Настојувате да се храните здраво? Дали се придржувате до препораките на докторите да јадете помалку солена храна?
Компанијата ЛЛ Кетеринг стартуваше иницијатива за намалување на готварската сол во исхраната!
Хемискиот состав на готварската сол е спој на натриум и хлор (натриум хлорид). Таа е значајна за нормална работа на организмот, учествува во регулација на крвниот притисок, значајна е за пренос на електричните импулси во нервите и мускулите и ја помага апсорпција на хранливите материи во тенкото црево.Но, само доколку се консумира во одредени оптимални количини.
Колку сол ни е потребна?
Според Институтот за јавно здравје, просечен дневен внес на готварската сол во Македонија кај возрасните лица изнесува дури 11,5 грама на ден што е двапати повеќе од препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Според препораките на СЗО дневниот внес на готварската сол не би смеел да е поголем од 5 грама за возрасните лица. Колку е тоа? Заради пoдобра претставана оваа количина, еден прстофат содржи околу 0,5гр готварска сол, а со врвот на ножот просечно фаќаме околу 0,25гр. Од Светската здравствена организација велат дека не треба да постои загриженост околу потребниот внес на јод преку готварската сол, затоа што смалувањето на дневниот внес на готварска сол нема да доведе до смалување на внесот на јод.
Зошто прекумерниот внес на готварска сол е штетен?
Прекумерниот внес на сол во организмот доведува до зголемен крвен притисок, зголемувајќи го притоа ризикот за развој на срцеви, мозочни и бубрежни заболувања. Исто така, прекумерната консумација на сол го смалува дејството на повеќе лековикои се користат за лечење токму на тие болести. Прекумерниот внес на сол се доведува во врска и со други болести како камен во бубрег, остеопороза, карцином на желудник. А често поради зголемената консумација на засладени напитоци, поврзана со консумрањето солена храна, настануваат и други последици по здравјето. Истражувањата покажуваат дека солената храна индиректно придонесува и за појава на прекумерна тежина поради зголемувањето на масните резерви.
Помалку солено, поздраво!
Нема сомнеж дека солта кога се додава во храната го подобрува вкусот. Но, факт е дека солта има негативно влијание врз здравјето на луѓето и затоа на општата јавност во целиот свет и се советува да се намали внесот на сол (или натриум).
Тргнувајќи од фактот дека досолувањето на храната и прекумерната консумација на сол е штетна навика која може да се промени за да се обезбеди поздрав живот, ЛЛ Кетеринг започна проект “Помалку солено- поздраво!“составен од 3 компоненти: кампања за зголемување на свесноста за штетните последици од прекумерното количество сол во исхраната, едукација на клиентите за бенефитите од редуцираниот внес на сол, како и имплементација на нова практика за подготовка на храната со постепено планирано намалување на количина на готварската сол.
Може да изгледа очигледно, но вредно е да се спомене дека луѓето кои редовно јадат посолено развиваат преференции за солена храна. Слично на тоа, луѓето кои го намалуваат дневниот внес на сол се прилагодуваат на ова намалување и преферираат помалку сол за храната. Готвачите често имаат поголема толеранција на вкус на сол, односно потребно им е повеќе сол пред да можат да ја вкусат бидејќи дегустираат храна во текот на целиот ден и додаваат сол за да го задоволат бараното ниво на вкус. Поради оваа причина, за готвачите е важно да се постави соодветно ниво на сол во рецептите за подготовка на оброците и да се придржуваат кон него. Не возможно е готвачите секогаш да се потпираат на својот вкус. Затоа во ЛЛ Кетеринг, го отстранивме произволното додавање сол по вкус и воведовме мерка со ограничување на количината на сол која се додава при подготовката на оброците. Секогаш постои можност палетата на нивоа на сол да се прилагоди и промени, само потребно е време.
Кои се предностите од намалениот внес на готварска сол?
Смалувањето на прекумерниот внес на готварска сол во секојдневната исхрана придонесува до подобра контрола на крвниот притисок, и во крајна линија смалување на бројот на заболени и починати како последица на високиот крвен притисок како “тивок убиец“. Светските практики говорат дека долгогодишните национални програми за смалување на внесот на сол резултираат со значајно намалување на просечниот крвен притисок кај населението како и намалена смртност од мозочни удари и кардиовасклуларни болести.
И за крај, ЗАПОМНЕТЕ!
Консумацијата на прекумерна количина сол е лоша навика која можеме да ја промениме за да си обезбедиме по здрав живот.
Важно е да бидете трпеливи! Чувството на „соленост“ зависи од количината наупотребената готварска сол, а храната ќе ви се чини како без вкус само во почетокот, но веќе по 2-3 недели сетилните клетки за сол во устата ќе станат почувствителни и на мала количина сол, а вкусот на храната ќе ви се чини уште побогат од претходно.