ЗЛАТНА БУБА МАРА НА СКАПА И ЕВТИНА ТАРИФА, НО БЕЗ САШКО КОЦЕВ
Буба Мара на популарноста веќе 26 години е единствена манифестација која ја популаризира македонската музика, театар, филм и спорт. На едно место секоја година се собира македонската елита и по принципот ред музика – ред хумор - ред награди, се доделуваат многубројните признанија. Публиката е секогаш насмеана и задоволна, а Ранко Петровиќ и неговиот тим секогаш успеваат да понудат врвни музички нумери, отсвирени и испеани во живо, да боцнат каде што треба со хуморот и сатирата, понекогаш и да замислат. Радио Буба Мара како најслушано регионално радио во етерот, уште пред 26 години си постави цел и задача да биде општествен коректор и да укажува на сите слабости и грешки во сите сфери на живеењето. И годинава Ранко и компанија успееа да направат врвен три и пол часовен спектакл, со многу музика, хумор, но и со многу солзи. Каков што е и животот. Сценариото кое секоја година се чува во тајност до последниот миг понуди сѐ што многубројната публика очекуваше да види.
Сѐ, освен Сашко Коцев, кој годинава не беше дел од Златна Буба Мара на популарноста, а никој не се обиде да објасни зошто го нема. Манифестацијата си одеше по својот тек и сите очекуваа од некаде да скокне омилениот лик, но тоа не се случи до самиот крај. Макар на видео бим. Водители, Атанас и Тино одлично го заменија својот колега.
Сценариото беше поделено во неколку блокови. Прв дел посветен на иднината на македонската музика: преслатката и преталентирана Лара Трпчевска, Ана Петановска, Кали и Сара Мејс... Потоа прекрасен фолк блок, како потсетување на најубавите вонвременски хитови кои ги создадоа браќата Миле и Георги Барбаросвки и ѝ ги подарија на Македонија. Волшебен настап на Ефто Пупиновски и Блага Петреска со „Песната може сѐ“, кои добија награди за животно дело, како и браќата Барбаровски.
Награда за трајни вредности доби и Јаков Дренковски кој ја изведе песната „Миднајт каубој“.
Една од темите на годинешното издание беше штедењето на електричната енергија, па во тој дух, на браќата Барбаровски им беше доделена само една Златна Буба Мара! Фолк делот во програмата беше заокружен со настапот на гостинот од Србија, Мирослав Илиќ, кој испеа еден од своите големи хитови.
Годинешната Златна Буба Мара на популарноста беше најмакедонското нејзино издание досега, со потенцирање и воспевање на сѐ што е важно за зачувување на македонскиот идентитет. Сето тоа кулминираше со фантастичниот музичко-поетски перформанс на Андријана Јаневска и Игор Џамбазов. Андријана ја испеа вечната „Ми заплакало селото Вашата“, а Џамбазов на свој прекрасен начин ги рецитираше стиховите од песната „Цветови“, дело на Славко Јаневски. Тоа предзвика вистинска катарза и многу солзи во публиката и беше силно и потресно потсетување на една од најголемите историски болки во поновата историја на Македонија, поврзана со еден наш сосед.
Се редеа песни и награди, а особен впечаток остави „Песната за Горан Пандев“, специјално напишана од перото на Игор Џамбазов и отсвирена во живо од Игор и Гуру Харе. Пандев по неколку години пристигна во Македонија и ја прими наградата за најдобар спортист.
Во поп делот наградите ги понесоа младата Лара Иванова, за пејачка на година, ДНК за група на годината, Некст Тајм за албум на годината, а Николче Мицевски за композитор на годината. Секој од нив имаше свои одлични 5 минути, а ДНК беа засилени со Џамбо Агушев и неговиот оркестар.
Златната Буба Мара на популарноста секоја година пополнува разни дупки во културата и успешно го компензира отсуството на некои награди во областа на театарот, телевизија, филмот, балетот...
Годинава за најдобар телевизиски проект сосема заслужено беше прогласен симпатичниот ТВ проект за тинејџери „Тин камп“, дело на неуморната Цаци Паковска. Во областа на театарот,
Театарот за најдобра претстава беше прогласена „Илуминати“ на Театар Комедија, во режија на Синиша Евтимов. Најдобра актерка е Сашка Димитровска, а најдобар актер Александар Микиќ, особено популарен во изминатата година по улогата во филмот „Кајмак.“. И балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ по либрето на Сашо Димовски и во режија на Олга Панго се закити со една од Златните Буба Мари.Јаков Дренковски, кој ја изведе "Миднајт каубој" доби награда за трајни вредности.
Манифестацијата беше обоена и со хумана нота, со доделување на признание на тимот предводе од д-р Светозар Антовиќ, кој ја направи првата трансплатација на црниот дроб во Македонија.
На доделувањето на театарските награди им претходеше одличен скеч на Атанас и Тино посветен на состојбите во македонската култура, во кој на симпатичен и сатиричен начин беше нападната последната распределба на парите во културата, а не беше поштедена ниту актуелната министерка за култура. Но, сето тоа беше направено со мера и вкус. Какви што секогаш биле скечевите на Златна Буба Мара на популарноста. Остри и реални до болка, но симпатични и ненавредливи. Секогаш блиску до црвената линија, но никогаш преку неа.
Венко Андоновски ја доби Буба Марата за најчитан писател на годината. Наградата ја врачи Весна Мојсова - Чепишевска, која го посочи значењето на македонскиот јазик за сите нас, а Венко во свој шарманетен стил раскажа како самиот си го изменаџирал своето прво литературно дело и така го започнал својот ѕвзеден писателски пат.
Буба Мара емотивно потсети и на луѓето кои во изминатата година го напуштија овој свет, а оставија голема трага во македонската култура. Тодор Завков ја прими наградата во име на својот легендарен брат, маестро Милан Завков, кој починал само 5 дена откако дознал дека ќе ја добие Златната Буба Мара на популарноста. Во негов спомен видовме емотивно и виртуозно музицирање во живо на членовите на групата Маестро, со акцент на извонредниот наследник на Завков, Војче Петрушев. Следуваше и ин мемориам потсетување на извонредните актери Марин Бабиќ и Катерина Крстева алијас Мара Попара.
Џибони, во придружба на Никша Братош и Влатко Стефаносвки ја потсети публиката на еден од своите хитови, а групата Меморија ја доби наградата за концерт на годината и како јаготка на шлагот ги исполни во живо своите големи хитови „Снежо, Снежана“ и „Оган под ѕвездите“, за крај на уште едно незаборавно издание на Златната Буба Мара на популарноста.
Златна Буба Мара почна на евтина тарифа (се смисли на струја), а заврши на скапа. Скеч лајт мотив на Атанас и Тино, кој провејуваше низ целата програма.
Некаде пред полноќ, публиката задоволна, насмеана и замислена, полека ја напушташе салата Борис Трајковски, со мисла дека тие три ипол часа од нивиот живот летнаат како миг и создадоа нови убави спомени, кои ќе ги греат до следната година.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА
Фото: ВАНГЕЛ ТАНУРОВСКИ