Живот после развод

Добивај вести на Viber

„Да сме живи и здрави, па и разводот е за луѓе. Поарно сега, отколку после. А ти Виолета, напиј се апче ако си вознемирена, немој сега детето и за тебе да се секира“ - со неповторливиот битолски акцент, ова беа зборовите на баба ми кога мајка ми (сета потресена како ќе ја прими веста) ѝ соопшти дека се разведувам. Ова беше во 2007 година, баба ми тогаш имаше над 80 години, а 14-15 години отпосле сè уште за нечиј развод се зборува како луѓето да имаат чума во семејството. За жал, за некои работи малограѓанштината многу полека се искоренува, особено кога луѓето уживаат во неа и во чувството на чешање на јазикот додека се мљацка за деталите од нечиј живот, со зачинување на реалноста и со по некоја лага... заради уметнички момент де!

Нејсе, никој не влегува во брак со идејата да се разведе. Разводот не е нешто што се планира, посакува или се цели кон него. Причините секако дека варираат од несовпаѓање на карактерите (читај, не се доволно спремни за компромиси), па сè до немање љубов повеќе и она најдрастичното, неверство (го знаете она историското „ама не е она што мислиш“, а двајцата со гаќите удолу).

Која и да е причината за развод, кога веќе дошло дотаму човек треба да е на чисто со себе што прави и зошто. Некогаш не е време за развод, особено ако сè уште постои надеж, ама од лутина и моментална немоќ, решението се гледа во парчето хартија на кое пишува „пресуда за развод“. Многу е важно да знаете оти разводот, исто како и бракот, не е за секого. Сега ќе си речете оти тропам глупости, ама сум се изнагледала и изнаслушала лоши приказни во кои после разводот (инициран од повредена суета и бес, а не со мирна глава и со разумски донесена одлука) се живее вистински пекол, особено ако другата страна едноставно си го продолжува животот како да не сте постоеле, а кај вас емоциите сè уште не се умрени. Одлуката за развод не е одлука за што да се руча денес, каде на одмор и дали ќе излеземе вечер или не. Тоа е одлука со која се менува од корен животот на двајцата кои биле во брак, животот на нивните деца и на сите околу нив кои биле дел од нивната приказна. Затоа, ако сте лути на својот партнер, издувајте се и размислете добро пред да речете дека е крај, а ако веќе велите дека ставате точка на бракот, нека е со мир во себе, оти ќе ви треба многу сила за да го одржите.

Мојот развод беше мирен, спогодбен, полн почит еден кон друг... истата почит која трае и ден - денес, а се однесува кон одлуките на другиот, мојата кон неговото семејство, неговата кон мојот пат. Заедничката точка е детето, а тука се игра со здружени сили, особено ако после развод сакате да израснете психички здраво и успешно дете. За жал, ретки се разводите во кои бившите сопружници остануваат пријатели или барем да ја завршат таа етапа од животот без плукање еден со друг, а сето тоа е заради горчината која со себе ја носат и потхранувањето на гневот кој го имаат кон партнерот. Е, тие не си го тераат патот, туку само се вртат во една иста точка која ги меле и вовлекува во вител од негативни емоции. Баталете тоа и тргнете напред. Без оглед на видот на разводот (спогодбен или со војна), првите чекори се бебешки чекори во кои учите да чекорите сами. Настрана тоа дека ќе сфатите оти многу луѓе ќе снема околу вас, оние за кои сте мислеле дека ви се вистински пријатели мистериозно ќе имаат наеднаш премногу обврски и ќе немаат време за вас, додека ќе гледате сториња како прекрасно си поминале некаде. Ќе сфатите дека празниците имаат и друга димензија, дека знаат да бидат и подолги отколку што можете да поднесете, дека онаму каде што ќе ве поканат, ќе има само едно столче резервирано за вас. Ќе сфатите оти сте сами со себе и дека сте си најдобар пријател сами на себе. Ќе научите многу работи кои не сте сакале или не сте имале време да ги научите, оти некој друг се грижел за нештата наместо вас. Мажите учат да готват и пеглаат, жените да местат сијалици и да менуваат гуми на автомобилот (иако јас сум поборник ова да се знае секако, сеедно дали во сте во некаков однос со некого или сами). Едноставно, сфаќате дека можете и сами и дека го живеете сосем успешно она за кое сте се плашеле дали ќе можете да го искрепите.

Животот не застанува после разводот и квалитетот не му се намалува, освен ако сами не се саботирате. Има само неколку работи кои ќе треба да ги запаметите.

Прво, не заборавајте зошто сте стапиле во брак токму со тој човек и без оглед како и да завршил истиот, имајте на ум дека секоја ваша одлука зборува за тоа какви сте вие. Затоа, не плукајте по оној со кого имате минато, а особено ако имате деца.

Второ, не бидете огорчени ако останете сами, а партнерот создаде ново семејство. Од искуство ви кажувам дека среќни разведени родители = среќно дете после развод. Некогаш животот сам си ги мести коцките и не секогаш и за двајцата важат истите коцки. Јас останав сама, таткото на Нина се прежени, но и двајцата сме среќни со своите одлуки и со тоа како си го продолживме животот. Нема тука реципроцитети и нема дека некој е поуспешен од другиот. Не, не сте за никаде ако немате партнер или не се премажите / прежените. И не, не сте поарни од премажениот / преженетиот бивш партнер... одлуката да се биде сам или повторно да се влезе во брак не се носи во инает на другиот или за да се докажува нешто пред себе. Едноставно, живејте си го животот.

Трето, не се трча во романса веднаш после развод. Да, јасно ми е дека има периоди кога сте ужасно осамени, кога сакате некој да ве гушне, кога сакате да водите љубов, кога ви е смачено од тоа да сте сами. Јасно ми е, оти сум го минала и имало периоди кога сум мислела дека поголемо проклетство од тоа да си сам, нема. Исто ко што имало периоди кога сум била убедена дека поголема благодет од она да си сам, нема. И едното и другото минуваат. Балансот е некаде помеѓу, ама во секој случај не се носат избрзани одлуки, после кои ќе се чувствувате евтино и мизерно. Влетување без глава во нов однос - јок. Барем не додека не научите дека тоа не е спас од сами себе.

Четврто, не барајте сојузници за да го плукате заедно бившиот партнер. Кажавме, вашите одлуки зборуваат за вас, а плукањето на бившиот е плукање по себе. Кој сфати, сфати. Не е важно да се биде херој или жртва пред другите, важно е да се биде среќен без оглед дали другите ве сожалуваат или ви се потсмеваат.

Петто, бидете спремни на приказни кои најчесто и немаат допирна точка со вистината. Бидете спремни на тоа дека во една верзија ќе бидете предмет на сожалување (кое не ви треба), во друга верзија ќе бидете предмет на потсмевање (ич да не се потресувате, мене и после сите овие години откако сум разведена уште ме зборат дека поезијата ми е за бившиот сопруг и дека сум длабоко исфрустрирана оти сум распуштеница), во трета ќе имате улога која воопшто нема ни допирна точка со вас. Ако имате среќа, тоа ќе мине за кратко, а ако сте доволно интересни, животната приказна ќе ви биде прераскажувана и години после разводот. Во секој случај, научете се да ставате на ignore, да за си го зачувате менталното здравје.

Шесто, ќе имате секакви моменти и расположенија. Ќе плачете, ќе се смеете, ќе си кажете како порано не се разведов, па ќе се каете и пак отпочеток. Минува и тоа побрзо отколку што мислите.

Животот после развод е сосем ок, исто како и оној пред брак, исто како и оној во брак. Научете да живеете сами со себе, да се сакате и да не дозволите туѓите поганлаци да имаат влијание врз она што сте вие. Човек кој знае сам со себе да живее и да се сака, ќе знае како да остане исправен после секаква животна ситуација. Оставете нека зборуваат, гледајте вие да сте ок. И да повториме, туѓото мислење нека ви е важно како ланскиот снег. Да сте ми живи и здрави и живејте со полни гради. Демо верзија на животот, нема... времето е сега и тука.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Има луѓе по калап еден за друг праени

Или барем така на прв поглед се чини

Ги гледаш отстрана дека ко едно се

Тој косата ѝ ја подместува

А таа костумот од трошки му го зачистува

Секое утро кафето заедно го шмркаат

И пред секој низ врата да излези

Под совршен агол по еден бакнеж си делат

Та квечерината дома ко ќе си дојдат

Седнуваат на трпеза

За да си раскажат скржаво

Како денот на секој му изврвел

Да си ги почешаат јазиците со досадни шеги

А потем

Тој весникот в раце го фаќа

А таа панталоните со цакса му ги пегла

И молчат

Дур телевизорот на најсилно пуштен е

Та се лажат еден со друг дека слухот ги напушта

За да не се слуша тишината меѓу нив

Која баботи како на времето срцата ко им баботеа

Дур телата в постела им се потеа

И еве ги спастрени

За меѓу луѓе стокмени

Со заштрафени насмевки и запотени дланки

Тој столчето ѝ го подместува

(а напати му дошло во последен миг да ѝ го тргне)

Таа му заблагодарува дур забрзано со очите трепка

(а во себе помислува оти можела и подобро да се омажи)

Еден со друг речениците си ги завршуваат

За пред другите

За брука да не пукне

И повторно молкот во срцата им се пика

Кога дома во глува тишина се прибираат

Грб со грб свртени в кревет легнуваат

И двајцата во ѕид се џарат

Без ниту една мисла еден за друг

Празни и уморни небаре уште тројца на плеќи носеле

И личат однадвор ко да се по калап еден за друг праени

Дур не се загреби по површината

За сета тага на виделина да излези

И како разбуден вулкан пеплосани да ги остави

А има

Ете и други, подруги има

Ах

Има и луѓе за кои да се чудиш како заедно се

Различни ко небо и земја

И викаат еден на друг

Како кога таа во ПМС сакаше да го задави

Или кога тој сакаше косата да ѝ ја искуби

Викаат и се џавкаат

Како снаа и свекрва гласно се расправаат

Ама пусто

Еден без друг не можат

И заедно секоја ноќ во постела си легнуваат

И тогаш таа ко мачка почнува да преди

А тој како паун пред неа да се дуе

И се љубат

Се љубат со сета сила во нив што клука

И се бакнуваат како никогаш до тогаш со усни да не се допреле

Гладни еден по друг облеката набрзина ја слекуваат

И итаат за да се спојат

Ко никогаш да не ќе се разделат

Има луѓе

Кои едни со други среќни се

И петпари не даваат за комшиите шо мислат

Оти ними арно им е дур се љубат

И од оние другите

Осудени едни со други да остарат

И до смртта да не се најдат

Ниту пак среќни да бидат

Едните во љубовта несовршени

А другите во глумата совршени

Дур завесата со трескот не се спушти

И претставата не заврши

Како животот што бадијала ќе им замини