте пред да умрете. Повеќе сакам да сум среќна тука, додека дишам, отколку да ме величаат откако ќе умрам. А сите ние натаму одиме. Секој ден, од моментот на раѓање чекориме по таа патека...до крајот, или ако веќе сакате да се изразам поубаво, до светлината на крајот од тунелот. Епа драги мои, сакам и тунелот да ми е светол. Сега и тука, денес и никако поинаку од она што ќе ме држи спокојна. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Му се потсмеваш на животот,

пишувајќи ја смртта на бел ѕид,
со дебели, црни и накривени налево, букви...
И знаеш дека еден ден
дрскоста скапо ќе ја платиш,

тогаш кога ќе помислиш дека конечно се’ е во ред...

Ја бојосуваш косата црвена,

долга ја пушташ, 

со мисла да се обмоташ во неа како во чаршаф... 

Ете, со часови гривата си ја чешлаш,

со луцидна мисла дека убава перика би билана нечија

туѓа, гола, без мисли- глава...

Правиш планови за години нанапред,

а посакуваш уште утре да те нема,

да се стопиш со првиот дожд...

Чекориш како да имаш цел,

извежбани ти се нозете за лажен од,

а во себе знаеш дека никаде не стасуваш...

Сакаш мир, 

душата си ја труеш,

а вистината е дека не знаеш што со него,

па во себе тивко се помолуваш да не го најдеш...

Го почнуваш денот со мисла за ноќта,

чекајќи ја како жена, 

љубовник што чека,

толку долго и трпеливо,

што повеќе и не му се радува...

Пекаш за љубов како од филм,

како сите оние кои во зима за летото тажат,

а на лето офкаат за ладовина и дожд...

Си ја труеш душата со мисли за шарени утра,

а срцето ти се полни само со црно и бело,

дур еден ден се’ не ти стане сиво...

И пишуваш, 

како животот од тоа да ти зависи,

си ја распостилаш тагата како свежо испрани алишта,

надвор на ветрот, пред сите, демек ќе ти олесни...

И покрај сите падови во себе,

пак се креваш,

со бес и рака полна облаци како шеќерна волна да држиш,

за да можеш еден ден на раат таму да се сместиш...

И повторно, на животот му се потсмеваш,

инает со него тераш, горделиво и простум му пркосиш,

за да осетиш дека си тука,

дека дишеш, дека си свој...дека си жив.