„Живејте го секој миг, утре можеби никогаш нема да дојде“: Украинката Валерија сведочи за нападите врз Харков специјално за Женски магазин

„Многу чувства има во мене во моментов, тешко е да се размислува правилно. Толку многу омраза и гнев, што воопшто не разбирам зошто се случува сето ова. Но, јас сум многу горда на мојот претседател и војска. Тие се суперхерои“, раскажува за Женски магазин 33 годишната Усачева Валерија која ја напушти родната Украина со дечињата и семејството и замина кај роднини во Германија.


Причината сите добро ја знаеме. Инвазијата врз нејзината татковина од страна на Русија.

Кога ја контактиравме Валерија веќе беше на пат кон побезбедно место за живот. Заедно со неа и нејзиното семејство заминала и нејзината баба родена во 1938 година која веќе преживеала една војна.

View this post on Instagram

A post shared by  (@valeri_beauty_)




„Целото мое семејство е со мене. Тоа е прво патување надвор од земјата и за мојата баба Лида. Најопасно место за жал е мојот роден град Харков“, тажно ни одговори Валерија.

„Насекаде фрлаат бомби и ракети. Училишта, породилишта, станбени згради итн. Тоа е многу страшно. Слушнав за други градови како Мариупол, но не сум била таму.

Многу чувства има во мене во моментов, тешко е да се размислува правилно. Толку многу омраза и гнев, што воопшто не разбирам зошто и што се случува. Но, јас сум многу горда на мојот претседател и војска. Тие се суперхерои“, вели Валерија.

Моменталната состојба во Украина ја раздели Валерија од сопругот. Тој морал да остане таму поради војната бидејќи не е дозволено мажите да ја напуштат државата.

Усачева додава и дека никогаш не замислувала оти ќе мора да го продолжи животот далеку од родниот Харков.


„Никогаш не замислував дека ќе мора да заминам! Јас и мојот сопруг цел живот планиравме да живееме во нашиот град. И до моментот кога влеговме во автомобилот и го започнавме „патувањето“ далеку, сфатив дека не знам кога ќе можам да се вратам. Сè уште не верувам дека тоа навистина се случува“, вели Валерија.

Пораката која ја испрати таа до светот:

„Мојата порака до светот е живејте во СЕКОЈ момент, ако сакате нешто, направете го тоа токму сега, бидејќи утре можеби никогаш нема да дојде.“

Валерија во Украина по професија е козметолог со медицинско образование. Мајка е на Ева (9 години) и Бохдан (4 години).


Ирена Ставрова


СПЕЦИЈАЛНО ОД УКРАИНА, НАТАЛИЈА БЕНЕДИК: Киев се брани сега, ќе останам во градот до последниот ден