“Знаеш ли кој сум јас?!”
Сончев саботен ден, создаден за хедонизам и опуштање. Кафе и муабет, најчесто Дебар Маало и околината, каде што некако се осеќам своја и можам опуштено да дрдорам или да си молчам. И ете ги...пајак службите кои почнаа зачестено да вртат по улици и да собираат се’ што е непрописно паркирано. Како возач повеќе од 20 години, сум била фатена како зборувам на мобилен со мајка ми (дури се обидов да му објаснам на полицаецот дека едноставно не може само со едно “чао” да се заврши муабет со мајка, а особено не со мојата!), еден ѓеврек ме чинеше 25 казнени поени, а чесно си платив и казна за лошо паркирање. Како и да е, не ми било право за казните, иако сум знаела дека ми се по заслуга.
Сум била воспитана на начин кој подразбира да си молчиш кога не си во право и да не се инаетиш...но и да се бориш со сите сили за она за што знаеш дека си во право. Што велат старите, со крстот на чело. Седењето и прошетката низ Дебар Маало овој викенд ми беше една убава шлаканица, за да ме разбуди малку од тој мој убав и нереален свет во кој живеам, а кој ми е потребен за да си го најдам мирот. Тоа е истиот оној свет и принципи кои владеат во него, по кои ја воспитувам ќерка ми и по кои се водам, оти не знам поинаку.
Моментот кога скопските фраери се расправаат со пајак службите за да не платат казна, чиј износ веројатно е колку што испиле и честеле до тој миг во кафеана (оти нели се фраери), со неизбежното урлање на сред улица “Знаеш ли кој сум јас?!!!!” или драматично грабање на мобилниот и израз на лицето ко да му се јавуваат лично на Бог...е момент во кој со сета сила ме удира простотилакот на оние кои неоправдано имаат епитет на фраери.
Во мое време фраерите беа оние од кои се учеа манири! Не беа никако гласни без причина и потреба, не пцуеја, знаеја што е почит и усул. Во мое време епитетот ФРАЕР се заслужуваше со напор и фраерот имаше обврска да го оправда истиот.
Драмата која се одвиваше во еден од поелитните дебармаалски кафичи беше само показател колку вредностите станаа безвредни. Покажувањето сила и моќ е потребно на вистински места, за да сторите некое добро дело, за да исправите неправда. Покажувањето сила за да покажете дека со брендираните маички и светнатите автомобили вредите повеќе од луѓето кои во саботните денови работат, е дегутантна. Впрочем, паркинг местата се направени за да се избегне хаосот во и онака најпосетениот дел од Скопје. Манирите на “шо те вртам, ќе паркирам кај сакам” не смеат да поминуваат туку така.
И за жал, се’ така функционира. Одредени фаци (или како што сакам да ги нарекувам, СУРАТИ) не можат да се помират дека се исто толку смртни како и останатите луѓе, па се обидуваат моменталната моќ (стекната преку ноќ или наследена од потта на нивните родители) да ја издигнат на ниво на диктатура. И одма се препознаваат! По изразот на лицето, во кој се содржи презир за она што по нивните мерила е со пониска вредност од нив (читај, скоро се’), по држењето на телото, та ти се чини дека персоната е главен лик во некој конгломерат или има пронајдено лек за рак!
За нив сите се провинцијалци и сељаци, иако, доколку тргнете наназад ќе откриете дека барем дедовците им дошле во Скопје од некој помал град низ државава или дека потеклото е од некое село.
Најчесто имаат приватен бизнис, никогаш јасно и гласно не кажуваат со што се занимаваат, но затоа се грлати кога треба да импресионираат некоја девојка (која мора да важи за добра риба-што и да значи тоа) па се расфрлаат по телефон со јаки имиња на бизнисмени и суми од стотици илјади евра, додека под око гледаат како ефект има сето тоа на евентуалната избраничка.
“Знаеш ли кој сум јас?!”
НЕ...не знам кој си ти и не ме интересира кој си.
Ниту твоето име, а богами ниту презимето.
Може да се викаш било како и да си облечен по последна мода или да шеташ во искинати фармерки.
Може да возиш велосипед или најнов модел на некој бесен автомобил кој вреди толку колку што е потребно 10 социјално загрозени семејства да имаат за јадење барем една година.
Може да имаш две, пет, десет фирми или да работиш хонорарно за некого.
И не...не ме интересира кој си...додека си ЧОВЕК.
Импресионирај некого со својот чесен однос.
Импресионирај некого со својата кроткост и питом поглед, без да си го кажеш името и клучевите од автомобилот драматично да ги оставиш на масата.
Импресионирај некого со својата начитаност, познавање на музика, она што можеш да го создадеш со своите две раце и бистар ум.
Гневот и гестикулациите кои наоколу врескаат со простотилак, заборави ги! Не си фраер, сељак си! И не те прави помалку сељак ако се јавиш некому за да ја забошотиш казната, ниту си попаметен од другите. Само си добро снаодлив сељак! (читајте ме правилно, не е селанец!).
Додека не го заборавиме она “Знаеш ли кој сум јас?!”, нема да не биде во ниту една сфера од живеењето.
Кога ќе научиме да почитуваме прописи кои исто ќе важат и за питачот и за владиката, тогаш ќе мрднеме напред.
Пред се’, умствено...а потоа и секако.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
да се стокмиш во јагнешка кожа
не те прај јагне, чупе
туку само кажва оти си убил животинче
та си одрал и на себе натнал
и после
колку и да ги миеш рацете
на железо ќе ти мирисаат
на неубо
на живот одземен
а нема погрд мирис од оној на крв
твоја ли е, туѓа ли е, нема разлика
нема
твоја ако е, телото ти страда
туѓа ако е, душата те боли
не се токми во јагнешка кожа
ниту вервај на оние кои на себе ја клаваат
и кои лажна милост во очите носат
а за крв страдни се
со наострени песјаци
забрефтани од омраза
напоени со лажни идеали
нагостени со месото од лажни идоли
не вервај на оние кои навидум кротки се
а во вените жешко железо им врие
со погани мисли и измазнети лица
со отров на јазиците и намирисани куршуми
не вервај на оние кои мора да убијат јагне
кои мора да се испоганат со крв
за да се скријат во туѓо руво
тие пиле
таквите
од нив, од таквите подалеку да си
одбери волци
со нив барем знајш на што си
и ќе знајш шо да прајш
оти гладен волк шија кини за да се најади
не од стрв
не од беснотилак
туку од глад, за да преживеј
а лош чоек
лошиот чоек на душа ти стапнува оти му се сака
оти ниту усул има, ниту убајна во себе
оти крв му треба за да му се обои денот
и твојот бол за да му се зацрни ноќта
и во руво од јагне цицалче ќе шета
однадвор бело и меко
однатре крваво
со железен мирис на пораз
таквите, тие
од нив подалеку да си
оти таквите, луѓе не се
ниту пак некогаш ќе стани чоек од нив
ниту волк
ниту јагне ќе биди
туку сенка
сенка со мирис на железо
со мирис на крв
зад барикадите на сета чоечност