ЖИВОТ БЕЗ ШМИНКА
Дали 40-те се годините кога почнуваме да размислуваме до каде сме со реализацијата на нашите соништа во животот? Хм... дури и за процесот на стaреење? Или за егзистенцијалната празнина која почнува да ѕирка од душата? Веројатно размислуваме од некое крајче на умот кое не е докрај освестено за процесите што ни се буричкаат низ главата. Сè уште немам 40, но последнава година со тројка напред, се повеќе почнуваат да ме интересираат проблемите на средовечните жени и мажи. Тоа го забележав додека ја гледав новата серија на Жули Делпи со наслов „On The Verge“. Иако нетипично портретирани, главните протагонистки ни ги откриваат типичните проблеми на жените околу четриесетите и педесетите години од животот - брак кој живее на стара слава, зачмаена љубов без страст, професии кои се тркалаат по патот на инерцијата, скршени соништа, товарот од родителите, лоша комуникација со децата... сè на сè – една празнина која зјае и нè тера да се прашаме - каде се загубивме себе си по патот на животот?
Секогаш е интересно да се побара зрнце рефлексија од сопствениот живот на филмското платно. И само еден детаљ е доволен за да се одмота цела приказна. Па, така, гледајќи ги предзивиците на современите жени во серијата „On The Verge“ и мантрајќи над сопствената кутија за проблеми (во која ги складирам сите кризи од мојот живот) се потсетив на баба ми и на нејзините патешествија. Некој внатрешен импулс ме натера да прочепкам низ старите работи во плакарите каде ги најдов црно-белите фотографии. Насмевката на нејзиното збрчкано лице ме потсети на сè што низ смирен глас ме учеше. Оживувањето на споменот за мојата покојна баба, ми помогна да ги распостелам своите прашалници за среќа на еден поширок координативен систем, ослободен од временскиот контекст.
Младоста на баба ми, за разлика од мојата, била предвреме прекината заради приликите на времето – војните, сиромаштијата и слично. Всушност кога помислувам на времето на нашите баби, се свестувам дека на 39 години сè уште го живеам луксузот на младешките проблеми, за разлика од нивните обременети животи уште во дваесеттите години. Се разбира, не го споредувам праволиниски нивното и нашето време, но извлекувам заклучоци што ми помагаат малку поспокојно да им приоѓам на работите.
Баба ми беше скромна, но умна жена. Никогаш не носеше шминка, оти се гордееше со сите брчки на лицето што ѝ ги направил животот. За неа, декоративната козметика беше вишокот што ги брише вистинските траги на животот. За разлика од неа, мајка ми не излегува од дома без кармин дури ни по леб до продавница (се смее). Баба ми имаше изострена смисла за хумор и им се потсмеваше на сите што носеа маска на допадливост и лицемерство. Кога мајка ми ќе ѝ речеше да си стави кармин, баба ми ѝ одговараше: Убава ми е мене душата, а и очиве ми се смеат. Возеше велосипед до 70 години. Уште го паметам мирисот на нејзините вкусни пити, ама и гласот со којшто го прекоруваше татко ми (зет ѝ) да ги крене чиниите по ручекот. Феминистка беше без да биде свесна за тоа. Ме научи на емпатија, а не на компетиција. А тоа е една од оние работи што човек ја учи во зрелоста, кога веќе немаш потреба да бидеш подобра од сите поранешни девојки на твојот партнер, кога не мораш да ја надминеш колешката во професијата по секоја цена, кога шефицата ти е пријателка, а не авторитетна аждаја која ја мразиш, кога зборуваш за женска солидарност, наместо за ривалство.
Но, денес цел свет се натпреварува меѓусебе. Компетитивниот дух е издигнат на пиедестал. Натпреварот е симбол за храброст, за жал. А мене баба ми ме научи дека срцето е храбро кога е полно со љубов, а не со завист! И дека можеш да бидеш среќна и со малку, ама со квалитетно. Дека е важно да се сакаш себе си за да можеш да ги сакаш другите. Дека е важно да имаш трпение за работите и спокојство кое не зависи од надворешните околности. Затоа, денес, кога се лутам, немам веќе црвена фаца како домат што ќе експлодира. Научив гневот да го преработам во давање нова шанса. А пак, кога околу мене ќе се најде некој манипулант или манипулантка, сега веќе знам дека вистината е најсилно оружје за обезличување на оваа категорија луѓе. И што е најважно, научив дека можам да се смеам и кога се грижам. Така понекогаш се смеам пред моето дете, дури и кога сум тажна. И тоа не е лажно, тоа е свесно.
Но, да се вратам на серијата или на заклучокот. Не случајно се идентификував со некои од ситуациите на хероињите на Жули Делпи. Она што како заклучок го испраќа самата приказна, како и моето досегашно животно искуство, е дека среќата е наше право и дека секоја една од нас има свој рецепт за тоа што ја чини среќна. Нема универзални правила, ниту пак треба да живееме според очекувања и конвенции, туку според упатството на срцето. Тоа секогаш кажува кога нешто не е како што треба. Затоа, како што велеше баба ми: Избори се за живот во кој очите ќе ти се смеат од срцето!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој